Рецензија: Пендаровски повторно со навреди за граѓаните – за него тие се корумпирани
Пред нас е еден тенденциозен, манипулативен и спинерски текст. Со овој наменски скроен производ на јавноста ѝ се подметнува конструкција дека претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, ги навредил македонските граѓани, наводно, нарекувајќи ги корумпирани. Всушност, искористен е фрагмент од дваесетина секунди од неговиот настап на трибината насловена: „Што да се прави за повторно освојување на слободата“ и притоа уште во првата реченица се пласира невистинита информација дека Пендаровски рекол:
„Македонецот е корумпиран, смета претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.“
Со што, фактички е направена суштинска повреда на новинарскиот Кодекс , односно прекршена е преамбулата каде е наведено дека „основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината “.
Линк до оригиналниот напис: Пендаровски повторно со навреди за граѓаните – за него тие се корумпирани
Датум и време на објавување: 03.07.2014, 14:26
Датум на рецензирање: 04.07.2014
Рецензент: Оливера Војновска
28 СЕКУНДИ ЗА СПИН
Написот се потпира на официјален извор – трибината орагнизирана од здружената опозиција. Но, не за да ги пренесе поентите од овој настан, туку за да го оцрни Пендаровски. За таа цел од неговиот 8,48 минутен говор е „исечено“ парче (од 3,53 минута до 4,21 минута) каде тој говори за изборната корупција.
Практично, волјата на маса граѓани беше киднапирана на систематски начин, изборната корупција беше со стравични размери, мојата проценка што ја правев со мојот изборен штаб по изборите покажува дека на последните двојни избори изборната корупција била поголема околу 30% во компарација со ланските локални избори и за околу 50 % повеќе од 2011 година
И токму со овој фрагмент од 28 секунди се прави спинот и во текстот и во насловот: „Пендаровски повторно со навреди за граѓаните – за него тие се корумпирани“
Иако, како што може да се види од видео-материјалот што го пренесоа дел од медиумите, Пендаровски тоа воопшто не го кажува, туку во конкретниот случај се работи за произволна интерпретација на неименуваниот автор на текстот.
ПРЕМОЛЧЕНА ИНФОРМАЦИЈА
Исто така, никаде во написот не се споменува дека Пендаровски ова го кажа, откако претходно го соопшти неговиот категоричен став (од 2,33 минута до 3.53 минута) дека опозицијата треба да опстои на одлуката за вонпарлментарно дејствување.
Во интерес на вистината го пренесуваме тој дел од изјавата на Пендаровски бидејќи дава сосема поинаков контекст на неговиот исказ:
Значи базичната теза е: никакво враќање во институцијата таканаречен парламент. Никакво враќање, под никакви услови. Освен, ако не се усвојат барањата на опозицијата, посебно она за техничка влада. И оние кои не го знаат тоа, мислам дека стратегијата на СДСМ ќе им го објасни тоа подобро кога ќе биде готова. Се работи за четири битни ресори кои мора да бидат предводени од технократи ,или луѓе за кои ќе се договорат власта и опозицијата: МВР, финансии, труд и социјала и земјоделие. Од тука доаѓаат ресурсите со кои се поткупуваат стотици илјади луѓе пред изборниот ден, а изборниот ден е мирен. Значи, најнеполезна дебата која може да ја водиме сите ние кои се сметаме опозиционери независно од формалното членување во партиите од овој блок, е да анализираме кој е кабает, кој е виновен за изборниот пораз. Ние немавме изборен пораз. Ние не ја знаеме вистинската волја на граѓаните, бидејќи на стотици илјади луѓе не им беше дозволено да кажат што мислат. Значи, можеме да правиме анализа. Можеме да анализираме зошто некој изгубил и дали Зоран Заев е доволно добар, дали Стево Пендаровски е доволно добар, треба ли некакви измени: и персонални и политички и иделошки. Но, не во оваа ситуација.
Важно е да се напомене и тоа дека забелешките за притисоци од страна на владејачката партија (особено врз администрацијата) и за злоупотребата на државните ресурси за изборни цели, беа споменати уште во Изјавата за првичните наоди и заклучоци за изборите на набљудубачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ.
СИНХРОНИЗИРАН НАПАД
Нагласениот критизерски тон кон Пендаровски, потсетувањето на една негова несмасна изјава од изборниот период, како и етикетирањето на неколку интелектуалци со интенција да се маргинализраат нивните настапи и трибината во целина, јасно покажуваат на која страна е наклонет овој необјективен напис. Појавата, пак, на речиси идентичен текст истовремено во повеќе медиуми, отвора сомнежи дека се работи за своевиден синхронизиран напад на личноста на Пендаровски.
И сосема на крај да споменеме дека паѓа во очи и тоа што наместо илустрација од дневниот настан, за текстот е употребена стара фотографија од Пендаровски (од претседателските избори). Oва, исто така, претставува пропуст и го заокружува впечатокот дека на читателите им е понуден еден комплетно лош новинарски производ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар