Рецензија: Нашите политичари имаат подобро CV од светските лидери
„Рускиот претседател Владимир Путин уште на дваесетгодишна возраст бил разузнавач, Обама ја преиспитувал својата духовност, а Ангела Меркел се омажила и била шанкерка. Македонскиот премиер Никола Груевски пред да стане политичар, бил брокер, шефот на државата Ѓорѓе Иванов бил новинар 7 години, собранискиот спикер Трајко Вељаноски десетина години работел адвокатура, а вицепремиерот Зоран Ставрески за да стане министер во македонската влада, го напушти работното место во Светската банка“.
Ова е воведот на рецензираниот текст, кој амбициозно се нарекува „истражување за минатото на македонските државници,“ а во кој треба да ни се допаднат биографиите на четири наши политичари – претседателот на државата, претседателот на владата, првиот парламентарец и вицепремиерот Ставревски. Иако биографиите се многу куси, како да излегле од некоја скудра книга каде секому му се доделени неколку редови да го опише животот, тие се доста храбро споредени со биографиите на шест светски лидери (Обама, Путин, Нетанјаху, Меркел, Камерон, Хси Џингпинг). Тоа се практично оние кои ги водат најмоќните држави на светот денес, со јасна назнака дека наведените имаат полошо CV од „нашите“.
Линк до оригиналниот напис: Нашите политичари имаат подобро CV од светските лидери
Датум и време на објавување: 16.12.2013
Датум на рецензирање: 16.12.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: И најповршниот читател на весници лесно ќе воочи дека од така штуро пуштени податоци за политичарите воопшто не може да се најде основот за споредбата, која, се чини, се претворила во цел. Нема, се разбира, никаква методологија, ниту вредносна скала за тоа зошто некој би бил повреден како новинар на чија кариера никој не се сеќава (нашиот Иванов), од некој што бил разузнавач, на пример од врвен калибар (Путин). Или зошто се прескокнуваат годините пред дипломирањето на тројца од нашите „политички ведети,“ а кај другите (Обама, Меркел) се бараат „гревовите во младоста“ , ако е грев на пример што Меркел работела во некој бар како шанкерка за да се издржува додека студира?!
Извори на информации: Во текстот не е наведен ниту еден извор од каде се извлекувани биографиите на споменатите политичари. Само кај Обама пишува дека некој Полиси Мик тврдел „ова и она“ ама кој е тој извор, каде се наоѓа, како може да се провери, дали воопшто така и се пишува… секако нема.
Содржајност: Јасно дека без извори текстот е правен во „чириба-чирибу“ модел. Така, кај премиерот е прескокнато дека завршил на Економски факултет во Прилеп, а немаме, на пример, податок колку долго студирал, кој предмет му одел добро, а кој не, како се издржувал. Потоа, дали установата каде беше неговата прва работа пропадна (онаа со кредитните картички), а вработените останаа на улица или дека „Балканска банка“ многумина ја врзуваа за злогласниот „Мултигруп“. Кај министерот Зоран Ставревски постои празна страница за периодот 1996 – 2006 година во официјалната биографија на Википедија (освен за кус период 2000-2001) и зошто функцијата на човек во оперативното одделение во Светска банка го кажува дека е врвен економист?! Се разбира, далеку би не одвело ваквото набројување за кое би ни бил потребен и голем простор, за што, пак, (за просторот) не биле свесни авторите кога се нафатиле со така амбициозна тема.
Пристрасност: Во така стеснет „ринг,“ на нејасно поставени „факти,“ треба да веруваме на „жими мајка“. Обама не е наркоман и христијански вероучител по африканските савани, туку политички активист низа години, три пати сенатор и така натаму. Или, Меркел била еден од најголемите физичари кои ги имала тогашна Источна Германија?! Или да се говори за воената кариера на Нетанјаху и таа да се става во рангот на нешто пониско од… што: од воената кариера на оние за кои не знаеме ни дали служеле војска и ако не служеле – зошто не служеле?!
Квалитет на насловот: Насловот е тој што треба да нѐ натера да читаме нешто во што никој однапред не верува, а што како чувство и импресија, секако, останува и по читањето. Тој е манипулативен и неповрзан со содржината внатре во текстот.
Фотографија: Заедно со кусите биографии на политичарите има и по една илустративна фотографија.
Говор на омраза: Не можеме да говориме експлицитно за омраза, но во текстот кон врвните политичари од странска провениенција очевидно постои потсмешлив и набедувачки однос: те некој живеел во пештера, те бил фармер (треба да се познава епохата на „Црвените универзитети“), некои „велат“ Обама се дрогирал, Меркел работела на шанк, Нетанјаху влегол во војска кога станал полнолетен (а кога одат машките во војска?), бил член на некоја улична банда, ама не признава (Дејвид Камерон) и така натаму. Се работи за постоење на пресумпција на вина кај сите врвни светски политичари. Со цел да станат „победници“ оние кои имаат просечни и потпросечни биографии од најголем дел од своите врсници (нашите политичари), ако се изземе членството во некоја партија или присуството на нечија „партиско-роднинска“ рака во водење на кариерите.
Заклучок: Како што одминува годината, начините на кои се сака да се остави траен белег во македонскиот журнализам за 2013-тата ги губат границите на пристојноста. И тоа уште со поставување на темата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар