Рецензија: Најгласните професори против државниот испит со нула објавени научни трудови

Најгласните-професори-против-државниот-испит-со-нула-објавени-научни-трудови-crop-resize

 

Станува збор за обид за дискредитација и за спинување на основната причина поради која академската заедница претставувана од „Студентски пленум“ и од „Професорски пленум“ се противи на измените на Законот за високо образование. Главно споменуваната причина од нивна страна не се објавените трудови, туку воведувањето на државниот испит, кршење на автономијата на универзитетот и оценување на целосното знаење спротивно на Болоњскиот систем, односно со квантитативна метода (еден тест).

Најгласните професори против државниот испит со нула објавени научни трудовиЛинк до оригиналниот напис: Најгласните професори против државниот испит со нула објавени научни трудови

Датум и време на објавување: 28.12.2014, 13:18

Датум на рецензирање: 01.01.2015

Рецензент: Мирослава Бурнс

„Новите законски измени за високо образование го нарушија комодитетот на дел од професорите, па токму истите се причина тие да се противат.“

Кој го тврди ова? Ова е коментар на непотпишаниот автор, а не факт.

„Професорите кои беа најгласни на изминативе протести се директно засегнати од најавените измени во законот. Новините во високото бразование ги заоструваат критериуми за работа на професорите и истите ќе треба да објавуваат научни трудови во меѓународно реформирани списанија.“

Засмевање предизвикува непрецизноста „меѓународно реформирани списанија“. Најверојатно непотпишаниот автор мисли на „меѓународно реномирани списанија“. Но, професорите и досега пишувале трудови во меѓународни списанија. Тоа не е никаква новина.

„Ана Павловска Данева, Љубомир Фрчковски, Борче Давитковски, Годран Калајџиев се дел од најгласните професори на студентните протести против државниот испит, но истовремено и професори кои имаат нула објавени научни трудови, според евиденцијата за објавени трудови со импакт фактор објавени на Web of science.“

Нејасно е како токму овие професори се избрани за „најгласни“ кога против државниот испит се кренаа повеќе од 300 домашни и преку 80 странски професори. Се остава впечаток дека се одбираат токму овие професори поради партиската припадност. Изборот да се разгледуваат само нивните трудови е тенденциозен. Крајно проблематично од професионален аспект е тоа што никој не им се јавил за изјава да ги праша овие професори дали имаат објавено трудови. Манипулативно е да се тврди дека тие „имаат нула објавени научни трудови“, а да се гледа само една база на податоци – „Веб оф сајенс“ (Web od science).

Можно ли е овие професори да имаат објавено трудови во други бази, надвор од базата „Веб оф сајенс“? Демантот кој следуваше по ова писание покажа дека овие професори објавувале трудови во списанија со импакт фактор. Ако непотпишаниот автор се обидел да добие изјава од нив, во текстот немаше да недостасува оваа битна информација која суштински ја менува вистинитоста на изнесеното.

„Проф. д-р Борче Давитковски и проф. д-р Ана Павловска-Данева, објавиле повеќе научни трудови во научни списанија кои се референцирани во меѓународни бази на научни списанија, меѓу кои се и Lex Localis и Croatian and Comparative Public Administration. Списанието Croatian and Comparative Public Administration се референцира во следните меѓународни бази: Worldwide Political Science Abstracts, PAIS International – Public Affairs Information Service (Cambridge Scientific Abstracts, San Diego, SAD), Public Administration Database for Accessing Publications in European Languages – PA@BABEL (European Group for Public Administration), Public Administration Abstracts, Political Science Complete (EBSCO Publishing, Inc., Ipswich, Massachusetts, SAD), International Political Science Abstracts – Documentation Politique Internationale (Paris). Списанието Lex Localis се референцира во меѓународната база: SCImago Journal and Country Rank“, стои во демантот од Ана Павловска Данева и од Борче Давитковски.

И Фрчкоски има објавено трудови во списанија со импакт фактор.

Во врска со коментарите на непотпишаниот автор кој ги атрибуира на непостоечки извор („досега објавуваните информации“ не е извор), тие се нерелевантни, неаргументирани и во крајна линија невистинити, бидејќи професорите, според изјавите на „Професорски пленум“, се залагаат за нов закон за високо образование, но најмногу се против тоа што никој не ги вклучи во законот нивните ставови.

23 универзитети, факултети и институти го направија „сол“ предлогот на Министерството за образование за државен испит, но тоа власта не го зема предвид и за една недела го прати Законот во Собрание, каде во еден ден се разгледуваше на две комисии, а веќе следниот работен ден помина на прво читање.

На професорите не им беше овозможено да испратат свој претставник на комисиските расправи во Собранието и покрај барањето. Ова уште повеќе ги разжести протестите и отпорот кон игнорантскиот однос на власта.

„Ова е само потврда на досега објавуваните информации дека професорите се борат против новите законски измени кои можат да го нарушат нивниот личен комодитет, односно да не се открие нивниот евентуален неквалитет, бидејќи полагањето на државниот испит воопшто нив не ги задира.“

Горенаведеното е коментар на непотпишаниот автор, не е факт и на ваквото мислење со ништо не му се дало на тежина.

„Во изминатите неколку години од 6.000 македонски професори во меѓународно реформирани списанија се објавени само 4.000 трудови. Споредбено во истиот период во Словенија професорите објавиле 50.000 трудови или 12 пати повеќе од македонските.“

Фали важната информација – колку пари се дадени во Словенија за истражувачка работа, а колку во Македонија? Кога се споредува има некои индикатори што ја прават споредбата издржана. Значи, варијаблата вложени средства во Словенија и во Македонија е многу различна.

„Ова е вистината за споредбата помеѓу професорите во Словенија и Македонија. Македонија со 58 пати помалку средства, успева да продуцира 16 пати помалку трудови со импакт фактор. Или кога веќе љубите да ги сведете работите на суви бројки (што е апсолутна глупост) македонските професори се 3.6 пати поефикасни да претворат 1 евро во научен труд. Ако ги земеме во предвид просечните плати, кои се околу 3 пати поголеми во Словенија, ќе видиме дека перформансите на се (за чудо) приближно еднакви“, напиша професорот на ФИНКИ Игор Трајковски како одговор.

Станува збор за политички пристрасно четиво, кое има  цел неколкумина професори да ги претстави како неработници, да прошири чиста манипулација и невистина за нивниот професионален бекграунд и тоа најверојатно поради нивната партиска припадност.

Со коментарите перфидно се манипулира за да се претстават како факти. Кодексот на новинари налага дека право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите. Со врамувањето (фрејмингот), односно со изоставувањето на битни факти, сосема се менува суштината на текстот и читателот не може да добие сеопфатна слика.

Освен тоа, прекршен е членот 1 од Кодексот на новинарите, бидејќи не е побаран став од оние за кои се пишува, дали објавиле трудови во други бази на списанија кои вршат рангирање според факторот на влијателност. Сè на сè, станува збор за крајно пристрасен текст во кој се остава впечаток дека е побитно да се изгасне запалениот оган кој тлее на улиците, отколку да се пренесе севкупна слика за случувањата околу државниот испит.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција