Рецензија: Новогодишниот инает на Жерновски ќе ги чини граѓаните и до 100.000 евра!

Пулс 24   Новогодишниот инает на Жерновски ќе ги чини граѓаните и до 100.000 евра-crop-resize

Пред нас се наоѓа текст кој изобилува со коментари и со проценки за кои не е наведено од каде потекнуваат. Затоа, информацијата, дека новогодишната забава на општината Центар ќе чини околу 100.000 евра, остава впечаток како да е на авторот на текстот, кој, пак, е потпишан под псевдоним – „Вероника“. Кога ќе се провери импресумот на сајтот, се доаѓа до заклучок дека таму не фигурира автор со име Вероника. Ова во поглед на одговорноста е несериозно. Тезата во текстот дека Град Скопје има право да организира прослава, а Општината нема право е субјективна и небазирана на извор. Уште повеќе, авторот ја карактеризира новогодишната прослава на Општината како „удар врз традиционалната“, иако во истиот текст тврди дека и традиционалната ќе се одржи. Од ова се забележува пристрасноста.

Пулс 24   Новогодишниот инает на Жерновски ќе ги чини граѓаните и до 100.000 евраЛинк до оригиналниот напис: Новогодишниот инает на Жерновски ќе ги чини граѓаните и до 100.000 евра!

Датум и време на објавување: 21.12.2013, 02:49

Датум на рецензирање: 22.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Во текстот има вистинити факти, како, на пример, тоа дека Општина Центар организира новогодишна забава. Меѓутоа, она што остава голем простор за сомнеж во вистинитоста, поради тоа што не е аргументирано, ниту поткрепено со докази, е тоа што авторот не дава извор за „проценката“ за сумата од 100.000 евра. Големиот број коментари, исто така, се причина за да се сомневаме во вистинитоста на тврдењата. Формулацијата „граѓаните коментираат“ е аларм за вистинитоста, исто така, бидејќи формулацијата е воопштена и остава простор за сомнеж дека е на авторот. Постои сериозна неконзистентност меѓу насловот и текстот во поглед на бројките. Во насловот пишува дека забавата ќе достигне 100.000 евра, а во текстот – „стотици илјади евра“ што се два различни податоци и уште еднаш ја покажуваат паушалноста на изнесените информации.

Извори на информации: Во текстот може да се лоцира еден воопштен, непрецизен извор – „хрватските медиуми“. Иако не е наведено, податокот за новогодишната забава на Општина Центар беше презентиран на прес-конференција. Останатите наводи во текстот или не се базираат на извори, или се коментари, или се оценки и вредносни судови на авторот.

Содржајност: Текстот се обидува да ја дисквалификува одлуката на Општина Центар да организира новогодишна забава како расипничка и делумно предавничка:

„Интерсно е што прославата на Нова Година на Плоштадот Македонија се организира традиционално 15 години и оваа традиција ја почитувале и Ристо Пенов и Труфун Костовски и Коце Трајановски. Оттука, овој преседан на Жерновски значи и удар на традиционалната прослава во Центар и Градот Скопје.“

Низ целиот дискурс доминира намерата и идејата да се претстави оваа прослава како „натрапничка“, „нетрадиционална“ и со тоа да се обезвредни. Освен ова, текстот не нуди аргументи, нема изјави од извори, ниту пак обид да се добие втората страна. Авторот не покажува дека се потрудил да ја заврши својата новинарска задача и да му ги постави прашањата на оној за кого пишува. Наместо тоа, коментира:

„Останува нејасно зошто градоначалникот Андреј Жерновски не понудил заеднички да учествува во традиционалната прослава или не го направил настанот во некој друг дел на општина Центар кај што досега не била органзирана ваква прослава.“

Работа на новинарот е да го праша оној за кого пишува зошто „не понудил заеднички да учествува во традиционалната прослава или не го направил настанот во некој друг дел на Општина Центар кај што досега не била органзирана ваква прослава.“ Така, тоа не би останало нејасно. Работа на новинарот е да ги прашува изворите за да разјаснува, а јавноста да расудува.

Пристрасност: Текстот е несомнено политички пристрасен. Се добива впечаток дека неговата функција е да ја претстави забавата на Град Скопје како единствено „традиционална“, „прва“, „вистинска“, а новогодишната прослава како „расипничка“, „натрапничка“ и „предавничка“.

 Коментирање: Ретки се речениците што не се коментари. Во продолжение како цитати ги наведуваме сите коментари во текстот:

„Со ваквиот потег на Жерновски сите тврдења дека нема пари за реконструкција на училишта и градинки и дека општинската каса е празна паѓаат во вода. Тој само пред неколку месеци се жалеше дека нема пари да ги плати учителките за целодневна наставна во основите училишта во Центар, а денес организира скапи и непотребни новогодишни прослави.“

„Интерсно е што прославата на Нова Година на плоштадот Македонија се организира традиционално 15 год и оваа традиција ја почитувале и Ристо Пенов и Труфун Костовски и Коце Трајановски. Оттука, овој преседан на Жерновски значи и удар на традиционалната прослава во Центар и Градот Скопје.“

„Ова е прв пат Општина Центар да органзира паралелна прослава на нова Година, а уште позачудувачки е што овој настан ќе го одржи на Сквер Јадран кој е практично на Плоштадот. Оттука, граѓаните со право коментираат дека во Центар за Нова Година ќе биде хаос, бидејќи на 50 метри ќе има поставено 2 бини на кои ќе има 2 паралелни концерти, па под знак прашање е која музика ќе се слуша.“

„Останува нејасно зошто градоначалникот Андреј Жерновски не понудил заеднички да учествува во традиционалната прослава или не го направил настанот во некој друг дел на општина Центар кај што досега не била органзирана ваква прослава.“

„Очигледно кај Жерновски била посилна желбата наместо со прослава да се занимава со политика и поделби на самата новогодишна вечер.“

„Оваа сума на пари којашто Жерновски ќе ја потроши воопшто не е за занемарување. Општина Центар можеше овие средства да ги искористи за обезбедување на целодневна настава во основните училишта во центар, за изградба на нови паркови, детски игралишта или асфалтирање на улици“.

Оригиналност/Плагијат: Текст со слична содржина и делумно идентични реченични конструкции, судејќи според времето на објава, претходно е објавен овде.

Квалитет на насловот: Насловот е пристрасен и во него како факт се презентира информација која текстот не ја потврдува и не ја оправдува.

Фотографија: Фотографијата е поставена за да го засили коментарот од насловот.

Заклучок: Авторот не ја завршил својата работа, не консултирал извори, не обезбедил изјави и следствено напишал коментар во форма на информативен текст. Поголемиот дел од шпекулативните наводи, според новинарскиот кодекс, е потребно да се квалификуваат како такви, односно јасно да му се стави до знаење на читателот дека станува збор за шпекулација а не за „проценка“ на сумата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција