Рецензија: Поранешната новинарка Весна Ковачевска Трпчевска ја изгуби тужбата од „Канал 5“

Поранешната новинарка Канал 5 Net Press-crop-resize

Еден од основните темели на секоја демократската држава е поделбата на власта на законодавна, судска и извршна. За земјата нормално да функционира клучен елемент кој треба да биде исполнет е сите овие три власти да бидат независни една од друга и да функционираат паралелно, а не „сплотено“ и една на друга да си навлегуваат во ингеренциите.

Значи, ако оваа поставеност ја земеме за појдовна точка, секако имајќи ги предвид пораките кои постојано се праќаат до Македонија за неопходноста од „протерување“ на политиката од судството, тогаш се поставува прашањето зошто во еден новинарски производ се меша правото и политиката? Одговорот кој произлегува од самиот текст е дека тоа секако не е случајно, туку е намерно направено.

Поранешната новинарка Канал 5 Net PressЛинк до оригиналниот напис: Поранешната новинарка Весна Ковачевска Трпчевска ја изгуби тужбата од „Канал 5“

Датум и време на објавување: 31.10.2013, 13:42

Датум на рецензирање: 01.11.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Вистинитоста, која се темели на судска пресуда дознаена од сопствени извори, се искривува низ политичка призма, бидејќи не случајно се мешаат „баби и жаби“. Би немало проблематични елементи во оваа категорија ако се останало на тоа дека една новинарка го изгубила процесот против медиумот во кој работела. Судот така проценил и тоа би било сѐ. Што понатаму би си решавале засегнатите или судските инстанци. Но, информацијата дополнително се обландира со тезата дека

„тоа што таа ја изгуби тужбата и нејзиното ново работно местo и пресудата дека треба да плати парична казна е само доказ дека целата нејзина драма всушност е добро режирана политичка игра под палка на СДСМ“.

Значи ли тоа дека ако „сето не било политичка игра на опозицијата“ новинарката ќе го добиела спорот? Оттука, кај читателите се создава впечаток дека судот пресудил не врз основа на приложените докази и фактичката ситуација, туку врз база на сознанието дека случајот имал голема политичка позадина.

Извори на информации: Изворите се назначени како „судски“ и се користат само на едно место. Во останатиот дел од текстот нема јасно определени извори.

Содржајност: Пласираната вест, во својата основа, има добра информација која речиси секогаш е многу интересна за јавноста – судски спорови со новинари. Квалитетот на содржајноста се губи поради „политизирањето и партизирањето“ на текстот кој доколку останал на примарната рута би можел да биде една од вестите на денот.

Пристрасност: Силно изразена пристрасност, со елементи и на „радост“ дека една од страните, во овој случај колешка-новинар, загубила спор.

Коментирање: Коментирањето е застапено на одредени делови и многу нападно и отворено со цел на еден правен процес да му се даде што е можно поголема политичка димензија.

Квалитет на насловот: Насловот е коректен и ја пренесува главната вест, која натаму во текстот добива на „политичка тежина“.

Фотографија: Извештајот е илустриран со две фотографии кои ги прикажуваат двете засегнати страни – новинарката и медиумот во кој работела.

Заклучок: Непотребно и неумесно „новинарско“ политизирање на судски случај. Ако веќе некој сакал да му даде политичка конотација на тоа што за односот меѓу власта и опозицијата значи дека една личност, која пред три години кога бил отворен случајот била новинар, а сега кога го загубила процесот е во поинаква функција, би било покоректно тоа да го сторил од партиска говорница. Дополнително, не е во согласност со професионалните стандарди, медиум да манифестира „судски“ амбиции како што беше покажано во овој текст:

„Изгубената тужба и паричната казна, која и била изречена на Ковачевска Трпчевска, докажуваат дека сите нејзини зборови и обвинувања биле невистинити и неаргументирани“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција