Рецензија: Пораките од посетата на Нуланд

kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID44216-CROP-RESIZE

Станува збор за новинарски производ кој со еден селективен пристап се осврнува на посетата на американскиот заменик-државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд. И, притоа ги нагласува само добрите пораки. Поточно, само оние кои се во прилог на власта. (Слично како и во извештајот од посетата на Нуланд, објавен претходниот ден – 14.07.2014.) Дополнително, материјалот што го рецензираме се затскрива и зад виртуелни експерти, обидувајќи се да ја протне субјективната перцепција за неисправната политика на опозицијата,  како оцена на меѓународната заедница.

'КАНАЛ 5 - Телевизија' - kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=44216Линк до оригиналниот напис: Пораките од посетата на Нуланд

Датум и време на објавување: 15.07.2014, 14:27

Датум на рецензирање: 16.07.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ВЕЛИЧЕЊЕ НА ПРЕМИЕРОТ

Прилогот се потпира на официјалната изјава на америкаснкиот заменик-државен секретар дадена по средбата со македонскиот премиер. Меѓутоа, фокусот е ставен на моментот кога Нуланд му го честита новиот мандат на премиерот:

„Имавме искрен и отворен разговор со премиерот, сакам да му се заблагодарам на премиерот за тоа, апсолутно е круцијален моментот кога го почнува својот нов мандат… “

И, иако овој фрагмент од нејзината изјава има повеќе куртоазен  тон, неговото значење во написот е предимензионирано. Па, наспроти фактот што посетата на Нуланд на Македонија е дел од нејзината поширока турнеја низ регионот и во неколку европски земји, написот е така интониран што дури прозвучува како таа да дошла специјално за да му ја честита победата на Груевски!

Впрочем, таквиот впечаток се наметнува уште во првата реченица  скроена во коментаторски манир и во која се претерало со величењето на победата на премиерот и лидер на десницата:

„Таа му ја честиташе силната и уверлива победа и новиот мандат на премиерот Груевски, а го истакна и задоволството од планот за реформи на новиот владин состав“

 

ВИРТУЕЛНИ ЕКСПЕРТИ

Во прилогот воопшто не се споменува делот од изјавата на Нуланд во кој таа повикува на важноста на меѓуетничката хармонија, а кој го пренесоа другите медиуми.

„Ние одамна ја поддржуваме визијата на интегрирана Македонија, вие имате посебна одговорност тука во регионот да станете пример за тоа како албанската и македонската заедница заедно живеат во мир и просперитет. За тоа треба многу работа, можности за двете страни. Ги охрабруваме двете страни да работат заедно, да воспоставите златна средина за овој регион, за мирот, безбедноста, хармонијата, меѓуетничката соработка и единство, така што Македонија ќе стане посилна“

Но, затоа пак, е одвоен простор за анонимни експертски  мислења во кои опозицијата се посочува како креатор на политичката криза, а пораките на Нуланд се толкуваат како „давање поддршка за работата на новата Влада“ .

 

НЕДОСТИГА ДИСТАНЦА

Ваквиот необјективен  пристап во обработката и пласирањето на информациите прилично јасно покажува на која страна е наклонет прилогот. Видливо е дека овој политички некоректен текст, озаглавен со неинвентивен наслов, нагласено се труди да ја воспева владејачката партија и да ја стави во негативен контекст опозицијата. Што, гледано од професионален аспект, е во спротивност со принципите на  етички исправно новинарство – членот 14 од Кодексот на новинарите, каде меѓу другото е наведено дека: новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти .

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција