Рецензија: Пратеници Македонци се залагале за Голема Албанија

Написот е етноцентристичен, националистички, го дискриминира правото на некого да се залага за ставови и вредности во кои верува. Текстот не ги задоволува професионалните стандарди затоа што не е следено едно од основните начела, да се праша „втората страна“.

Така, текстот е со тенденција да обвини некого дека „не се залагал за македонска кауза“, туку за албанска, која е претставена како нешто погрешно, но „обвинетиот“ не е ни прашан за што, всушност, се залага.

Рецензија: Пратеници Македонци се залагале за Голема АлбанијаЛинк до оригиналниот напис: Пратеници Македонци се залагале за Голема Албанија

Датум и време на објавување: 16.05.2013, 09:53

Датум на рецензирање: 10.06.2013

Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ

Вистинитост: Во написот се споменуваат имиња на пратеници за кои се изнесуваат тврдења дека се залагале за Голема Албанија, на пример, но ниту еден од посочените не е контактиран и недостасува „втората страна“.

Исто така, се наведува дека некој пратеник иако има македонски корени, од страв не се декларирал како Македонец, што е произволно тврдење, без потврда од посочениот пратеник. Оттука, не е јасно дали изнесените информации се веродостојни.

Извори на информации: Изворот е медиум, поточно ТВ Сител, а вметната е изјава (претпоставка е дека таа е дадена за Сител) на генерален секретар на албанската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), кој е релевантен да зборува за партијата што ја претставува, но не и за други лица.

Содржајност: Ако темата била како политички ангажираните Албанци со македонско потекло се залагаат за интересите на македонското малцинство, тоа не е сеопфатно направено и текстот продолжува во сосема поинаква насока од онаа што се навестува со првата реченица.

Пристрасност: Написот е апсолутно пристрасен и пропагира дека ако некој има македонско потекло, треба да работи за каузата на својата етничка група, иако не е опишан опсегот на тие интереси што треба да се застапуваат.

Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен и објаснува дел од текстот за кои нема релевантен извор, ниту потврда за кажаното, што значи дека не одразува вистинити информации.

Фотографија: Фотографијата би требало да ја прикажува потенцијалната единствена пратеничка од МАЕИ, но нема објаснување под фотографијата. Претставена е под знамето со сонцето од Вергина што треба да покаже дека таа се залага за македонските интереси (кои и да се тие), иако нејзиниот ангажман не е објаснет во текстот, така што фотографијата е несоодветна на содржината.

Говор на омраза: Текстот е преполн со дискриминаторски реченици. Таков е примерот со споменатиот потпретседател на албанската влада, Миќерем Тафај. За него е наведено дека „мајка му не знае ниту збор албански, а тој наместо да се залага за правата на македонското малцинство, прави штети“. На овој начин, се дискриминира нечие право да се залага за тоа во што верува, а тоа што наводно го прави, се квалификува како „штетно“.

Заклучок: Овој напис покажува стереотипно, националистичко размислување, одразува непочитување на граѓанските права и непочитување на професионалните стандарди при информирање на јавноста. Поттикнува омраза со тоа што без да ги праша, квалификува луѓе дека прават штета со тоа што не застапувале „интереси на македонското малцинство“.

Како потврда, се посочуваат примери од другите соседни земји, при што се креира предубедување дека етничкото потекло на некој човек мора да го „обликува“ неговото однесување и залагање за одредени ставови.

Рецензија: Пратеници Македонци се залагале за Голема Албанија

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција