Рецензија: Папуљас ја поддржува идејата за „Славо – албанска Македонија“?

КАНАЛ-5-Телевизија-2013-1-crop-resize

Во оваа рецензија се сосредоточуваме на новинарски текст кој е заведен од наметната медиумска конструкција без да се применат заштитните професионални и етички механизми кои ќе го заштитат медиумот, редакцијата и новинарот од мултипликацијата на наводни настани, изјави или постапки и кои помагаат со соодветна светлина за да се издвојат псевдонастаните од фактите.

КАНАЛ-5---Телевизија-2013-1Линк до оригиналниот напис: Папуљас ја поддржува идејата за „Славо – албанска Македонија“?

Датум и време на објавување: 04.11.2013 во 15:25, обновено во 22:20 часот.

Датум на рецензирање: 06.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Иако медиумот чија вест ја рецензираме тука, со тоа што се повика на албанскиот медиум и со нејасниот заклучок во последниот пасус кој го пренесуваме во целост

„Оттука се отвора прашањето дали навистина станало збор за некој конкретен предлог или пак било спомената ова име, имајќи го во предвид фактот што портпаролот на грчкото МНР категорично демантираше дека Василакис предложил“,

сепак не успеа да му оддолее целосно на искушението и стана само уште еден медиум кој ја мултиплицираше јавната дебата за наводниот предлог „Славјанско-албанска“ за додавка на името на нашата држава.

Еднодневното истражување за потребите на оваа рецензија потврди: На прес конференцијата за новинарите по повод посетата на Папуљас на Албанија, грчкиот претседател не кажал ништо во врска со наводниот предлог „Славјанско-албанска Македонија“. Тоа го проверивме со преводот на обраќањето на грчкиот претседател, кое во целост, во видео формат е објавено на интернет изданието на албанскиот медиум под наслов „Nishani-Papulias: Hiqni Ligjin e Luftës dhe respektoni Traktatin e Miqësisë (VIDEO)“. На тајмлајнот на видеото со изјавата на Папуљас, грчкиот претседател за регионалните прашања и за Македонија зборува од 05:00 до 05:27 и вели:

„Го информирав г. Нишани за приоритетите на грчката надворешна политика и посебно за последните настан аоколу кипарското прашање. Исто така разменивме мислења за регионални прашања. Што се однесува до ПЈРМ нагласив дека тежнеам кон тоа да се најде едно постојано име, обострано прифатливо со географска одредница за севкупна употреба.“

Толку. И ништо повеќе.

Си рековме дали можеби Папуљас наводниот предлог го коментирал на прашање на новинар. Го проверивме и тоа со некои колеги од Албанија кои биле на настанот и тие ни рекоа дека по обраќањето на двајцата претседатели пред новинарите немало новинарски прашања. Тоа го потврдува и овој интернет портал од Тирана во својот извештај од средбата Нишани-Папуљас со наслов „Nje konference pa pyetje Nishani kerkon te hiqet ligji i luftes Papulias kerkon te drejtat e minoritetit Grek“ („На конференција без новинарски прашања – Нишани побарал да се прекине договорот за војна, а Папуљас побарал повеќе права за грчкото малцинство“).

Со ова се потврдува дека после обраќањето на двајцата претседатели немало прашања од новинари со што отпаѓа можноста Папуљас да го коментирал „Славјанско-албанска“ како одговор на новинарско прашање.

Е, сега зошто „Шекули“ ја вметнал онаа реченица дека Папуљас ја поддржал иницијативата за „Славјанско-македонска“ е големо прашање. Но, тоа не ги амнестира новинарите да не ги проверуваат изворите.

Ниту еден друг албански или регионален медиум не пренесе дека Папуљас го коментирал наводниот непристоен предлог. Дојче Веле, на пример, повикувајки се на Албанската новинска агенција АТ, на Макфакс и на МИА, известува за настанот со наслов „Папуљас се залага за име прифатливо за двете држави“.

Во меѓувреме стигна уште еден демант, освен оној на Министерството за надворешни работи на Грција дека таков предлог воопшто постои, и од амбасадорот на Грција во Македонија, Харис Лалакос, за време на неговата средба со министерот за одбрана на Македнија и тоа на новинарско прашање.

Извори на информации: Единствениот извор на кој се повикува авторот и уредништвото на текстот што го рецензираме е албанскиот весник „Шекули“, односно неговото електронско издание. Медиумот што го објави текстот што го рецензираме соодветно го пренесува делот каде што албанскиот медиум го изведува заклучокот

„На овој начин, Папуљас ја поддржа идејата за именување на Македонија како Славјанско албанска Македонија.“

и наведува дека е тоа коментар на весникот. Сепак, тоа не било доволно ниту да се пренебрегне тој коментар, ниту да се избегне  врз основа на тој коментар да се изведува наслов кој наведува на заклучок. Иако има прашалник.

Интересно е овде да укажеме на „предавството на совеста“ на авторот на текстот и на уредништвото кои албанскиот медиум на кој се повикуваат го именуваат „ШПекули“, наместо „Шекули“.

Содржајност: Нема, зашто ниту новинарот, ниту уредништвото не се потрудиле да ги споредат останатите извештаи од настанот.

Пристрасност: И овој текст влегува во листата на оние новинарски производи што не ѝ оддолеваат на пристрасноста. Иако авторот на текстот се обидел да ја неутрализира позицијата со тоа што се повикува на извештајот на албанскиот медиум, како што гледаме од истражувањето направено за оваа рецензија, тоа не е доволно да се остане непристрасен.  

Коментирање: Нема, освен што пренесува коментар кој што ги создава сите проблеми регистрирани во оваа рецензија.

Квалитет на насловот: И овој текст има наслов кој не произлегува од содржината и новинарските поенти наведени во објавениот текст. Прашалникот на крајот од насловот изразува несигурност во тврдењето и наместо таа несигурност или недокажливост да бидат пресудни да не се стави таков наслов, авторот и уредништвото не одолеале на неоснованата еуфорија што се создаде со овој медиумски конструкт дека имало предлог за името на нашата држава формулиран како „Славјанско-албанска Македонија“.

Фотографија: Соодветна од настанот, односно од средбата Нишани-Папуљас, но без наведено потекло и авторство на фотографијата.

 

Заклучок: Што да заклучиме освен дека новинарите се соочени со уште едно големо искушение и предизвик – да ги препознаваат медиумските конструкции кои тендираат да бидат дел од реалноста или да создаваат псевдореалност. Овој феномен на медиумската комуникација не е непознат и постојат бројни студии. Во кусата студија под наслов „Произведување на псевдонастани и симулација на демократија“ („Proizvodnja pseudodogađaja i simulacija demokracije“) на хрватскиот политолог д-р Ангелко Милардовиќ, објавен во месечникот на научни трудови на Центарот за политиколошки истражувања од Загреб, се истакнува:

„Во сферата на политиката медиумите учествуваат со симулација на демократијата. Имено, го симулираат тоа што го нема. Таквата симулација на демократијата, сама по себе, е псевдонастан. Започнува во моментот на конструирање на различни модели на демократија како затворени симболички целини кои не ја одразуваат реалноста, ниту пак таа не може да се изгради на нив … Псевдонастаните не се можни без медиумите. Тие, медиумите, создаваат вештачка, паралелна хиперреалност.“

Од она што во последно време го следиме во нашиот медиумски амбиент, можеме да заклучиме дека концептот на псевдонастани подразбира конструирање настани, репродуктивно известување за нив, како и двосмислен однос кон стварноста и нејзино маскирање. Медиумските конструкции, или псевдонастаните, што сѐ почесто ги среќаваме во македонските медиуми, ги фрлаат во сенка реалните случувања. Псевдонастаните се темелат на инверзија на небитното во битно и на битното во небитно.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција