Рецензија: Потезите на СДСМ се знак на очај – народот не верува во манипулации

zaev-sekerinska-0987-098-crop-resize

 

Овој текст нема цел да информира, туку да дезинформира. Тој нема допирни точки со новинарството, туку повеќе робува на партиски цели.

Текстот, од анкета со неколку граѓани, прави дефиниција за јавното мислење. Притоа, со петмина граѓани сака да ја покрие манипулацијата која се крие зад споменувањето на еден цел народ.

Ова е едностран новинарски производ, кој има претенциозен наслов. Текстот е зачинет со коментари и од авион се гледа дека е политички пристрасен. Тој е крајно непрофесионален, со мотив да ја дискредитира опозицијата.

zaev-sekerinskaЛинк до оригиналниот напис: Потезите на СДСМ се знак на очај – народот не верува во манипулации

Датум и време на објавување: 04.12. 2014, 13:47

Датум на рецензирање: 04.12. 2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ТЕШКО ДА СЕ ДОКАЖЕ

Да се докаже вистинитоста на овој текст е тешко. Тврдењата не се баш соодветно покриени со новинарски аргументи. Од друга страна, пак, текстот е целосно необјективен и е зајакнат со неколку коментари.

„Македонските граѓани не им веруваат на социјалдемократите. Дури и оние кои со години им ја даваат довербата очекувајќи од нив силна стратегија која ќе ги донесе на власт, “кренаа раце“ од СДСМ.“

Текстот сака да ни прикаже дека неколкумина анкетирани се сите граѓани на Македонија. Тоа е немерливо, ниту со најмали проценти, а не, пак, да покажува некоја реална бројка. Со тоа воопшто не може да се каже дека текстот е вистинит, затоа што нема услови за тоа – нема голема група на луѓе, нема реални показатели, нема аргуметни.

Од друга страна, пак, во анкетата не се застапени различните ставови на граѓаните, што го прави текстот пристрасен. Се добива впечаток дека целта е да се етикетираат првите луѓе на СДСМ и со тоа да се дискредитираат.

 

МАНИПУЛАЦИЈА СО АНКЕТИРАЊЕ

Инаку, анкетирањето е познат и признаен метод на истражување, но, тоа може да биде и начин за моделирање на јавното мислење. Затоа се вели дека анкетите се многу корисно оружје ако се стават во рацете на политиката, а ако се злоупотребат, стануваат исклучително деструктивни.

„- Прво они ги изневерија нивните гласачи, тие гласаа за нив они не се појавија во собрание а платата ја земаат, вторно не излегуваат со никакви конкретни идеи со никакви конкретни програми, тоа е толку неозбилно од нивна страна, за една партија која порано беше со реноме, сега се толку прозаични, најавуваат бомби, незнам што им се и какви им се тие бомбандирања.“

Оваа изјава како да е излезена од штабот на владејачката партија. Таа ги има истите зборови и тези со соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, лиферувано истиот ден кога излезе и овој текст. За да направиме компарација, еве и дел од соопштението на владејачката партија:

„Рената Тренеска Дескоска 7 месеци по ред добива месечна плата од над 65 000 денари. Тоа се пари од даноците на граѓаните. Рената Тренеска Дескоска се нема појавено ниту еден ден на своето работно место.

Ги повикуваме Рената Тренеска Дескоска и нејзините колеги, ако навистина го мислат тоа што го зборуваат, да ги вратат сите пари кои ги имаат подигнато на име на надоместок за пратеничка плата.“

Насловот е целосно невистинит, затоа што главното тврдење е непоткрепено.

Текстот има говор со кој ги дискредитира лидерите на опозицијата, а нивните ставови ги класифицира како неполитички и антидржавни. Тој им е препуштен главно на соговорниците, кои се цитирани во текстот.

За еден текст да го задоволи барем минимум критериумот за сеопфатност, мора да презентира и спротивен или поинаков став. Тоа во овој текст го нема и затоа може да се каже дека прикрива суштински информации.

Овој текст има само една цел. Да ги оцрни првите луѓе на СДСМ. Тешко е да се поверува дека во центарот на Скопје, каде што е направена анкетата, не бил сретнат ниту еден човек кој ќе ги подржи одлуките на оваа партија. Тоа текстот го прави пристрасен и необјективен. Овој напис користи граѓани и наводна анкета за да ги протурка ставовите на една политичка партија. Тое е недозволиво во новинарството. Затоа и тешко дека некој ќе му поверува.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција