Рецензија: Порака до СДСМ: Ова не е „Х Фактор”, ова се избори

Poraka-do-SDSM-X-faktor-Sit-crop-resize

Овој телевизиски новинарски прилог, за жал, има многу слабости: има проблеми со вистинитоста; на неа се надодава концептот на користење на анонимни извори без да има причина за тоа. Текстот е, вусшност, полн со коментари, почнувајки од насловот и пристрасен без ниту најмал обид да го скрие тоа.

Но, да ги видиме аргументите за еден ваков категоричен вовед.

Poraka-do-SDSM-X-faktor-SitЛинк до оригиналниот напис: Порака до СДСМ: Ова не е „Х Фактор”, ова се избори

Датум и време на објавување: 15.12.2013 – 17:22

Датум на рецензирање: 16.12.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Имаме сериозни причини да ја проблематизираме вистинистоста на овој новинарски текст, кој сакал да биде споредбена анализа на две политички програми – онаа на Обама и онаа на СДСМ, односно на Заев како што сака да констатира новинарот. Прилогот со ништо не го поткрепува главното тврдење дека СДСМ ја ископирале програмата на Обама за средната класа. Тоа дека некоја политичка партија внесува во програмата, во овој случај, ревитализација на средната класа, го има кај многу политички партии. Освен тоа, условите во кои се спроведуваат политиките не се секаде исти. Некаде партиските програми за средната класа може да бидат неуспешни, но ова не значи дека тие насекаде ќе бидат неуспешни. Изборните плакати на Обама, на кои се повикува авторот, не потврдуваат дека се работи за суштинска копија на дел од политичка програма посветена на средната класа.

Анонимните извори и безимените експерти, доколку се навистина консултирани, со ништо не потврдуваат дека се работи за копија, туку само површно коментираат.

Извори на информации: Изворите на информации користени во овој ТВ прилог се „анонимни” и „експерти”. Тоа веднаш ја доведува во прашање новинарската тежина и релевантност на една, според аспирацијата, амбициозна политичка анализа.

Содржајност: Во обидот новинарскиот текст на добие на дополнителна содржајност, авторот цитира непознати експерти кои коментираат:

„… СДСМ заборава дека секоја земја има свои специфики и дека секоја политичка програма освен добар маркетинг бара и сериозна работа на терен, за која СДСМ нема капацитет.“

Всушност, со овој коментар новинарот паднал во сопствената стапица. Со констатацијата дека секоја земја има свои специфики за спроведување на една политичка програма, авторот, не сакајки отвора можност дека одредена политичка програма, која во некои делови е слична, или иста, со програмата на политичка партија од друга земја, некаде може да биде успешна, а некаде не.

Пристрасност: Ова е новинарски текст од насловот до заклучокот е исполнет со политичка пристрасност. Уште повеќе, таа политичка пристрасност не се ни крие и оваа рецензија, врз основа на една објективна методологија, го докажува тоа.

Коментирање: Речиси во секој пасус на овој текст има коментар. Авторот коментира уште во насловот, а и во текстот:

„…Дека имаат право потврдуваат и плакатите со кои Обама ја бараше довербата на последните избори и кои се со речиси истите пораки кои македонските социјалдемократи ги испраќаат на своите јавни настапи низ Македонија.

Копирањето на политички програми не е ништо ново на Бихаќка. Кога Радмила Шеќеринска ја раководеше партијата, таа се обиде да ги копира проектите на поранешниот британски премиер Тони Блер, а социјалдемократите истата кампања излегоа и со лого превземено од производител на банани.”

Наместо да анализираат и аргументирано да оспоруваат, коментираат и анонимните  аналитичари, односно експертите (ако се навистина консултирани):

„Според нив, опозицијата покажува дека нема доволно квалитетен кадар кој ќе напише автентична програма која ќе може да се примени во Македонија и ќе даде резутати, па затоа, прибегнуваат кон копирање на туѓи програми, кои и во земјите за каде се креирани го топат рејтингот на нивниот носител.”

Во делот на содржајност може да влезе и делот каде што авторот потсетува на една од претходните кампањи на СДСМ и ја обвинува оваа партија дека копирала лого од производител на банани за политичка за кампања. Настрана што се работи за веќе елаборирана, бајата приказна, авторот заборава дека мотивот на сонцето не е ексклузивен и во разни варијанти тој се аплицира во многу ситуации. Впрочем, сонцето беше мотив на лого и за кампањата „Купувајте македонски производи“. Зошто тоа не беше оценето како плагијат?

Квалитет на насловот: Точно е тоа дека новинарите  со својата работа упатуваат пораки, но некој тоа го сфатил многу буквално и како делење лекции. Така, насловот на овој текст не само што е коментар, туку е и лекцијашење.

Заклучок: Ако ја користиме истата постапка спроведена во овој текст, тогаш можеме да кажеме дека „ова не е Х фактор, ова (треба да биде) е новинарство“. Доколку се согласуваме дека (треба да) е новинарство, тогаш треба да се согласиме и со тоа дека овој ТВ прилог потфрлил во сите сегменти на еден новинарски продукт за кој се потребни неутрален јазик, објективен пристап, соодветни кредибилни извори и – втората страна. Нема ништо од тоа, а дали има Х фактор – тоа е големо прашање.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција