Рецензија: Пендаровски на гости кај Заев, Заев избега во охридско
Денеска имаме текст кој доколку не се прочита до крај ќе се помисли дека е коректен и еден вид школо за новинарство. Но, во таа замка не можат да паднат и оние кои до крај ги дочитуваат текстовите. Имено, ова е вест-извештај за митинг на политичка партија. Има сѐ што треба во главата на текстот. Од кој, каде, зошто, како, со што и слични прашања кои се занаетски потребни во новинарските производи, до коректно пренесени изјави. Но, текстот доаѓа на рецензија поради последниот пасус кој има еден мал милион непроверени работи што се тврдат без притоа ниту да се помисли да се документира или да се докаже тоа што е тврдено.
Пендаровски во Струмица не беше пречекан од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, истовремено, е и прв човек на градот. Наместо да му посака добредојде на кандидатот на најголемата опозициска партија, тој избра да оди на гости во охридските села Лешани, Мешеишта и Оровник, од каде што порача дека промените во Македонија ќе дојдат на овие избори и дека народот ги препознава и ги казнува сите кои под превезот на популизмот, како што рече, ја урнисаа државата.
Линк до оригиналниот напис: Пендаровски на гости кај Заев, Заев избега во охридско
Датум и време на објавување: 01.01.2014
Датум на рецензирање: 01.01.2014
Рецензент: Владо Ѓорчев
КАМУФЛАЖА ОД ТЕКСТ
Текстот е вистинит и се што е напишано до последниот пасус е точно. Малку како да се сакало да се забрза веста за да се стигне до крајот и да се даде свој заклучок, затоа што со по една реченица се опишани сите дејствија на претседателскиот кандидат. Освен делови од неговиот говор, за кој се потрошени по две реченици. За последниот пасус не може да се каже со сигурност дали е вистинит. Никаде нема зошто некој би побегнал, ниту, пак, има некоја изјава, макар и неофицијална за да потврди дека некој од некого бега. Се е оставено да му се верува на добриот збор на авторот.
Половина текст има извори на информација. Најверојатно се оргинални зашто не е посочено дека се преземни од некого. Освен можеби да се преземени од веб страницата на партијата, но и тоа се релевантни документи и изјави од говорникот. Сепак, за последниот, спорниот пасус, нема извори.
Текстот новинарски е полн, колку што можеби би требало за еден ваков извештај, имајќи предвид дека секојдневно, речиси целосно се повторуваат говорите на претседателските каднидати.
ИМА НАМЕРА ДА ОМАЛОВАЖУВА
Пристрасноста може да се лоцира ако се прочита само последниот пасус, односно заклучокот. Таа е политичка и со намера да омаловажува.
Има коментирање кое е залепено како чир во текстот. Текстот е оргинал редакциски.
Насловот дезинформира и е спектакуларен во смисла да привлече внимание. И навистина тој ве тера и да го прочитате текстот, но набрзо сфаќате дека не можете да му верувате.
Фотографијата е ставена само колку да илустрира, а воопшто не ја погодува темата и самиот наслов.
Текст кој божем е извештај, но има скриена намера. Така во еден збор би се опишала оваа вест. Инаку, станува збор за класичен извештај од митинг, но премногу спинуван на крајот. Новинарството подразбира слободно коментирање во колумни, но кога се строго означени како такви. Инаку, во извештаи, како класична новинараска содржина, во ниту еден момент не треба и не смее да се помисли на коментирање и донесување сопствени заклучоци без факти и докази.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар