РЕЦЕНЗИЈА: Почна ли СДСМ да применува популизам во борбата за гласачи?

31-000000-0000000-crop-resize

Новинарски текст треба да дава одговори, да „копа, а не само да ја загребува површината“, максимално да се обидува, ако веќе до крај не може да ја разоткрие вистината, да ѝ објасни на публиката „за што станува збор“. Прашалните форми не се препорачуваат, можеби со исклучок ако имаат стилско значење за содржината. Во дадениов случај, имаме примери токму на спротивното: се поставуваат прашања до јавноста – сигурно не за стилски впечаток, не се нудат одговори на зададената тема, се пласираат тези без аргументи и конечно отсуството на извори за покрепа на кажаното. Со два збора: неодговорно новинарство.

3Линк до оригиналниот напис: Почна ли СДСМ да применува популизам во борбата за гласачи?

Датум и време на објавување:  18.11.2013  16:47

Датум на рецензирање:  19.11.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост:

„Почнува ли СДСМ да ги применува популистичките мерки кои му ги сугерираат неговите медиумски промотори од типот на Саше Ивановски-Политико?Ја прифаќа ли најголемата опозициска партија предложената стратегија за собирање политички поени и подобро позиционирање пред гласачите?“

Тешко е да се зборува, а и воопшто да се бара вистинитост во текст во кој вака изгледаат втората и третата реченица, а кои воедно , се клучни во натамошниот развој на „новинарските настани“. Забележлив е несериозен пристап во ваков тип на производ, кој не само што би требало, соодветно аргументирано и поткрепено, да пружи преглед на политичката ситуација, туку можеби и анализа за тоа што понатаму би следело.

Извори на информации: Извори на информации, барем кредибилни, нема. Јасно одредени соговорници не постојат, а прецизирани експерти уште помалку. Сѐ се врти околу некакви си „упатени“ и колумна на сопственик на портал кој, не само во овој, туку и во низа други текстови, најверојатно поради неговата вокалност против актуелната власт, на јавноста ѝ се претставува како „алфа и омега“ во опозициските редови.

Содржајност: Би рекле ништо особено. Сиромашноста во содржајноста е дополнета со отсуството на т.н. „тонско парче“, нешто што не е многу вообичаено за телевизиски извештај.

Пристрасност: Кога станува збор за тема поврзана со опозицијата, неизбежна е појавата на пристрасност. Така е и во овој случај – тасот превагнува на другата страна. Балансот е изместен.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален до степенот на тоа дека има јасно наведен автор.

Квалитет на насловот: Пак прашална форма, а имајќи ја предвид содржината на текстот, јасно е дека со (пред)умисла се наведува публиката „натаму каде што некој сакал“. Посоодветно решение сигурно имало, но не било употребено.

Фотографија: Го задоволува основното ниво на илустративност.

Заклучок: На крај, врз основа на претходно кажаното и затоа многу да не должиме, би се рекло дека овој текст е само уште еден непрофесионален производ во низата која, како што изгледа, е навистина многу долга.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција