Рецензија: Педофил стрелан во Скопје во 1987 година!

Владејачката политика, во рамки на нејзината борба против педофилијата, донесе одлука за јавно објавување на имињата на лицата кои се казнети како сторители на ова кривично дело. Наспроти отпорот на дел од граѓанските активисти, овој став се спроведе во практиката. Но, неодамна Уставниот суд одлучи, со мнозинство гласови, да отвори постапка за преиспитување на ваквата одлука на властите.

Од тој миг отворена е кампања како против уставните судии, така и против оние кои се бунат против селективното објавување на списоци на осудени лица. Текстовите кои се дел од таа кампања – од кој било вид – се добредојдени, а тука спаѓа секако и последниот кој е објавен во Вечер, а кој укажува дека во старите времиња, во монизмот „се имало ред“!

„Таткото, 48-годишниот Маље Зекири, тогашниот Окружен суд во Скопје го осуди на казна смрт со стрелање. Смртната казна е извршена неколку дена подоцна. Зекири од селото Зајас прво ја силувал 15-годишната ќерка Беглија, а потоа со најлонско јаже, коешто го носел во џебот, ја задушил правејќи јамка околу вратот. Веднаш потоа, со цел да го прикрие злосторството, ја собрал нејзината облека и ја ставил врз веќе мртвата ќерка и ја запалил со надеж дека телото ќе изгори“.

Се наведува дека во СФРЈ имало повеќе такви смртни казни, ама оваа била единствената која е извршена.

Со овој текст врз основа на произволно толкување на судската постапка се бара враќање на некоја стара праведна и белки поефикасна кривична политика во однос на овој вид криминал.

Рецензија: Педофил стрелан во Скопје во 1987 година!Линк до оригиналниот напис: Педофил стрелан во Скопје во 1987 година!

Датум и време на објавување: 20.05.2013

Датум на рецензирање: 21.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Основен недостаток односно намерен пропуст на текстот е тоа што смртната казна ја врзува за педофилијата, иако за тоа дело тогаш и сега не била предвидена смртна казна!

Педофилијата е во случајот отежнувачка околност, секако голема, ама не пресудна, бидејќи, во основа тука се казнува –  бруталното убиство. За таков чин и да немало педофилија, според описот на настанот, убиецот можел да добие смртна казна.

Извори на информации: Авторката на текстот се повикува на новинарски извештај од судењето на тогаш обвинетиот Маље Зекири од февруари 1987 година и прави преквалификација на обвинителниот акт и на суштината на пресудата, бидејќи, ја исфрлува педофилијата во преден план и сака кај читателот да наметне мислење дека судскиот совет од тој чин се раководел кога пресудил најстрога казна, а државата ја извршила.

Содржајност: Од денешен аспект, со оглед дека весникот од тој датум не може да биде лесно достапен, тешко е да се утврди колку и самиот напис е доволно прецизен во правната квалификација на делото, бидејќи и тогаш и сега него го потпишува иста авторка!

Но, и тогаш и сега добро би дошла една консултација или други мислења околу тоа што преовладувало во судењето (според законот тоа е недвосмислено – убиството!). Место тоа – според Вечеровата школа главна цел на тој автор бил да се прави опширна дескрипција на чинот на родосквернавењето.

Пристрасност: Во основа и тогаш и сега авторката не ја предава дескрипцијата на пресудата, за да има слобода во интерпретацијата (лична, емоционална). Овој пат таа за тој пристап има и намера да се вклучи во спроведување на целите на државната пропаганда.

Плагијат: Текстот е повторување на еднаш објавена статија од истиот автор, со цел една кривична политика, наводно, да биде пример за актуелните делители на правдата.

Квалитет на насловот: Насловот ја оддава намерата на редакцијата да отвори ново јавно судење за педофилите со тоа што тврди дека е стрелан педофил, место да каже, како што е редот „убиец е стрелан“, а тука има место за многу други квалификации (убиство на сопствено дете, беспомошно и слично) ако тоа било битно да се стави во насловот.

Фотографија: Текстот место фотографија нуди факсимил од некогашниот, оригинален текст.

Говор на омраза: Низ текстови со детални описи на злосторот (небаре авторот бил сведок на обвинението!) се разгорува омразата кон педофилите, со иста намера и тенденција со кои тоа го прави и државата  – ова кривично дело да стане преокупација на населението во однос на другите области на криминалот кој за општеството се секако исто така важни.

Заклучок: Во коментарите на овој текст се гледа каков е ефектот и притисокот кој се настојува да се постигне, особено врз судиите на Уставниот суд кои сметаат дека политиката на јавно објавување на имињата на педофилите треба да се преиспита. Коментарите се во стилот „да се работи за дете на судијата и слично“ со кои тие функционери се ставаат на ѕидот на јавната осуда.

Рецензија: Педофил стрелан во Скопје во 1987 година!

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција