Рецензија: Официјално најзагадениот град во светот има просек од 372 ПМ10, Скопје сега има 600!
Статистичките податоци оставаат простор за различно претставување на состојбите. Пред нас се наоѓа текст во кој годишниот просек на загаденост на воздухот се споредува со месечниот просек, што не е меродавно за да се донесат вистински и точни заклучоци, бидејќи не ни се познати резултатите од мерењата на ПМ10 честичките во останатите 11 месеци.
Линк до оригиналниот напис: Официјално најзагадениот град во светот има просек од 372 ПМ10, Скопје сега има 600!
Датум и време на објавување: 27.12.2013, 10:04
Датум на рецензирање: 31.12.2013
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Внимателните читатели ќе забележат дека во текстот просекот од 372 ПМ10 честички е годишен просек во градот Ахваз, а дека просекот за Скопје 600 ПМ10 честички е за месец декември, кој во моментот на објавување на текстот не е завршен. Одделните факти се точни, меѓутоа споредбата на просечните вредности би можела да биде на годишно ниво кај двата града, или пак на месечно ниво, за да бидат издржани компарациите и да се добие точна слика за тоа каде се наоѓа Скопје на мапата на загаденост во светот.
Извори на информации: Како извори се користат ставови на Светската здравствена организација, податливи табеларни прикази и поврзување со линкови со содржини кои се во врска со сторијата. Недостасува основниот извор односно веб-порталот од кој е извршен преводот.
Содржајност: Во поглед на тоа каква е состојбата во светот со најзагадените градови и годишното ниво на честички, текстот не е многу податлив, но во комбинација со табелата може да се добие сеопфатна слика. Искористени се мултимедијалните можности кои ги даваат платформите на интернет, што е позитивен пример.
За некои од тврдењата да станат поуверливи за читателите, потребно е да се наведе извор. На пример недостасува изворот во тврдењето за мерењата во Скопје:
Иако Скопје го нема на списокот на СЗО, мерењата во македонскиот главен град покажуваат дека во декември во неговиот воздух имало просечна концентрација на ПМ10 од 600 на кубен метар, а понекогаш таа бројка достигнува и до 1.000.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е делумен превод од странски сајт со адаптација за македонски услови, во смисла на тоа што е додаден аголот за скопскиот воздух, со што приказната се прави поблиска за македонски услови. Меѓутоа, не е наведен изворот од каде што се преведува. Од таму се преземени и табелите.
Квалитет на насловот: Од насловот може да се заклучи дека воздухот во Скопје е позагаден отколку во најзагадениот град во светот, што сепак е не е вистина, поради фактот што се споредуваат годишен просек со состојба во текот на еден месец. Поради тоа, насловот не ја обелоденува вистината, напротив, манипулира, бидејќи во него е испуштена информацијата дека просекот од 372 пм10 честички, е годишен просек.
Меѓутоа, насловот од првичното објавување на веста е еднаш променет, со што се има направено обид да се долови точната слика, со додавањето на зборот „сега“.
Фотографија: Авторот на фотографијата која е на Ројтерс, Мортеза Никоубазл, не е посочен. На фотографијата е претставен Техеран. Четири од најзагадените градови во светот се во Иран, не вклучувајќи го Техеран. Во секој случај фотографијата е соодветна, односно илустрира загаденост на воздух.
Заклучок: Кога се донесуваат заклучоци базирани на статистика, од исклучително значење е да се посочат и параметрите. Во конкретниот случај многу е важно да се посочи дека резултатите од мерењата во Ахваз го покажуваат просекот во една година, а резултатите од мерењата во Скопје ја покажуваат состојбата од мерење во тек на еден месец. Значи, можно е во некои други месеци, хипотетички, нивото на честичките да биде пониско и годишниот просек да не е колку во најзагадените градови во светот. Кога состојбата со воздухот во Скопје е алармантна, вниманието на новинарите е фокусирано на сите аспекти на загадувањето, вклучително и споредбата со светските статистики. Тоа е за пофалба, меѓутоа треба да се изведе професионално и со чесно претставување на статистиките.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар