Рецензија: Не може да се минимизира улогата на министерот за одбрана

.

„Не може да се минимизира функцијата на министерот за одбрана. Таа е многу важна за безбедносниот систем на Армијата. Иако министерот нема командна функција, тој одлучува за буџетот на Армијата заедно со владата, ја носи одбранбената стратегија заедно со Врховниот командант, па дури има и овластувања да предлага именување на воени старешини од понизок ранг…“ ова е така во ТВ прилогот.

(1) recenzija-ne-mozhe-da-se-minimizira-ulogata-na-ministerot-za-odbranaОвој телевизиски прилог е важен бидејќи се надоврзува на говорот на премиерот на Конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ во Охрид, каде Груевски истакна дека не е важно кој е министер за одбрана или негов заменик додека ВМРО ДПМНЕ е на власт, со што се минимизираше позицијата и функцијата на тукушто поставениот министер за одбрана, Талат Џафери.

Новинарката Сања Васиќ прави прилог во кој низ експресно реагирање наоѓа компетентни соговорници кои ја девалвираат тезата на премиерот.

Линк до оригиналниот напис: Не може да се минимизира улогата на министерот за одбрана

Датум и време на објавување: 04.03.2013 во централниот ТВ дневник (21.40)

Датум на рецензирање: 06.03.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Прилогот ги дава директно на екран изјавите на премиерот и на двајца високи функционери од одбраната – еден началник на штабот, Митре Арсовски и еден ексминистер Владо Поповски, кои се одлично упатени во материјата.

Извори на информации: Текстот реагира веднаш на спорниот дел од говорот на премиерот и прави негова оценка низ прашања до поранешниот началник на генералштабот на АРМ, Митре Арсовски и ексминистерот за одбрана, Владо Поповски. Тие се секако официјални и компетентни да ја оценат позицијата на првиот човек на одбраната. Нивна оценка е на пример дека министерот за одбрана има 51 функции кои се независни од која било друга институција и установа во земјата. Тие укажуваат на силните компетенции кај кадровската политика и во други области. Интервјуираните се оценувачи од два најважни, но различни столбови во НО – началник на ГШ и министер. Во принцип тоа се функционери кои вообичаено тешко се добиваат за разговор и ретко говорат за прашања на одбраната, макар и низ призмата на уставните и законски одредби за таа материја.

Содржајност: Прилогот оди и понатаму од темата и наоѓа недостатоци во постојните измени на Законот за народна одбрана, но и во одредени поранешни постапки на министри за НО кои се малку познати за јавноста, а кои биле контрадикторни и дури неуставни. Една од нив е постапката за необјавување на војна на УЧК, а вклучување на војската во голема операција на Шар Планина.

Пристрасност: Новинарката зема како соговорници лица кои се блиски на партијата на власт и имале (Арсовски) или имаат (Поповски) одговорни функции во нејзините органи или државни институции, па нема основ да се третира како наклонета на страната која во текстот се оспорува, а тоа е првиот човек на владата и на една партија. Особено што сето ова се случува во време на предизборна кампања. Ставот на опозицијата не е користен во овој прилог.

Коментирање: Прилогот нема намера да коментира туку да соочува факти низ изјави на соговорници, конкретно за позицијата на министер, кои како што се покажува се согласни на највисоките правни акти во државата, но и низ правилата и актите на АРМ, многу силни и покажуваат на многу одговорна и силна функција. Новинарката не си зела за право со свој став да го обременува прилогот на кој било начин.

Квалитет на насловот: Насловот на прилогот, кој постои и на сајтот на Телма е доволно кус и доволно јасен за да му назначи на гледачот за темата и воедно е резултатот од истражувањето.

Фотографија: Фотографијата е само стоп кадар од стартот на прилогот и таа нема амбиција да преставува каква било засебна вредност, туку само ориентир во изборот на гледачот (читателот).

Уреден за веб: Се работи за ТВ прилог кој во опремата соодветствува на потребите на ТВ дневникот, а на сајтот се дава и текстуален пролог и има можност веста да се види во малку скусено издание.

Заклучок: Прилогот е пример за брзо, телевизично, кусо, а сеопфатно реагирање на тема на денот, која ја немаа другите ТВ станици. Темата не беше присутна во таа форма во ниту еден весник или агенција, што беше за очекување, со оглед на актуелните судири, кои, по прашањето на позицијата на министерот за одбрана и изборот на конкретната личност на таа функција (Талат Џафери) ја потресуваат земјата и предизвикуваат меѓунационални судири. Темата на намерното и од највисоко ниво негирана важност на функцијата на министер за одбрана не беше третирана ниту во деновите што следеа, па прилогот остана како осамен, но професионален обид веднаш, непосредно по изјавата на премиерот, да се направи ТВ прилог.

Не може да се минимизира улогата на министерот за одбрана

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција