Рецензија: НАУЧНИЦИТЕ СЕ ШОКИРАЛЕ: Пронајден доказ дека Бог постои!

FireShot-Screen-Capture-044-bogi-crop-resize

Летото, се чини, e идеално време за пласирање на сензационалистички измислици кои звучат како вистинити вести, бидејќи повеќето медиуми сметаат на тоа дека читателите тогаш преферираат „лесни ноти“ место сериозни политички теми. Ова би бил првичниот коментар откако ќе се прочита текстот кој е предмет на рецензијава, а чијашто тема е – ни помалку ни повеќе туку обраќањето на Господ на луѓето преку нивната сопствена ДНК!

Нема сомневање, темата е интригирачка, а написот формално задоволува многу од очекуваните новинарски стандарди – има наведени извори, има факти кои звучат како научни, има искази од стручни лица, кои, наводно, биле дел од ова опсежно генетичко-лингвистичко истражување. Но, проблемот е во тоа што се работи за лажно истражување, изведено од непостоечка научна институција, претставено на нејзиниот „официјален“ сајт кој, на прв поглед, делува сосема коректно и сериозно, доволно сериозно на него да „паднат“ и други портали, како на пример dnevno.hr, kurir-info.rs, telegraf.rs. Написот кој ние го рецензираме, всушност, во целост го пренесува текстот на хрватскиот dnevno.hr.

Внимателното разгледување на сајтот од кој оригинално потекнува веста за обраќањето на Бог преку човечката ДНК, ќе покаже дека Институтот за технологија на Вајоминг е само интелигентно и елаборатно осмислена шега. На тоа дека witscience.org е псевдо-научен сајт, укажа неодамна и престижниот The American Journal of Medicine, кој во текст од 3 јули годинава ги предупредува своите читатели за лажната научна студија за поврзаноста помеѓу Асбергер синдромот (вид на заболување) и убиствата, објавена на сајтот на таканаречениот Институт за технологија на Вајоминг, кој „очигледно објавува хумористични текстови под името на WIT“ . Весникот International Business Times, пак, во текст објавен на 28 мај 2014  ја раскринка лажната студија на истиот Институт, во која се тврди, ни помалку, ни повеќе, туку дека соларните панели за користење на сончевата енергија, му ја црпеле енергијата и го слабееле Сонцето! WIT и неговото „откритие“ за Божјите пораки впишани во човечката ДНК беше исмејан и критикуван дури и од страна на конзервативниот христијански весник The Christian Post.

Иако овие информации релативно лесно се добиени како резултат на интернет-истражување, со кое беше проверена кредибилноста на оригиналниот извор на информациите пласирани во написот кој го рецензираме, може да се заклучи дека ниту еден од медиумите не се потрудил да го направи истото, туку некритички прифатиле и пласирале една сензационалистичка вест, која, всушност, била шега. Како резултат на ова, читателите се дезинформирани.

Рецензија: НАУЧНИЦИТЕ СЕ ШОКИРАЛЕ: Пронајден доказ дека Бог постои!Линк до оригиналниот напис: НАУЧНИЦИТЕ СЕ ШОКИРАЛЕ: Пронајден доказ дека Бог постои!

Датум и време на објавување:  29.06.2014, 19:06

Датум на рецензирање: 7.07.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Првото што би се прашале анализирајќи го написот е: дали тој се темели на факти? Факти има, но тие се – лажни.  Во написот се наведува дека американска научна институција извела научно истражување поврзано со некои сегменти на човечката ДНК и наводно дошле до откритие дека дел од секвенците на ДНК, за кои дотогаш се сметало дека се безвредни (junk-DNA), всушност, криеле библиски пораки испишани на древниот арамејски јазик, на кој се смета дека зборувал и Исус Христос. Притоа, во детали е објаснето како било дојдено до тоа да се испитуваат тие секвенци, зошто почнале да ги вкрстуваат со сите познати модели на човечките јазици, дури се наведени називите на гените кои се испитувани, а цитирани се и конкретни научници, генетичари и лингвисти, кои ги елаборираат деталите. Но, откако на интернет ќе се побараат податоци за Институтот за технологија на Вајоминг (WIT), кој во написот се наведува како официјална научна институција која го спровела истражувањето на човечката ДНК, ќе се дојде до заклучок дека таква институција – не постои. Наведениот Универзитет Bob Jones чиишто научници наводно ги откриле библиските цитати во ДНК секвенците е, всушност, христијанско верско училиште, познато по своите расистички и тесногради политики кое ја отфрла Дарвиновата теорија за еволуцијата, а Human Genome проектот, со кој наводно WIT, исто така, соработувал, е мега-проект финансиран од американската Влада, кој бил завршен во 2003 година! Дополнително, истражувањето на интернет ќе донесе неколку написи кои се занимаваат со слични „научни истражувања“ на WIT, поточно ги демаскираат како обични шеги и невистини (hoaxes), како на пример „истражувањето“ за влијанието на ветерниците врз Земјината ротација, клонирањето на гувернерката на Аљаска, Сара Пејлин, или, пак, „откритието“ дека либерализмот бил предизвикан од дефектен хромозом!

 

„КРОМИД“ ПЛАСИРАН КАКО ВИСТИНА

Текстот како користени извори го наведува хрватскиот сајт dnevno.hr, а директното интернет пребарување со цел да се утврди релевантноста, односно кредибилноста на оригиналниот извор на информацијата за ова научно истражување, покажа дека тој е нерелевантен и лажен.

Комплетната информација за наводното истражување на човечката ДНК и фантастичните откритија на WIT е лажна. Но, во написот кој е предмет на рецензијава, како и во оригиналниот текст нема елементи на пристрасност и тоа донекаде го отежнува забележувањето на манипулацијата. Дури внимателното истражување за потеклото на информацијата ќе доведе до вистината.

Насловот содржи невистина и тоа пласирана во форма на непотребна драматика: шокирани научници, пронајден доказ дека Бог постои.

Дали пречесто паѓаме на „кромиди“ и интернет-шеги? Дали ова време на глобална мега-достапност на информации создава публика со некритички приод кон сервираните содржини или човекот полека ја губи битката со реалноста, бидејќи едноставно нема можност да ги проверува и препроверува сите информации кои му се пласираат како точни и проверени, од извори кои би требало да бидат кредибилни? Во “Falling for internet-hoaxes”, критички осврт на Columbia Journalism Review од 7 април 2014, се потсетува дека новинска писменост не подразбира само да ја  разбираш структурата, односно начинот на функционирање на медиумите, туку и да знаеш како да верификуваш вест од непознато потекло. Во случајот со веста за „сензационалното откритие“ на Божјите пораки во човековата ДНК, најмалку што можело да биде сторено е сериозно да се постави прашањето дали таква, несомнено несекојдневна вест, треба да се пласира пред читателите според системот copy-paste од само еден извор или треба да се стори напор  да се открие оригиналниот извор на веста, а потоа таа да се верификува преку консултирање на повеќе проверени, релевантни извори.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција