Рецензија: Новинарката Лупевска вечерва се мажи за Турчин

02242014-Lupevska-Denesen-crop-resize

Во оваа рецензија нема да навлегуваме во тоа како се случи новинарите и нивниот приватен живот да станат медиумски атрактивни теми, но, кога е веќе така, секако ќе ги одмеруваме тие новинарските текстови од аспект на нивната етичка и професионална „исправност“ со помош на методологијата на Сервисот за проверка на факти од медиумите.

Ако веќе прифативме дека животот на новинарите, како проминентни личности (зашто само како такви можат да бидат медиумски вредни теми), е од јавен интерес, новинарска вест за свадбата на една новинарка е логична последица на тој интерес.

Но, зошто би била од јавен интерес националната припадност на младоженецот и тоа во насловот?

Објавувајки го тој детал, и тоа во насловот, медиумот и авторот на оваа куса вест прекршиле директно два члена од Кодексот на новинарите и, индиректно, уште три члена од истиот кодекс

Како прво, прекршен е првиот став од членот 7 од Кодексот кој вели:

„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.“

Последователно, авторот на овој текст го „повредил“ и членот 11 кој сугерира дека:

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Оттаму, ги упатуваме авторот и медиумот што ја објавил оваа информација на публикацијата  „Прирачник за етика во новинарството“ (Т.Чаусидис/З.Бојаровски, ЗНМ, 2012), посебно на главата „Известување за различности“ за да прочитаат зошто стереотипите се непријатели на доброто новинарство.

02242014-Lupevska-DenesenЛинк до оригиналниот напис: Новинарката Лупевска вечерва се мажи за Турчин

Датум и време на објавување: 21.02.2014, 09:0

Датум на рецензирање: 23.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Во меѓувреме имавме и свадба и оваа вест нема проблем со вистинитоста.

Извори на информации: Овој текст е преземен од друг онлајн медиум со една непотребна додавка во насловот заради која оваа вест добива крајно проблематични димензии.

Квалитет на насловот: Во насловот се крие најголемиот проблем за авторот на оваа вест, за уредникот (ако тој го ставил насловот) и за медиумот кој е изложен на критики заради непрофесионалност и заради тоа што станал платформа за афирмација на стереотипи кои предизвикаат говор на омраза на социјалните мрежи, односно во јавноста.

Говор на омраза: Членот 10 од Кодексот на новинарите предупредува на сѐ што може да предизвика еден ваков текст, односно наслов:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

За жал, очигледно е дека авторот на оваа вест не ги прочитал овие предупредувања. Освен тоа, уредникот на медиумот не се ни обидел да ги тргне „мразачките“ коментари на оваа вест.

Заклучок: Една мала, но непримерна интервенција во насловот на оваа вест направи од неа пример за студија на случај за пишување насловница на една вест, за етичките принципи во новинарското известување за различности, како и за медиумската култура и солидарноста на колегите во професијата. Тоа го поткрепуваме со уште два члена од Кодексот на новинарите:

Член 15.

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспоиво со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

 

Член 16.

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција