Рецензија: Приказни од бурниот холивудски живот на Хеди Рамковски, синот на медиумскиот магнат Велија

123-09876-09800-crop-resize На текстот може да му позавиди и сценарист за порно филмови. На несериозен, површен начин, недокументиран и, се разбира, без никаков извор, се опишува живот на еден човек кој се бара со меѓународна потерница. Поголемо внимание во текстот е обрнато на деталните, сочни описи, одошто на фактот како ќе се постигне степенот на веродостојност на изнесените информации. Дури и дискурсот е отворено несериозен, почнувајќи од зборот „приказни“ во насловот. Целиот текст е напишан по принципот на кафеанско озборување. 123

Линк до оригиналниот напис: Приказни од бурниот холивудски живот на Хеди Рамковски, синот на медиумскиот магнат Велија

Датум и време на објавување: 19.09.2014, 11:14

Датум на рецензирање:23.09.2014

Рецензент:Мирослава Бурнс

Како би можело да се каже дека било што во овој текст е вистинито кога за тоа не се нуди ниту кредибилен податок, ниту извор, ниту се дава било каква подетална информација која поблиску би го идентификувала изворот на приказната за која се пишува. Се поставува прашањето каде е границата на која се разидуваат она што е вест-вредно, докажливо и професионално за известување и она што можеби е интересно за дел од читателите и кое ќе донесе голема посетеност. Текстот изобилува со детали, со информации, но ретко за кој од нив може да се потврди дека е вистинит. Структурата на текстот го прави изнесеното неверодостојно, а ова е засилено со недостигот на извори, макар и анонимни. На пример, уште на почетокот се става до знаење дека станува збор за непотврдена информација за која дури ни авторот нема фактичко уверување, туку се потпира на пренесување нешто што чул од некого, без да се грижи дали тоа е вистинито или не:

Просто неверојатни се приказните кои дојдоа до нашите уши а кои се поврзани со Хеди Рамковски, синот на неприкосновениот медиумски магнат Велија Рамковски.

Како што веќе напоменавме, во поглед на изворот на информации, не е веродостојно дека тие постојат:

Нашите извори ни велат дека Хеди целото тоа време имал изнајмено хациенда на Водно, онаа која сега деновиве стана хотел Рагуза.

Освен тоа, се презентираат синтаксички форми на кафеански муабет, каде не се кажува кој ги изнесува тврдењата. Едноставно, личи како да е напишано нешто што некој го слушнал од некого. Ова не говори добро за кредибилитет на текстот, кој треба е поврзан со веродостојноста и релевантноста на изворот и врз основа на тоа приказната да може да се потврди.

Дури се прераскажува една случка како една сега многу славна пејачка која во моментов е главна селебрити ѕвезда и е на постери за минерални води и други брендови, едно утро како тотален анонимус се појавила со своето цеде пред вратата на таа вила и молела да биде поканета да гостува во некоја од емисиите на А1 и да и биде промовирана песната, па штом Хеди ја здогледал од горниот кат како си заминува веднаш им наредил на вработените да и пренесат дека има покана за вечера плус и обезбедил гостување во повеќе емисии.

Во однос на содржајноста, во ситници и со многу детали и описи се претставува животот на оној за кој се пишува, но сето тоа губи смисла зашто нема како да се потврдат информациите. Целиот текст е како прекажување на озборување достапно до цел аудиториум.

На врвот од многуте детални описи за факти што не можат да се докажат или да се потврди веродостојноста на изворот, уште и се коментира и хиперболизира во трка за повеќе кликови: „буквално живеел еден живот типичен за саудиските шеици!“, „животот му бил пораскалашен, побогат, позабавен од животот на најплатените и најславни филмски, рок и поп ѕвезди“, итн.

Текстот е преземен од друг портал, но, се разбира дека со пренесувањето на информациите и медиумот пренесувач е одговорен за изнесеното.

Насловот е сензационалистички, не оддава сериозност ниту веродостојност.

Дали е од јавен интерес да се пишува за животот на човек што се бара со меѓународна потерница? Се разбира, но не значи дека тоа може да се прави без извори и да личи на маалско озборување. Во секој случај, главните недостатоци што говорат за несериозно четиво се структурата и недостигот на информации. Кафеански приказни има за повеќето јавни личности, но тие не можат да се пренесуваат како такви заради стекнување поголема читаност. Изворите се неприкосновени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција