Рецензија: Порталите блиски до опозицијата веќе не знаат што прават!

kurira_000000000_0000456666-crop-resize

Нотирајќи медиумска „утка“, се согласувам не мала, овој текст влегува во друга грешка – ја презема улогата на новинарски обвинител, судија и на крајот егзекутор. Паралелно со самопромовирањето во „највисока професионална инстанца“, а би рекле неаргументирано, овој текст им ја налепува етикета на своите конкуренти и колеги од другите портали дека се финансирани од опозицијата и дека, како што се вели, ја исполнуваат обврската да “плукаат“. Ајде да видиме, кој во дадениов случај, плука.

kuriraЛинк до оригиналниот напис: Порталите блиски до опозицијата веќе не знаат што прават!

Датум и време на објавување:  09.12.2013    11:37

Датум на рецензирање:  10.12.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост:  Ја има, но забележително е дека е намерно искривена. Пропустот околу информирањето за тоа дали средбата на премиерот со првиот човек на Унијата е скриена и (зло)употребена за политичко етикетирање на, според некого,  неподобни медиуми дека се за опозицијата, дека таа ги плаќа и дека:

„Порталите блиски до СДСМ ги зафати “синдормот Заев“, на себе негирање од ден во ден“.

Многу обвинувања сместени во една реченица. Зошто наместо да се презема улогата на „новинарска инквизиција“ не е оставено за грешката, на пример, да расправа Судот на честа на ЗНМ како тело кое има такви ингеренции? Зошто Владата да не реагира, па потоа медиумите кои го направиле пропустот да го објават демантот како што налага членот 3 од Кодексот на новинарите на Македонија дека „Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“? Одговорот најверојатно треба да се бара во потребата да се „обележат“ тие медиуми како „плукачки, СДСМ-овски и како што се наметнува изгубени како и опозицијата“. Сосема непотребно. Ако веќе со овој текст се сакало да се постапи коректно, тогаш можело со малку труд да се увиди дека еден од „осудените“ портали неколку дена пред грешката ја најавил средбата во Брисел, јасно наведувајќи извор. Тоа е доказ дека не станувало збор за „политичка тенденција“ како што се тврди, туку за пропуст во информирањето.

Извори на информации:  Релевантни извори нема, не се наведени. Се користат констатации од типот „плукачки, самонегирачки, опозициски, итн“ без тоа јасно и недвосмислено да се поткрепи.

Содржајност:  Ако сакаме да видиме „нешто ново“ во смисла на оцрнување, тогаш има. Ако сакаме да прочитаме навистина содржајно четиво, тогаш нема.

Пристрасност: Ја има и таа е јасна, оди на линија на политичко фаворизирање на една страна за сметка на друга. Во приказната споменатите медиуми само се иксористени како повод или паричка за партиско поткусурување. Ваквото однесување не е во согласност со членот 14 од Кодексот на новинарите за обезбедување професионална дистанца од политичките субјекти.

Квалитет на насловот: Не само што е сензационалистички туку е и навредлив. Се цели на разумноста на новинарите кои работат во порталите наведени во текстот.

Фотографија: Употребените фотографии се коректно преземени од порталите како доказ за нивниот пропуст.

Заклучок: Зошто еден медиум да се става во позиција на „бранител на една страна“, а таа во овој случај секако не е јавноста? Зошто да се презема улогата која е наменета за други тела, а не за еден медиум? Зошто да не се остави публиката сама да ја оценува професионалноста или непрофесионалноста на другите колеги? Затоа што така било кажано и за жал спроведено во овој текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција