Рецензија: Откриено дувло на наркомани во општина Аерoдром

Photo Kate sklop 003 final

 

Откриено дувло на наркомани или сокривање на негрижата на станарите за хигиената? Ваква е дилемата што ја наметнува прилогот, во кој се дадени многу категорични заклучоци без понудена аргументација. Прилогот не дава одговор на основните прашања, кои читателот или гледачот реално ги очекува.

Screen Capture #038 - 'ALFA TV' - www_alfa_mkЛинк до оригиналниот напис:  Откриено дувло на наркомани во општина Аеродром

Датум и време на објавување: 21.07.2013, 17:25

Датум на рецензирање: 29.07.2013

Рецензент: Катерина Блажевска

Вистинитост: Камерата регистрира дел од наводите во текстот, „расфрлани шприцеви, игли, пивски шишиња, остатоци од храна, отпушоци од цигари на сите страни“, по што паушално се констатира дека „подрумите во овие згради се засолниште за наркоманите“.

Оценката е изведена без реална аргументација, бидејќи никој од станарите не сакал да зборува. „Станарите исплашени не сакаат да зборуваат пред камерата, зашто имале закани по живот“. Нема прашање до станарите кој им се заканувал, ни дали тие закани ги пријавиле во полиција. Нема прашање дали се обратиле до некоја друга служба поради страв дека „подрумите се и извор на заразни болести“ и дали некој станар(и) од зградата досега имал здравствени проблеми тесно поврзани со нехигиената во зградата. Не е поставено ни прашањето дали станарите ја почитуваат законската обврска – дaли зградата има управител, заедница на станари, куќен совет и дали станарите плаќаат надоместок за одржување на хигиената.

Во прилогот се наведува и дека „дополнителен проблем е тоа што во близина се наоѓаат детски игралишта и нишалки, каде секојдневно има деца“. Нема одговор дали некое дете било во допир со отпадот и кој е задолжен за хигиената во и околу блиските детски игралишта. Поради сето ова, не може да се утврди веродостојноста на наводите.

Извори на информации: Прилогот се темели на анонимни извори, а единствен официјален извор е градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски, кој потврдува дека досега никој не пријавил проблем. Тој укажува дека „приватната сопственост како што се зградите и куќите, се под ингеренции на сопствениците“, односно „куќните совети на здруженијата на станарите се грижат за одржувањето на хигиената“.

Но, ако аголот на темата е хигиената и кој е надлежен за нејзино одржување, тогаш „виси“ сензационалистичкиот наслов: „Откриено дувло на наркомани во општина Аерoдром“.

Содржајност: Веста не е сеопфатна, бидејќи ниту се поставени вистинските прашања и не се добиени потребните одговори. На тој начин се прикрива вистинската состојба во функционирањето на куќните совети во зградите и начинот на кои тие го организираат одржувањето на хигиената.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационален, а бидејќи не е поткрепен со ниту еден конкретен факт. Има потенцијал да дезинформира. Снимката од шприцеви и игли ја  покажува момненталната состојба, но не докажува кој ја предизвикал. Колку за потсетување, пред неколку години во скопска населба беше најдено големо количество расфрлани шприцеви и игли. За среќа, никој паушално не објави дека е „откриено дувло на наркомани“. Набрзо се докажа  дека тоа е медицински отпад од блискиот здравствен дом, што несовесно и надвор од законската процедура бил депониран во фреквентно населено место.

Заклучок: Прилогот не е сеопфатен и повеќе прикрива отколку што открива факти. Не само што не се поставени суштинските прашања кои ќе дадат одговори за опишаната состојба, туку се изнесува паушален заклучок, со сензационалистички наслов, без никаква аргументација за заклучокот во него.

Прилогот има повеќе агли, од кои ниту еден не е доминантен, освен во насловот. Тој е изгубен меѓу две тези кои се ставени во тесна врска за ширење стереотип – нехигиената во зградите како доказ за „дувло на наркомани“. Не е наведен никаков извор, а се пласира податокот дека

„во Македонија на секои 18 часа има по еден нов корисник на дрога или по 500 годишно. Официјално бројот на зависници е меѓу 10.300 и 10.900, а според експертите, неофицијално тој број е до шест пати поголем“.

Ваквите бројки од неидентификувани извори не се во функција на одговор на прашањата што ги мачат граѓаните, туку паушална интерпретација која може да заврши како манипулација и дезинформација.

Патем, во прилогот и во насловот се користи терминот „наркоман,“ кој одамна е исфрлен од медиумскиот и од јавниот дискурс како некоректен, пежоративен и кој води кон стигматизација. Современите медиуми кои држат до информативната и комуникациска коректност го употребуваат терминот зависник од дрога, аналогно на зависник од алкохол, цигари, таблети и други видови зависности.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција