Рецензија: Најгласните професори против реформите во високото образование избегаа…

Šorkat-skraten-0987-098-crop-resize

 

Прилогот кој го рецензираме е уште една потврда дека домашната полтичка и медиумска сцена се концептуализира како воено поле на кое политичките партии и медиумите кои ги застапуваат нивните интереси, водат отворена специјална војна за да ги придобијат или одвратат граѓаните од одредени политики кои ги застапува едната или другата страна.

Како и во секоја војна, прва страда вистината.

Šorkat skratenЛинк до оригиналниот напис: Најгласните професори против реформите во високото образование избегаа…

Датум и време на објавување: 7.01.2015 06:40

Датум на рецензирање: 10.01.2015

Рецензент: Александар Писарев

 

„СИТЕ“ НÈ „МРАЗАТ“

Со нешто што би се нарекло „половина риба–половина девојка“, бидејќи е напишано како творба помеѓу анализа и коментар, се прави обид да се искомпромитира и етикетира „Професорски пленум“, да се „испрати во аут“ како „продолжена рака на опозицијата“, да се претстави, што се гледа и од насловот, како „кукавица“ која избега од дебата што самата ја бараше, а медиумите кои се на негова страна по кој знае кој пат да се прогласат за платеници на опозицијата и на Сорос (Фондацијата отворено општество Македонија – ФООМ), со тоа што овојпат листата е проширена и на два странски медиуми кои ја „мразат власта“: „Радио Слободна Европа“ и „Гласот на Америка“, кои „не ја виделе единствената вистина“ и целосно ја дезинформираат јавноста.

 

ЗАДНИНАТА НА НАПАДОТ

Авторот во приказната, чија заднина е да се нападнат и дискредитираат „Професорски пленум“, опозициската партија СДСМ и ФООМ, не се потпира на факти, а во своите претпоставки нема никаков извор кој би ја поткрепил вистинитоста на кажаното. Целта на нападот на „Професорски пленум“ е и да се убедат граѓаните дека професорите, собрани околу пленумот, се кукавици и продолжена рака на СДСМ и оној момент кога премиерот ги повикал во Собранието на расправа, се „исплашиле“ и по инструкциите на партијата СДСМ избегале. Со тоа, како што се оценува, на виделина излегло дека целта не им била со расправата да се подобрат законските решенија за високото образование, туку да манипулираат со јавниста, а, всушност, во заднината е обидот на „неинвентивниот“ СДСМ да си ги оствари свои политичким интереси.

Авторот, кој се потпишал само со име (или е тоа можеби псевдоним), самиот признава дека проиозводот му се базира на претпоставки.

„По неколкуминутни политички консултации, професорите си го погазија зборот, најверојатно по добиени инструкции од центарот чии интереси ги бранат и застапуваат. Откако маските паднаа, станува сосема јасно дека таканаречениот Пленум не е ништо друго, туку само инструмент на СДСМ и СОРОС, чија единствена цел е да ја поддржува политиката и агендата на слабиот и неинвентивен СДСМ“

 

КРЕИРАЊЕ НА „ВИСТИНАТА“

Се продолжува со јасно нагласен дискурс да се манипулира со јавното мислење и да се креира „вистината“ која е по волјата на оној кој ги држи оските на моќта. Опозициските медиуми, кои и овојпат, според оценките на авторот, доживеале „дебакл“, отворено се обвинуваа оти лажат дека премиерот Груевски сам си го преместил собирот во Собранието, затоа што тоа била, всушност, идејата на професорката Билјана Ванковска, која тој само ја прифатил.
За да се засили притисокот на граѓаните да ја сменат комплетно перцепцијата за настанот, и двата угледни странски медиуми кои имаат програма на македонски јазик, „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“, се обвинети за ширењето „невистина“, со што се става до знаење дека се приклучиле на „коалицијата против власта“, односно се дел од „светскиот заговор“.

„Ниту на Глас на Америка, ниту пак на Радио Слободна Европа не може да се прочита дека Ванковска и останатите професори сами се согласија да дојдат на дебатата во Собрание и лично на Груевски му потврдија дека ќе дојдат. Овие медиуми целосно дезинформирајќи ја јавноста сакаат да го скријат токму овој факт, дека професорите прифатија да се појават на дебатата, а потоа избегаа од истата кои самите ја бараа.“

Цитирајќи ја речиси целата вест на „Гласот на Америка“, се заклучува дека е тоа манипулативен текст и ѝ се држи лекција за слободно новинарство на опозицијата, споменувајќи ја и „Нова ТВ“ како врв на „манипулации“ и на „оркестрирано новинарство“.

Не се заборавени ни студентите, кои, исто така, се „исплашиле“ од дебата и немаат „алиби“ за недоаѓање, кога владиниот портпарол јасно им ставил до знаење дека се „добредојдени“ на дебатата заедно со колегите кои се поддржувачи на предложените реформи во образованието.

Со ова, целата приказна се поедноставува, „виновниците“ се покажани со прстот, што кај читателите треба да побуди силни емоции и тие да застанат на страната што ги брани предложените законски решенија.

Прекршени се членови 14 и 16 од Кодексот на новинарите на Македонија, кои се однесуваат и на политички субјекти и на колеги новинари.

Известувањето од политички процеси, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

 

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува взаемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција