Рецензија: Политичкиот дијалог е можен во секој момент, се чека на СДСМ
Станува збор за крајно измешан производ. Обидот бил да се искомбинираат два настана во еден текст, но тоа е направено дилетантски, со елементарни грешки во конструирањето на содржината, со исклучително лошо поврзување на одредени сегменти од написот, а притоа пласирани се информации кои во суштина не се вистинити.
Линк до оригиналниот напис: Политичкиот дијалог е можен во секој момент, се чека на СДСМ
Датум и време на објавување: 25.07.2014
Датум на рецензирање: 26.07.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
КАДЕ Е ВИСТИНТОСТА? – ЈА НЕМА!
Вистинитоста е една од, ако не и, најслабата карика на овој текст. Не може да се тврди дека на „11-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација била донесена препорака за земјава да почне преговори за членство во ЕУ“, бидејќи тоа не е точно. Ако се прочитаат заклучоците од средбата на ова тело, кои се јавно достапни, тогаш ќе се види дека Советот не препорачал старт на преговори туку го кажал следново:
„Советот за стабилизација и асоцијација ја нотираше примарната цел на земјата да почне пристапни преговори, притоа потврдувајќи ја својата силна заложба за оваа причина, земајќи ја предвид препораката на Европската комисија. Советот за стабилизација и асоцијација исто така ги нотираше и заклучоците на Европскиот совет од 17-ти декември 2013“.
Понатаму во написот се вели дека „освен што беше донесена нова препорака за земјата да ги започне преговорите за членство во Унијата, се одлучи и да започне втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација“. Ова е нова дезинформација, бидејќи на крајот од соопштението пишува:
„Советот за стабилизација и асоцијација се потсетува на препораката на Европската комисија од октомври 2009 за премин во втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација. Беше потврдено дека одлуката за оваа препорака останува на Советот“.
Има разлика, нели?
И затоа ако некој праша каде е вистинтоста, едноставно може да се одговори дека ја нема.
ОТСУСТВО НА НОВИНАРСТВО
Дополнително, како некаква новина е пласирано дека „Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува суштина на односите меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапување на земјата кон Унијата“. Тоа само покажува за неопитен новинарски пристап бидејќи ваквиот параграф е вообичаена практика и се повторува во заклучоците од состаноците на Советот во изминатите години. Со него, би рекле процедурално, се нотира значењето на Спогодбата која е потпишана во далечната 2001 како основа за регулирање на односите меѓу европските заедници и нејзините земји – членки од една и Македонија од друга страна.
Изјавата на премиерот е „падната од небо“ и таа штрчи како „слон во продавница за порцелан“. Од нигде никаде доаѓа делот за тоа што кажал Груевски за политичкиот дијалог со СДСМ и секако само неговата страна од приказната без да се направи корелација со тоа што Брисел вели за разговорите меѓу власта и опозицијата и обидите за нормализирање на политичката ситуација во државата. Тоа ми дава простор да кажам дека проблемот не е во изворите на информации, кои ги има и на неколку места се наведени во форма на цитати, туку во незнаењето или несакањето тие добро да се искористат и да се формулира кредибилен новинарски продукт кој би ја информирал, а не би ја “замајувал“ јавноста. Ако утврдивме дека вистинитоста е компромитирана, зошто воопшто и би зборувале за некаква си содржајност на текстот.
Од друга страна неизбежна е атмосферата на пристрасен приод што е потврдено со пренесувањето само на ставот на едната страна во дијалогот меѓу власта и опозицијата, секако оној на власта.
Тој впечаток само се засилува со насловната конструкција која апсолутно е недозволива. Кој вели дека „Политичкиот дијалог е можен во секој момент, се чека на СДСМ“ – Брисел, Груевски, ВМРО-ДПМНЕ?! Бидејќи тоа е изјава на премиерот, требало тоа јасно да се наведе. Забуната е уште поголема кога ќе се види наднасловот, бидејќи тој нема каква било врска со самиот наслов, кој, пак, содржи јасна „обвинувачка“ нитка за сметка на опозицијата.
Кога сѐ ќе се земе предвид произлегува дека имаме непотпишан „каша-попара“ текст, во кој бил направен обид за поврзување на, најверојатно, неколку агенциски вести. Но, тоа е направено непрецизно и непрофесионално што прашање дали крајниот производ може да се нарече новинарски напис.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар