Рецензија: Постојано се одложува решението на проблемот со кривопаланечката депонија

rss-deponija-0987-000-crop-resize

Темите кои се однесуваат на животната средина ретко се наоѓаат на дневната медиумска агенда, особено ако за тоа нема повод. Овој телевизиски прилог е исклучок од трендот и изборот на темата и самото тоа што новинарот ја опредметил својата улога на „агенда сетер“, поставувајќи го овој долгогодишен проблем во листата на теми, е за пофалба. Покрај тоа, откако ќе се погледне прилогот, се добива севкупна, концизна и јасна претстава за лоцирање на одговорноста, се поставуваат високо и се почитуваат професионалните стандарди за консултирање на инволвираните страни и се посочува точно „каде лежи зајакот“ и како проблемот влијае на имиџот на Република Македонија.

rssЛинк до оригиналниот напис: Постојано се одложува решението на проблемот со кривопаланечката депонија

Датум и време на објавување: 08.03.2014

Датум на рецензирање: 10.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Низ дискурсот преовладуваат фактите, кои се прецизни и проверени. Се изнесуваат низа факти, како, на пример, тоа дека Министерството за животна средина најавило казни, се обезбедува опис на местото покрепено со видео снимки, се посочува проблемот, но и се потсетува на постари акции на властите, од што гледачот може да донесе свои вредносни судови врз основа на податоци од подолг временски период. Ова е позитивно. На пример:

Пред две години Алексовски предвидуваше дека до 2014 година ќе се реши проблемот со изградба на регионална горилница за смет, па откупи неколку околни парцели и ја прошири депонијата.

При изработката на медиумскиот производ професионално е постапено кога се консултира оној за кого се пишува, односно кога новинарот бара одговори од надлежните. Изјавите се видео-документирани што дава поголема тежина и уверливост. Изјавите се силни и преку нив сторијата добива веродостојност:

– Не е убава сликата кога ќе влезете во Крива Паланка и кога ќе се види тој дел, но оваа депонија е тука над дваесет години, тука е стационирана, поставена, таква е каква што е, вели Арсенчо Алексовски – градоначалник на Крива Паланка

Станува збор за текст кој ги опфаќа во целост инволвираните страни, детално ја изложува темата во даденото медиумско време што на телевизија е значително ограничено и содржи изјави, како и пресек на сите околности во врска со депонијата. Гледачот може да добие релевантни информации и податоци.

Завршетокот од текстот, односно заклучокот, оддава впечаток дека содржи коментаторски елементи, меѓутоа коментарите се однесуваат на појавата, а не во насока да дискредитираат или да наштетат некому. Новинарот ја коментира депонијата, нејзините ефекти врз животната средина:

Грдата слика од стотици тони смет натрупани веднаш до магистралниот пат кон Бугарија стана секојдневие за минувачите, а локалните власти во Крива Паланка немаат намера да обезбедат  ниту минимални критериуми за функционирање на депонијата и покрај тоа што помина еден месец  откако Министерството за животна средина предупреди дека ќе следуваат големи парични казни.

Депониите од североисточниот регион, еколошки жаришта за околината, ќе ги гледаме во истата состојба и наредните три години. Градските депонии во Куманово и Кратово како загадувачи на воздухот, водата и почвата, кривопаланечката, згора на тоа и срам за државата во очите на странците кои минуваат по таа магистрала.

Изборот на темата и нејзината обработка се изведени изворно во редакцијата, односно станува збор за авторски текст, кој е оригинален.

Севкупно, низ професионален, а сепак, корективно-критички дискурс, во овој прилог прецизно се лоцира нефункционалноста на системот и новинарството се става во улога на коректив на институциите – лоцира и бара одговорност. Ова не може да се спореди со критизерство, бидејќи е направено со професионални чекори, како консултирање на извори, употреба, посочување и докажување на фактите, како и давање на осврт на историјата и значењето на проблемот кој се третира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција