Рецензија: Политичар што згрешил си оди, не се извинува

Политичар што згрешил си оди  не се извинува-crop-resize

Авторите со овој текст направиле неуспешен обид на читателот да му понудат тема за моралниот лик на политичарот, кој се извинува за одредени свои грешки, бидејќи уште во насловот сугерираат дека тој што се извинува мора и да си оди, а во текстот мнозинството политичари во Македонија непотребно се прикажани во негативно светло. Само еден не е, актуелниот премиер, за кого е потенцирано дека досега не се извинил за ниту една своја постапка (што треба да значи дека е безгрешен и треба да остане на позицијата), па, оттаму, лесно се препознава обидот преку оцрнување на другите политичари, да се фаворизира еден.

Во текстот се манипулира со изјави на соговорници кои се користат како поткрепа на тезите со кои и почнува написот, но не е направен мал напор да се даде видување барем на еден политичар, кој сѐ уште е или не е на политичката сцена, за читателот да добие впечаток дали некој бил казнет или награден поради извинувањата.

Како „лајт мотив“ се користи извинувањето на старо-новиот лидер на НСДП, Тито Петковски, за веднаш да се потсети на сите извинувања што ги дал Бранко Црвенковски. Но, во текстот каде што се говори за неодговорните политичари, никаде не се споменува дека политичарот, кој имал најмногу извинувања веќе е поранешен, ниту се дава објаснување дали „извинувањата“ ставиле крај на политичката кариера, на што сугерира и самиот наслов.  

Политичар што згрешил си оди  не се извинуваЛинк до оригиналниот напис: Политичар што згрешил си оди, не се извинува

Датум и време на објавување: 06.11.2013, 18:18

Датум на рецензирање: 10.11.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Во текстот се користат наменски факти за да се оправда тезата поставена уште во насловот, дека тој што се извинува за неговите грешки не може да остане и натаму на политичката сцена. Но, фактите пласирани во оваа сторија се губат во морето напади од една страна за политичарите кои се извинуваат и величењето на политичарот кој досега не се извинил ниту еднаш. Па, оттука, вистината се губи, а останува тенденцијата да се напаѓа оној што се извинува, иако по правило секој човек кој се извинува е доблесен и тоа се смета за добра, а не лоша работа. Преку изјава на соговорник се алудира и на протести и друга форма на граѓанска активност за смена на политичарите кои се извинуваат, со што текстот од информација преминува во конструкција, чија вистинитост се губи во целост.

Извори на информации: Се користат двајца професори како соговорници на темата зошто се извинуваат политичарите и дали тоа е добро или не, се цитираат поранешни извинувања на политичари и за кои теми, но нема ниту еден обид да се праша повиканиот политичар за ефектите од неговото извинување и дали треба да се повлече од позицијата, како што сугерира текстот.

Содржајност: Текстот изобилува со содржина, која понатаму се губи, правопропорционално на делењето на етикети и на обидот да се коментираат работите, да се сугерира заминување на политичарите што се извинуваат, а притоа ниту еден од нив да не биде прашан за став/мислење!  Оттука, текстот наликува на балон, убаво надуен, но внатре празен!

Пристрасност: Неуспешен обид да се скрие пристрасноста, која е видлива во насловот, во прашањата и во обидот веднаш да се потсети кој имал најмногу извинувања и кој е единствениот политичар кој не се извинил, што, според сугестиите во текстот, е најдобар и не треба да си оди од политичката сцена. За сите други текстот повикува на промена со гласање за недоверба, па дури и со организирање на протести и потпишување на петиции. Се занемарува фактот дека политичките партии имаат структура која одлучува кој ќе им биде лидер, а врз основа на програмите и активностите граѓаните понатаму одлучуваат дали таа партија  ќе ја добие довербата. Оттука, нејасно е зошто некој однадвор би повикувал на смена на лидер кој се изинил, ако е јасно дека партиските тела избираат кој ќе ги води и претставува. Затоа, некритичкото фалење на одредена структура и напаѓањето по секоја цена на друга јасно ја детектира политичката пристрасност во текстот.  

Коментирање: Коментарите не се издвоени, туку се интегрирани во текстот, што го прави примерот карактеристичен за посочување на „хибрид“, кој тежнее да биде тема-анализа, но со сите примеси во неа: од пристрасност, коментирање, до (не)користење на извори или задолжителната втора страна. Со ова тој е далеку од посакуваниот квалитетен производ во посакуваниот новинарски жанр.

Оригиналност/Плагијат: Темата е оригинална, со наведени автори и со забележителен авторски пристап, кој повеќе би наликувал на коментар и би било соодветно да се пласира на страниците наменети за размена на дискусии. 

Квалитет на насловот: Сугестивен, обвинувачки, непоткрепен со издржана анализа или со тврдење од кредибилен соговорник.

Фотографија: И фотографијата се користи да го поткрепи насловот, а читателот може сам да заклучи кои се тие политичари што треба да си одат. На сликата се гледаат лидерите на опозициските партии во Македонија.  

Заклучок: Овој, релативно понов вид на жанровски експеримент треба да ги загрижува сите новинари, кои можеби очекуваат да го „пленат“ читателот со тоа што во насловот и поднасловот ќе ги постават сите прашања што ги знаат и ќе се насочат кон оцрнување на одредена структура. Притоа, ќе искористат изјава од соговорник, колку да биде видливо дека некој бил прашан за темата, независно од тоа дали е релевантен или не и ќе се заврши повторно со коментар и новинарски заклучок. На таков начин, читателот многу лесно ќе ги прочита манипулациите, обидот за политичка или друг вид дискриминација и нема да се „залепи“ на убаво спакуваната приказна.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција