Рецензија: Пендаровски го променил личното име, каква ли ќе биде неговата одлука за уставното име?

092-098-009988-crop-resize

За жал, пред нас имаме текст што остава впечаток на гола пропаганда и покажува дека од две неспоиви премиси дефинитивно ќе се дојде до нелогичен заклучок. Кога се мешаат баби и жаби и сето тоа за политички поени што треба да ги ќари некоја од партиите, неизбежниот резултат е пристрасноста. Во членот 14 од Кодексот на новинари пишува:

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Неуверливиот пристап во мешањето на државното со личното име на еден од кандидатите за претседател, ние го толкуваме како пристрасност и обид за манипулација.

09Линк до оригиналниот напис: Пендаровски го променил личното име, каква ли ќе биде неговата одлука за уставното име?

Датум и време на објавување: 25.03.2014, 17:51

Датум на рецензирање: 27.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Единствените документи од кои може да се утврди дека некој си го променил личното име се личните документи, односно личната карта, изводот од матичната книга на родените и слично, а не фотокопии од одлуки стари 10 години, магично употребени првпат на месец дена до изборите.

Спинот што некој се обидува овде да го протне е дека доколку некој си го промени личното име, постои причина да се постави прашањето за неговата одлука околу државното име. Уште еднаш повторуваме дека во изнесеното не е веродостојно потврдено дека личното име на кандидатот навистина било променето.

Како извор за навестувањето дека кандидатот си го променил името е извадок од одлука за негово именување за претседател на Државната изборна комисија пред 10 години. Сето останато што се додава на ова се претпоставки и прашања. Не е испочитувано професионалното правило да се контактира оној за кого се пишува, односно да се праша кандидатот за негов став и мислење.

Празен, празен текст полн со чудни компоненти. Протурен на финтата „кој загризе, загризе“… Она што е запишано во насловот од текстот како да е вистина и факт, во текстот е претставено како недоумица во условна реченица:

Доколку името запишано во одлуката за именување на Пендаровски за претседател на Државната изборна комисија (ДИК) е точно, тоа значи дека тој во меѓувреме го променил своето лично име од Стевчо во Стево.

Како шлаг на тортата е крајниот параграф во кој, всушност, се содржи главната манипулативна теза, а тоа е поврзувањето и аналогијата што се прави меѓу претпоставката дека кандидатот го променил личното име и прашањето што би направил тој со државното име. Така се меша државната политика, која несомнено не зависи само од претседателот, со нешто што зависи исклучиво од кандидатот за претседател, а тоа е неговото лично име.

Во текстот се забележува пристрасност базирана на политичка определба. Таа е олицетворена во самата идеја за настанување на написот, односно во тезата да се поврзе недокажана промена на личното име, со евентуална поврзаност со државното име. Таа поврзаност со државното име е направена паушално, а провејува и  осудувачка нота за наводната промена на личното име, сосема неосновано, без аргумент и без доказ. Како квази доказ се нуди одлука од пред 10 години, иако таа не претставува официјален документ за личното име на некој човек. Дури и кога би претставувала доказ, останува прашањето како може тоа да има било каква корелација со државните интереси и со името на државата. По оваа логика, никој што си го променил името не може да стане претседателски кандидат.

Бидејќи текстот не одговара на петте новинарски прашања, тој не го задоволува критериумот на вест, односно не носи новост во себе и нема информативна компонента. Тоа го прави релевантно прашањето за неговата издржаност.

Ако Пендаровски можел да го промени личното име, каква ли ќе биде неговата одлука доколку тој треба да одлучува за уставното име на Република Македонија.

Оваа реченица која е носечка во штурата објава, е главната теза врз која се конципира текстот. Таа е коментар и всушност со неа се конципира нелогичната теза дека приватното име има врска со државното име.

Целта е читателот да се запраша дали кандидатот што се споменува би бил добар чувар на уставното име на Република Македонија, врз основа на манипулација за неговото лично име. Интелигентните интелигентно ќе проценат што ова значи. Станува збор за оној класичен новитет во онлајн медиумскиот простор за кој не се знае дали е мислење, ретроспектива, односно жанровски неидентификуван збир на параграфи, каде непотврдени информации стари една деценија целат да дисквалификуваат претседателски кандидат во предизборието.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција