Рецензија: Плоштадот Македонија меѓу петте најдобри во светот

FireShot Screen Capture #071Плоштадот Македонија меѓу петте најдобри во светот-crop-resize

Постојаната потрага по текстови кои изнесуваат било какви позитивни впечатоци за земјава, ни донесоа и вест за еден прилог во странски он-лајн туристички магазин за Плоштадот Македонија. Таа вест доживеа објавувања и преобјавувања во речиси сите медиуми во земјата, но сите со наслови кои сугерираа сосема поинаков впечаток отколку што самиот прилог навистина им го нуди на читателите.

FireShot Screen Capture #071 - 'Плоштадот Македонија меѓу петте најдобри во светот'Линк до оригиналниот напис: Плоштадот Македонија меѓу петте најдобри во светот

Датум и време на објавување: 14.08.2014, 17:57

Датум на рецензирање: 19.08.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Плоштадот Македонија, еден од најатрактивните пет во светот. Во репортажата на американсиот интеренет сајт – Travel puls, со наслов ’Петте градски плоштади кои морате да ги видите, за да ги доживеетe’, страница на која може да се видат одлични истражувања за многу земји и предлози за патување во целиот свет, плоштадот Македонија според нивното рангирање се наоѓа на петтото место, веднаш зад светски познатите плоштади во Рим, Ница, Прага и Џорџија“ стои на порталот Скопјеинфо.

Најпрвин да изнесеме некои не само формални забелешки. Насловот кажува дека нашиот Плоштад Македонија е „меѓу петте најдобри во светот“. Ваквата констатација е едноставно невозможна, бидејќи, тоа е дозволива констатација во спортот, на пример. Урбанистичките целини би можеле да бидат „стилски допадливи“, „просторно вклопени“, „стилски воедначени“ и слично, ама да бидат најдобри е едноставно мисловно-граматички неприфатлива констатација, независно од вкусовите. Во насловот значи нема такво прецизирање во рангирањето.

 

ПОГРЕШЕН ПРЕВОД КАЈ НАСЛОВОТ

Но, во текстот кој е предмет на преземање (претставување кај нашите читатели) јасно стои дека се работи за „плоштади што треба да ги видите за да поверувате дека се навистина такви“ (5 Town Squares You Have To See To Believe). Имаме значи погрешен превод кај насловот!? Или, да речеме поинаку, од некоја причина треба „да потриете очи и одново да ги отворите“ кога ќе дојдете на некој од овие плоштади.

Јасно е дека ваквиот наслов (оригиналот) не бил допадлив за уредниците во речиси сите македонски медиуми и веројатно во трка со времето не се нашло вистинското јазичко-логичко решение, а се одело на добивање на поени за креаторите на проектот „Скопје 2014“ во очите на јавноста, преку некаква меѓународна пофалба.

Самиот наслов, секако, е наменет да ги збуни читателите и тие да не видат која е намерата на оној кој направил ваков избор. Значи, тоа не е избор на споредливи скверови, туку избор на скверови, кои од различни причини треба да се видат, а идејата на допадливоста не е содржана во мотивот за посета. На пример, за Плоштадот Македонија, во кусото образложение за него, се вели дека јабанџијата добива чувство на голем простор (патем, тоа доаѓа од неговата урбанистичка незатвореност од северозападната страна, би ви кажал и просечниот урбанист, па вие гледате кон објекти кои се 20-30 километри оддалечени од вас, како што е врвот Љуботен) што не е интенција на неговите прекројувачи, туку на моментните финансиски проблеми на некои од нив (непочнатиот а „безециран“ Офицерскиот дом, хотелот на Кондоминас кој се гради „со векови“ и кој сега стои како грдо страшило кое се гледа на понудениот спот!). Но, тука доаѓа и една пристојно формулирана констатација дека и над тој голем простор, незабележлив на други места каде бил опсерверот, е фрлен еден „голем темен облак“, кој го даваат димензиите на споменикот на Алкесандар Велики. Значи, на еден голем плоштад имаме нешто уште поголемо! И, тука е „закачката“, она – нема да ви се верува, протријте ги очите. Не се вели директно во текстот дека споменикот е превисок и практично е предоминантен, туку се користат други изрази за да објасни шокатноста на призорот, кога и во огромен простор вие практично над главата постојано имате еден мермерен чадор.

Оној кој го работел прилогот во магазинот, има и целосно погрешни податоци за тој простор, бидејќи некој му кажал или сугерирал дека се тоа скулптури од некаква историска хронологија, а не дека во реалноста се работи за скулптурска тарапана направена за неколку години! Ова секако битно ја менува сликата за самиот плоштад кој не е објект на континуитетот, туку реално на дисконтинуитетот и оваа неточност, ако би се препознала, би донела и битно поинакви оценки.

 

УБАВИНАТА И КОНТРАСТИТЕ

Приодот на самите репортери, значи, не е во убавината, туку во контрастите кои ги носат скверовите на градовите во светот, кои тука, во прегледот, се понудени. На пример, ако се направи споредба со плоштадот во нам непознатиот град Декатур во Џорџија (не е дадена во магазинот слика, го нема ниту како спот, ама може, се разбира да се пронајде), би се видело дека тоа е еден урбан простор целосно исчистен од било какви гломазни градби – претставува уредна коцка со пешачки патеки, клупи, прекрасни канделабри и зеленило, опкружено со ниски, „колонијалистички градби“, сите направени во еден стил и височина (приземје и спрат). Со еден збор една по малку здодевна, пензионерска креатура, навистина просторно заокружена и веројатно со децении неменувана, која дури може да биде и романтична кога има снег или нешто слично. Шпанскиот плоштад во Рим е понуден како место кое е постојано живо и каде може добро да се јаде итн.

Јасно, тука нема едно чудо плоштади на кои нашите читатели би дакале да отидат барем еднаш во животот: Тајмс Сквер во Њујорк, Трафалгар Сквер во Лондон, Тјенанмен во Пекинг, Црвениот плоштад во Москва, Плас де ла Конкорд во Париз … но, секој ваков водич обично сака да понуди некои други „егзотични имиња“, било да се работи за плажи, ресторани, луна паркови… И тука немаме исклучок, но мора да се внимава значи на инсистирањето на контраст меѓу понудените скверови, како и на забелешките дека на нашиот плоштад му фали шмек. Во крајна линија, тој не е ниту изграден и уште е преполн со скелиња. Кој е тој плоштад или улица која била привлечна ако е окована во скелиња?

Да не заборавиме дека нашиот плоштад досега добиваше нескриени потсмевања од странците, често и многу стручни во описите. Да споменеме само еден од последните, дадени во угледен магазин, кој доживеа и преводи на други јазици. Од таа реалност и присутност во светското јавно мнение не може да се побегне, ама тој одраз во релеватните медиуми се сокрива од читателите и гледачите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција