Рецензија: ПРИКАЗНА на човекот кој ги капе МРТВИТЕ: Од ова ќе ви замрзне крвта во вените

mrtovci-09876-098-crop-resize

Ова е текст што дури не може ни да се опише. Неверојатно е што сѐ може да се прочита во медиум. Притоа, воопшто не се водело сметка дали тоа вреди да се објави и што би предизвикало кај читателите. Ова е текст како од најморбидниот филм од Ц-категорија. Нема никаква новинарска логика, нема вистинитост, нема содржајност, нема релевантен извор, нема никаква допирна точка со новинарството.

mrtovciЛинк до оригиналниот напис: ПРИКАЗНА на човекот кој ги капе МРТВИТЕ: Од ова ќе ви замрзне крвта во вените

Датум и време на објавување: 28.10.2014, 02,20

Датум на рецензирање: 10.11.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ПРЕМНОГУ ХОРОР

Во ниту еден момент не може да се поверува дека се работи за вистински настан. Иако има извор (Босански сајт) текстот е бизарен и бесмислен. Секако, вакви сцени сме гледале во хорор-филмови, но тоа не е и за во новинарски текстови. Некритички е земен превод од друга веб-страница без да се размисли за последиците што може да ги предизвика во јавноста.

Пулс 24   ПРИКАЗНА на човек кој ги капе МРТВИТЕ  Од ова ќе ви замрзне крвта во вените-002Нејасно е и зашто само два збора од насловот се напишани со големи букви. Се сакало да се засили сензационалистичкиот елемент. Инаку, написот е до таа мера непримерен што човек ниту да го види ова нема да поверува:

„На креветот лежеше тој а околу него три слугинки од различна националност. Се доближив до креветот и го отскрив од белиот чаршав со кој тој беше покриен. Починал пред еден час. Кога го открив неговото лице една мравка излезе од неговиот нос, потоа почнаа да излегуваат многу мравки, влегуваа од устата а излегуваа од ушите, одеа преку лицето и повторно истото.“

Не се знае што треба да значи тоа што слугинките биле од три националности(?!). Со делот, пак, за мравките, не е јасно што се сакало да се каже.

„Капак“ на текстот е:

„Никогаш претходно немав видено нешто вакво, сум избањал повеќе од стотина тела, но вакво нешто не сум видел, на после само еден час после смртта од телото да излегуват животни. Четири ноќи не можев да заспијам постојано ми беше неговата слика пред очите.“

Нејасна и чудна е структурата на текстот. Низ целиот текст се зборува за мравките што излегувале од телото на починатиот човек, за потоа да се премине на сосема друга тема за домашно насилство. Ниту за едното, ниту за другото нема никакви сериозни извори, туку некаква си анонимна исповест, која изгледа крајно неуверливо.

Вакви текстови, за жал, сѐ почесто се појавуваат низ македонските медиуми. Сепак, мора да се знае дека ова нема никаква врска со „мејнстрим“ новинарството, туку, можеби, е само за во оние списанија од типот на „Трето око“. Инаку, не може да се разбере која била целта за да се објави еден ваков текст. Иако тој е преземен од босанска веб-страница, целиот текст е работен врз база на шпекулација и на муабети кои можеби кружат кај селаните во селото кадешто, наводно, се случил настанот. Како и да е, ова е еден текст кој е училишен пример за тоа како не треба да се пишува и што не треба да се објавува во медиум.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција