Рецензија: Не работи, земај плата и оди на одмор – принципите на СДСМ

sdsm-PLATA-SOBRANIE-CROP-RESIZE

Ова е текст кој не се базира на вистина, туку на извртување на вистината и спинување. Притоа, нема ниту еден извор или податок кој ќе ги поткрепи неговите тези. Ниту една од тезите не е издржана, почнувајќи од тоа дека пратениците од СДСМ без работа се богатат на државна сметка, до тоа дека летуваат во Грција што за текстот претставува најголемо зло. Овој текст сака да ја омаловажи опозициската партија и преку тоа дека пратениците од стариот состав земаат апанажа, а скриено, на крајот од текстот, во една полуреченица, всушност се демантираат самите себеси:

Сепак, власта ја донесе одлуката да им се додели апанажа на пратениците од претходниот состав без исклучок на сите бидејќи се работи за право кое е предвидено со закон.

Но, и тука се прави спин, затоа што не е власта таа која дава апанажа, туку тоа го дозволува Законот за пратеници:

Член 36

Пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година.

Пратеник може да остварува плата според одредбите од ставот 1 на овој член подолго и од една година, а најмногу уште шест месеца, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.

sdsm PLATA SOBRANIEЛинк до оригиналниот напис: Не работи, земај плата и оди на одмор- принципите на СДСМ

Датум и време на објавување: 20.08.2014, 08:00

Датум на рецензирање: 21.08.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КОНСТРУКЦИИ

Текстот не нуди факти ниту докази, притоа ја извртува вистината.

Во еден дел се вели:

Ако првиот чекор што после најавата за бојкот на Собранието беше поднесувањето на барањата за апанажа на речиси цела поранешна пратеничка група на СДСМ токму до Собранието, вториот чекор на водачите на бојкотот на Собранието – беше доставувањето на трансакциските сметки на кои треба да им легнува платата, исто така до Собранието. Значи бојкот за работата и бојкот на народната волја. Но бојкот за пари во СДСМ нема.

Напротив, на 10.05.2014 година, Рената Десковска, член на Извршниот одбор на СДСМ изјави:

Денешната верификација на мандатите на кандидатите за пратеници од oпозицијата, и покрај нашите нотарски заверени изјави е уште еден доказ за самоволието, насилството и ароганцијата на власта.

Со тоа паѓа во вода тезата дека пратениците на СДСМ го признаваат Собранието само за пари, туку дека без нивна волја се прифатени нивните мандати, а законски на тоа им следува и плата како и на сите пратеници на кои не им е прифатена оставката.

Исто така во делот:

На сметките на пратениците од СДСМ кои не поминаа ниту една минута работно во Собранието за каде беа избрани од граѓаните, досега се легнати доста пари!!! И бидејќи месеците јули и август се месеци во кои секое македонско семејство го троши својот буџет за годишен одмор, се наметнува прашањето Дали пратеничката плата пратениците од СДСМ ја потрошија за плаќање на својот летен годишен одмор?

… е направена груба конструкција и минипулација. Колку се тоа доста пари? Дали тоа е исто колку што земаат и другите пратеници? Згора на сѐ, платата на пратениците се формира според Закон (Закон за плати, Закон за лични доходи на пратениците и на другите функционери), а не според паушални пресметки, па некој да зема „доста“ пари, а некој „недоста“.

Во Законот за лични доходи на пратениците и на други избрани функционери стои:

Член 5

Платата на пратеник во Собранието се пресметува месечно, врз основа на податоците од Републичкиот завод за статистика според основицата од член 11 на овој закон по коефициент до 3,70.

Платата на пратеник во Собранието од став 2 на овој член се зголемува за работното искуство за 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

 

ЛОВЕЊЕ „НЕПАТРИОТИ“

Во пасусот:

Лидер во неколку наврати се обидуваше да исконтактира повеќе пратеници од СДСМ за да ги прашаме дали со неизработената плата од Собранието што го бојкотираат си го финансираат својот летен одмор. Но тие или не се јавуваа или на нивните телефони се вклучуваше оператор на грчки јазик.

… сака да се имплицира повторно ересот од тоа да се летува во Грција. Поради тоа е наметнат и делот дека операторот се вклучувал на грчки јазик. Зошто би било спорно да се оди на одмор во Грција? Потоа, се поставува прашањето зошто да е спорно да се летува било каде со легално заработени пари, добиени на сметка, без криминални дејствија.

Исто така со тезата дека:

Инаку, особено реакции кај власта предизвика барањето за апанажа од страна на заемник-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, потег што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го оценија како лицемерен во однос на партискиот став дека не го признаваат изборниот резултат, со тоа и овој пратенички состав, а очекуваат токму од него да им го додели правото на апанажа

… се прави етикетирање на личности. Притоа не се кажува дека апанажа земаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, сите кои не се најдоа на новите листи.

Ова е уште еден текст кој сака да ја омаловажи опозициската СДСМ. Притоа не се внимавало на ништо. Никаде нема факти, аргументи, ниту пак некакви извори. Направена е кармакаша од повеќе „тези“ кои не се докажливи затоа што не се вистинити. Значи, уште еден текст за омаловажување, етикетирање и ловење непатриоти.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција