Рецензија: Премиерот го збунил професорскиот пленум – по консултациите со СДСМ професорите побегнаа од дебата

 

Firefox_Screenshot_2015-01-08T23-25-09.136Z-crop-resize

 

Имаме тенденциозен текст кој делумно се темели на факти, кои, пак, се искривоколчени до таа мера што сериозно е разнишана вкупната вистинитост на материјалот. Во суштината лежи длабок спин, би рекле со политичка заднина, чија цел е да ја дефокусира публиката од главната тема – владиното инсистирање, наспроти професорските и забелешките на студентите, по секоја цена да воведе „новини“ во високото образование.

Firefox_Screenshot_2015-01-08T23-25-09.136ZЛинк до оригиналниот напис: Премиерот го збунил професорскиот пленум – по консултациите со СДСМ професорите побегнаа од дебата

Датум и време на објавување: 05.01.2015, 14:17

Датум на рецензирање: 08.01.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПРОФЕСОРИТЕ ЗБУНЕТИ, ОПОЗИЦИЈАТА КАБАЕТ?!

Како што веќе споменавме, вистинтоста е сериозно поткопана од неколку причини. Првата: имаме факти кои се криво насадени, секако намерно. Да, точно е дека имаше неочекувана реакција од членови на „Професорски пленум“, кои, очигледно изненадени од „влетувањето“ на премиерот на нивната прес-конференција, прифатија, па потоа се повлекоа од неговата покана да учествуваат на т.н. дебата во Собранието. Но, таквиот потег секако не ја оправдува формулацијата дека тоа било „направено во координација со СДСМ“. Не знам каде се аргументите за ваквото тврдење, бидејќи нив, едноставно, ги нема во написот.

Ако обвинувате за „опозициско вмешување“ во професорската иницијатива, секако мора да имате кредибилни докази со кои би излегле пред читателите. Втора причина за проблематична вистинитост: се вели дека професорите се против реформата во високото образование, што е невистина, бидејќи нивните јавно изнесени позиции се дека се за промени, но такви за кои претходно ќе бидат консултирани и во ќие подготвување тие ќе бидат вклучени. Третата причина е нецелосното опишување на настанот – упадот на премиерот и неговото нахално однесување кое не соодветствува на функцијата што ја извршува и канењето „сега“ да се разговара за предложените измени. Токму тука е спинот бидејќи Владата, поточно нејзниот прв човек, кој директно го презеде менаџирањето на целото прашање, покажува некаква волја за кооперативност дури откако измените „дебело загазија“ во собраниска процедура. Значи, работата е „ајде да разговараме, ама знајте дека основата веќе е поставена“. Овој елемент во материјалот недостига.

Работата не е најчиста и во делот на изворите на информации. Околу консултирањето со СДСМ нема каков било кредибилен аргумент. Дополнително, не се најкоректно и во целост пренесени дел од клучните изјави на професорите. Оттука и не може да се очекува дека содржајноста би добила добра оценка. Впечатокот е дека се сакало да се „претрча“ преку целиот сложен настан и да се издвои само она што некому му фатило око – „Премиерот дојде, професорите неспремни“! Исто така, неизбежна е и целокупната атмосфера на едностраност и презентирањето само на една страна од паричката. Впрочем, самиот наслов јасно ни кажува во која „насока оди овој текст“:

„Премиерот го збунил професорскиот пленум – по консултациите со СДСМ професорите побегнаа од дебата“

Конечно, сметам дека од овој напис „збунета“ и неинформирана ќе остане само публиката.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција