Рецензија: Од идната година железничка станица во Скопје во ново руво

Најавата дека скопската железничка станица ќе се реновира 30 години по изградбата, ја проследија повеќето домашни медиуми преку пренесување на веста на агенцијата МИА. Она што ја издвојува оваа вест е несмасната преработка на агенциската вест што го збунува читателот. Доколку тој не знае дека Скопје имало стара железничка станица која одамна не функционира, но и дека цели 30 години градот има друга станица, чиешто реновирање всушност го најавува министерот Јанакиевски, ќе стекнеше впечаток дека Скопјани дури „повеќе од цели 30 години“ чекаат на „нова реновирана“ железничка станица.

Целата воведна реченица, односно главата на веста, заслужува комплетна преработка за да може да се разбере што точно најавил Јанакиевски во врска со станицата:

„ Скопје ќе добие нова реновирана железничка станица по повеќе од цели 30 години, откако старата железничка станица се урна во катастрофалниот земјотрес кој се случи на овој ден пред педесетина години.“

Во расчистувањето на дилемата не помага ниту насловот, кој најавува „железничка станица во ново руво“ без членување, па тука се потенцира впечатокот дека се најавува некоја сосема нова железничка станица во Скопје.

press24mk recenzija zeleznicka stanica novo ruvoЛинк до оригиналниот напис: Од идната година железничка станица во Скопје во ново руво

Датум и време на објавување: 26.07.2013

Датум на рецензирање: 30.07.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Квалитет на насловот: Иако генерално коректно срочен, насловот е истовремено и збунувачки, бидејќи вели дека „Од идната година железничка станица во Скопје во ново руво“ без да биде членувана придавката „железничка“ како да се работи за некоја нова, а не за веќе постојната железничка станица.

Заклучок: Една агенциска вест не би требало да претставува голем предизвик за преработување и нејзино прилагодување за објавување во некој медиум. Сепак, ова се покажува како преголем залак при преработката на агенциската вест на МИА за најавата на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски за реновирање на постојната железничка станица во Скопје.

Она што звучи логично во главата на веста на МИА,  во пренесената вест звучи конфузно и неразбирливо. Читателот не може со сигурност да утврди за која станица станува збор во информацијата и дали од уривањето на старата, како што вели авторот „на овој ден пред педесетина години“ Скопје воопшто немало железничка станица, па дури сега ќе добие „нова реновирана“ или по 30 години ќе се реновира некоја друга станица (не се наведува која). Кога на ова ќе се додаде и насловот на веста „ Од идната година железничка станица во Скопје во ново руво“, каде придавката „железничка“ е нечленувана и читателот го упатува на тоа дека Скопје ќе добие некаква друга, непозната, нова станица, ефектот на конфузија станува комплетен.

Сето ова ќе беше избегнато со лекторски увид во написот пред неговото објавување, бидејќи сега е повеќе од евидентно дека тоа не било сторено.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција