Рецензија: Полицаец нападнат од синот на сопственикот на Канал 77

Кога приклонувањето кон полициската верзија значи кршење на принципот на пресумпција на невиноста и раѓа и дискриминација врз социјална основа.

Рецензија: Полицаец нападнат од синот на сопственикот на Канал 77Линк до оригиналниот напис: Полицаец нападнат од синот на сопственикот на Канал 77

Датум и време на објавување: 23.03.2013, 10:43

Датум на рецензирање: 23.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот се темели на факти соопштени од полицијата. Со оглед на тоа што учесник во инцидентот е полицаец (според изворот, во улога на жртва), а не е сослушана другата страна, не може да се утврди дали наводите во текстот се точни и веродостојни.

Извори на информации: Неспорно е дека полицијата е официјален и релевантен извор на информации, за случај каков што е опишан во текстот – инцидент во дискотека. Но, со оглед на тоа дека наводна жртва на инцидентот е полицаец, медиумот е должен да ја претпостави пристрасноста на официјалниот извор и да ја сослуша и другата страна (audiatur et altera pars). Ако тоа било невозможно од објективни причини (одбивање на засегнатиот извор, на пример), тоа треба децидно да се соопшти.

Содржајност: Не знаеме дали текстот свесно прикрива информации, но неговата едностраност придонесува за читателот да се посомнева дека не е задоволено минималното ниво на сеопфатност. Споредувајќи ја оваа вест со вестите за истиот настан во други медиуми, заклучуваме дека наводниот напад се случил по претходна кавга меѓу напаѓачот и жртвата.

Исто така, настанот се случил во локал во кој претходно се случил тежок инцидент. Сето тоа упатува на претпоставката дека доколку била сослушана другата засегната страна, веројатно би се дошло до друга верзија на настанот.

Пристрасност: Презентирањето на двете верзии за настанот веројатно е добра идеја како да се надмине едностраноста на овој напис. Не може да се утврди дали во текстот има спин и лажни информации, но забележлива е наклонетост кон полицијата и кон нејзината приказна. Таа пристрасност, за жал, е манир на повеќето новинари што известуваат за криминал и за настани со кои се справува полицијата.

Плагијат: Споредбата покажува дека написот е оригинален, но авторот не е наведен.

Квалитет на насловот: Насловот го оценуваме како тенденциозен, бидејќи во себе ја содржи централната дискриминирачка фраза во текстот, таа која напаѓачот го опишува како „син на сопственикот на Канал 77“.

Говор на омраза: Главната причина поради која го анализираме овој текст е тоа што авторот наводниот напаѓач го идентификува како „син на сопственикот на Канал 77“. Нагласувањето на неговата семејна (социјална) припадност е апсолутно нерелевантно ниту за приказната, ниту за нејзиниот импакт. Сопственикот на Канал 77 не е јавен функционер или јавна личност со големо влијание во Штип. Доколку е вистина дека имало напад, а неговиот син е напаѓач, во полициската верзија неговата семејна припадност не е протолкувана како мотив и на каков било уверлив начин не е доведена во релевантна врска со инцидентот.

Поради тоа, оваа фраза го дискредитира сопственикот на Канал 77, дотолку повеќе што расветлувањето на инцидентот е во фаза на кривична пријава, а вистината ќе се утврди допрва, во кривична постапка што треба да заврши со правосилна пресуда.

Приложуваме линк на објавена вест од друг медиум, порталот Република, чија уредувачка политика не е спротивна на таа на порталот Курир, каде исто така е објавена вест за овој инцидент, дури и со повеќе детали, но не е спомната семејната припадност на лицето осомничено за напад на полицаец.

Заклучок: Од професионален аспект, не постои ниту нужда, ниту оправдана причина, во оваа вест, која и онака се потпира на едностран извор (полицијата), да се наведе и да се нагласи дека учесник во инцидентот е „син на сопственикот на Канал 77“. Дури и кога би постоела правосилна судска пресуда, која би ги докажала наводите во кривичната пријава од полицијата, не би било оправдано да се објави семејната припадност на сторителот на кривичното дело, ако таа не е релевантна за приказната. На таков начин се дискредитира и се повредува и неговото семејство, што е крајно проблематично од аспект на новинарската етика.

Рецензија: Полицаец нападнат од синот на сопственикот на Канал 77

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција