Рецензија: Патеки за велосипеди има, возачка култура нема

Патеки-за-велосипеди-имa-crop-rsize

Има рубрики и места во структурата на еден медиум кои секојдневно треба да се исполнуваат со квалитетни новинарски содржини кои не се врзани за дневни важни настани, или за теми кои не се од особена егзистеннцијална или политичка важност. Но, и тие новинарски текстови, стории, репортажи, белешки… подлежат на истите професионални и етички новинарски стандарди. Мора да бидат исполнети сите принципи и правила.

Патеки-за-велосипеди-има,-вЛинк до оригиналниот напис: Патеки за велосипеди има, возачка култура нема

Датум и време на објавување: 14.10.2013

Датум на рецензирање: 16.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Текстот нема проблеми со вистинитоста, но таа не е целосна и за тоа повеќе пишуваме во делот за „Содржајност“.

Извори на информации: Нема извор од Oпштина Центар, не се консултирани возачите на автомобили или нивните асоцијации: зошто паркираат на тротоари и на велосипедски патеки. Можеби тие имаат причини зошто го прават тоа. Овие извори можеле да му дадат дополнителни димензии на текстот.

Содржајност: Во однос на содржајноста на овој текст можат да се стават неколку забелешки кои произлегуваат главно од тоа што не се консултирани другите фактори во уредувањето на јавните сообраќајници како што се општините и корисниците на автомобили. Исто така, не е искористен докрај контактот со граѓанската иницијатива „На точак“. Кога веќе биле направени консултации со нив текстот можел да опфати посуштински укажувања на оваа неформална група, а на нивниот блог има многу креативни постови за тоа со што се соочуваат велосипедистите во Скопје. Освен тоа, авторот на текстот пренебрегнал една важна поента – возењето велосипеди низ градските улици не се прави само за рекреација. Колку и факторот здравје и рекреација, возењето велосипеди е исто толку и култура на заштита на животната средина и грижа за штедење на енергенсите. Впрочем, текстот се фокусира на велосипедските патеки во градската сообраќајна инфраструктура, а не на рекреативните патеки покрај Вардар или во другите рекреативни центри.

Пристрасност: Кога не се опфатени сите елементи во новинарската сложувалка, таа е незавршена, има недостатоци. Така е и во овој случај: заради недоследностите во консултациите со изворите, заради исклучување на релевантни извори, заради дупките во содржајноста и сеопфатноста, текстот ќе покаже слабости и во однос на пристрасноста. Така е и во случајот на овој текст што го рецензираме тука.

Квалитет на насловот: Насловот нема посебен квалитет. Премногу е неутрален, без соодветна „јадица“ за да „загризат“ читателите.

Фотографија: Со оглед на тоа што се работи за медиум кој има тим од фоторепортери, можеме да заклучиме дека фотографијата е од архивата на редакцијата или е наменски направена. Бидејки рецензијата ја правиме на текстот објавен во електронското издание на медиумот, претпоставуваме дека печатеното издание го има наведено авторот на фотографијата или го има тоа уредено на начин соодветен на уредувачката политика.

Заклучок: Ни останува да заклучиме дека новинарите секогаш треба да имаат предвид дека нивната работа е отворена и јавна и, соодветно на тоа, подложна на критики и на укажувања дека нешто недостига во нивните текстови и дека можеле да бидат подобри. Овој текст бил многу блиску до тоа. Во изборот на темата нема ништо контроверзно, ниту деликатно и соодветно на тоа нема(ло) никакви пречки да биде стокмен според сите стандарди на кои укажуваме во рецензијата. Не би требало да претставува проблем во еден новинарски текст за велосипедската инфраструктура во градот, за нешто што е од посебен интерес за заштита на човековата средина, заштедата на енергијата и здравјето на граѓаните, да се опфатат сите инволвирани страни и да се презентираат повеќе релевантни мислења, предлози, идеи…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција