Рецензија: Половина милијарда евра од извоз на храна
Оваа вест има неколку големи проблеми: невозможни податоци, лоша структура и необјективен избор на податоците, кој не е сосема логичен и од кој не можат да се забележат вистинските трендови во надворешната трговија со храна на земјава.
Линк до оригиналниот напис: Половина милијарда евра од извоз на храна
Датум и време на објавување: 19.06.2014, 10:40
Датум на рецензирање: 19.06.2014
Рецензент: Владимир Петрески
500 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ХРАНА? СЕКАКО!
Главниот проблем во однос на вистинитоста е во насловот и во првиот ред – односно тврдењето дека годинава ќе сме имале „Половина милијарда евра од извоз на храна“. Веста се повикува на службени податоци од Народната банка на РМ, но во нив никаде нема прогноза за извоз на храна вреден од половина милијарда евра. Не што нема прогноза за извоз на храна, туку нема никаква прогноза. Таа е проблематична барем по два основи:
- Сите податоци во веста се во американски долари, освен овој за половина милијарда евра предвиден извоз. Генерално, историски и секогаш досега податоците за надворешно-трговската размена и во Македонија и во цел свет се објавуваат во долари, а не во евра. Причините за ова се бројни – од фактот што доларот е светска резервна валута, па се до потребата од континуитет на податоците за нивно полесно следење.
- Друг проблем е што земјава никогаш немала ваков голем извоз на храна и тоа не само што никогаш не сме ја достигнале оваа сума, туку ни приближно. Еве ги податоците за македонскиот извоз на храна во изминативе 5 години:
Како што може да се види, најголем извоз на храна сме имале во 2011 година, кој изнесувал 373,3 милиони долари. Со оглед на тоа што 500 милиони евра во моментов изнесуваат над 681 милиони долари, ова би требало да значи дека годинава треба да го зголемиме извозот на храна за 82,4 отсто за да ја достигнеме таа магична бројка од 500 милиони евра. Вакво нешто е невозможно и несериозно. И тоа ова уште повеќе зашто оваа прогноза нема никаков извор и вакво нешто не може да се најде дека било кога е кажано од НБРМ (која по правило не дава прогнози за раст или пад на извозот во конкретни стопански гранки).
Во однос на содржајноста, веста има проблем со споредбите, кои се прилично несоодветни и даваат погрешна слика за состојбите со надворешната трговија со храна. На пример, се споредува извозот во првиот квартал годинава со оној од пред 10 години, односно првиот квартал од 2004 година, при што се вели дека извозот се зголемил „ три и пол пати повеќе во последниве 10 години.“ Ова не е точно. Еве ги податоците:
Како прво, растот од 22 милиони долари извоз во првиот квартал од 2004 на 69,3 милиони долари во истиот квартал годинава не е „три и пол пати“, туку 3,15 пати. Ако се сакало да се заокружи, пак, требало да се каже 3,2 пати, но сигурно не 3,5 пати. Следен проблем се споредбите на арбитрарно избрани податоци од првиот квартал годинава со оној лани. Проблемот е што се споредуваат само податоци каде што има раст, мал пад и оние каде што нема промени. Ова не е вообичаено и зашто не претставува вест, но и зашто изборот на податоците е необјективен. Се вели дека „извозот на добиток до април изнесувал 600 илјади што е за 200 илјади долари повеќе од лани, а млечните производи и јајцата се на исто ниво“, потоа се вели дека „зголемување има и кај житните култури“ (што е точно – од 15,3 на 15,8 милиони долари), но не е кажана главната вест, а тоа е дека има голем пад на извозот на месо и преработки на месо и тоа од 12,3 милиони долари лани на само 8 милиони долари годинава или за над една третина. Од целата горна табела ова е податок со најголем процентуална разлика и како таков не смеел да се изостави.
ЗГОЛЕМЕНИОТ ИЗВОЗ ПРЕД МИКРОФОН, ЗГОЛЕМЕНИОТ УВОЗ СКРИЕН
Нешто слично, иаме и кај увозот. Таму, пак, се вели дека „увозот на шеќер и добиточна храна се скоро исти, а намалување има кај кафето и чајот.“ Но, она што не се кажува е растот на увозот на добиток, кој се зголемил 125 отсто или од 0,4 милиони долари лани првиот квартал на дури 0,9 милиони долари истиот квартал годинава. Необјективноста и манипулативната употреба на бројките веднаш се забележуваат: од една страна се кажува зголемениот извоз на добиток од 33 отсто, но се крие податокот за зголемениот увоз исто на добиток и тоа од 125 отсто. Објективно, нема што! И, уште повеќе, тука не е кажана главната бројка, според која раст бележи вкупниот увоз на храна и тоа од 151,3 милиони долари лани во првиот квартал на 164,1 милиони долари во првите три месеци годинава. Вкупната бројка за увозот на храна е најважна, како што е, впрочем, важна и онаа за вкупниот извоз. Но, таа во веста е прескокната.
Кога ќе се види дека веста ги спомнува само поволните бројки, односно оние за зголемено, исто, и малку намалено ниво на извоз, како и оние за непроменето ниво на увоз и намален увоз, додека бројките за падот на извозот и зголемувањето на увозот, како и вкупното ниво на увоз на храна се прикриваат, се разбира дека текстот е пристрасен. Ваквото бирање на поволни податоци по желба, а избегнувањето на неповолните е основа на необјективноста. Во ваква ситуација нема потреба од коментирање за читателот да добие погрешна претстава за состојбите. Коментирањето е направено преку прескокнување на основните податоци и бројки, кои морале да бидат дел од објавениот микс.
Насловот претставува сериозен проблем – и заради користењето на несоодветната валута (евра, иако сите податоци на НБРМ за извозот се во долари), но и заради нереалната прогноза, која не е соодветно сорсирана, односно не содржи извор.
НИВНОТО ВИСОЧЕСТВО: ТАБЕЛИТЕ И ГРАФИКОНИТЕ
Има еден многу добар начин да се избегне необјективноста во претставувањето на податоци, кои се составени од бројки. Тоа е нивна визуелизација преку табели (како што е сторено овде) или, уште подобро, преку графикони. Повторување на премногу бројки во една вест знае да биде ем здодевно, ем тешко за следење, но нивното визуелно организирање го зголемува восприемањето од страна на читателите и ја зголемува и читаноста и гледаноста. И, се разбира, бројките не смеат да се бираат во однос на нивната квалитативна вредност – односно не смеат да се објавуваат само оние бројки, кои нам ни се чинат добри и позитивни, а да се избегнуваат негативните. Тоа никому не му служи на чест.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар