Рецензија: Проблемот со Бугарија е потежок од оној со Грција

FireShot-Screen-Capture-090-НОВА Проблемот-со-Бугарија-е-потежок-crop-resize

Повеќе пати сме објасниле дека насловот е реклама за текстот и  ја „продава“ веста. Тоа е точно, но овој наслов ни продал ,,мачка во вреќа“. Затоа што е директен, впечатлив, а со ништо не е оправдан во содржината на текстот. Насловот е срж, суштина на главната информација.

Во овој случај авторот како да заборавил што најавил во насловот и во информацијата не напишал ни збор со кој би ја оправдал најавата. Читателите останале измамени и сиромашни за најавената соджина. Затоа заслужува аргументирана негативна рецензија.

FireShot Screen Capture #090 - 'НОВА Проблемот со Бугарија е потежок од оној со ГрцијЛинк до оригиналниот напис: Проблемот со Бугарија е потежок од оној со Грција

Датум и време на објавување: 10.01.2014, 14:34

Датум на рецензирање: 12.01.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Во текстот, кој има аналитички претензии и користи разговор и изјави со високо референтни соговорници, за жал, немаме потврда на тезата која е поставена во насловот дека: „Проблемот со Бугарија е потежок од оној со Грција“. Па, според тоа, можеме оправдано да се сомневаме во вистинитоста на оваа констација.

Извори на информации: Директни соговорници на тема македонско-бугарски односи.

Содржајност: Анализата не е содржајна. Се бави со периферни прашања: „интелектуалците ја оставија државата на цедило, а политичарите се регрутираат од градинка“… Централното прашање: „Проблемот со Бугарија е потежок од оној со Грција“ е потполно маргиналзирано. Во центарот на вниманието е посетата на бугарскиот министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин и авторот се обидува преку двајца референтни согворници, поранешниот шеф на диполоматијата на Република Македонија, Денко Малевски и директорот на Европскиот совет за меѓународни односи од Софија, Димитар Бечев, да ни ја објасни актуелната ситуација  на дипломатски план помеѓу Македонија и Бугарија. „Проблемот на македонско бугарските односи е многу комплексен, покомплексен и од нашиот проблем со Грција.“  И тука е точка. Во понатамошна содржина на текстот немаме никаво толкување на таа комплексност, објаснување во што е толку тежината на проблемот со Бугарија, дали е тој посериозен од оној со Грција и може ли да биде наша кочница на патот кон ЕУ.

Практично, двајцата соговорници се кртичари на своите дипломатии и не одговараат на главното прашање. Димитар Бечев вели: „Вигенин е наивен и прави погрешна проценка дека Груевски е заинтересиран за да се деблокираат интеграциските процеси на Македонија“.

Можеби авторот не е виновен. Имал искрена желба да го отвори прашањето најавено во насловот, но согворниците вешто и на дипломатски начин тоа го избегнале и ја свртеле темата. Во тој случај авторот морал малку да го смени замислениот концепт и на темата да ѝ даде друга димензија која би била посодржајна.

Пристрасност: Очигледно е дека двајцата соговорници се критички кон своите власти и пристрасни кон опозицијата, иако тоа не го кажуваат експлицитно, но, изјавите кои весникот нагласено ги пренесува на тоа упатуваат: Денко Малевски: „политичарите се регрутираат од градинка поради што не сме во можност да формулираме автентична теза. Димитар Бечев: Вигенин е наивен и прави погрешна проценка“…

Оригиналност/Плагијат:
Текстот е оригинален, авторски, но не е потпишан.

Квалитет на насловот: Насловот не треба да се измислува, тој треба да е одраз на комплетна и јасна информација која е содржана во текстот. Овде тоа не е случај и насловот не е добар.

Фотографија: Написот е проследен со три фотографии: првата симболизира две држави, а другите две се од соговорниците.

Заклучок: Да не бидеме премногу строги, но сепак мораме да кажеме дека читателите се измамени. Проблемот со Грција го знат и малите деца. Авторот сега открива уште една „кочница“ на нашиот пат кон ЕУ и тоа од сосед од кого тоа не би требало да очекуваме. А во што е тоа проблемот со Бугарија, авторот не објаснува. Вели само дека е покомплексен од оној со Грција што кај читателот може да предизвика голема доза на вознемиреност, бидејќи авторот не понудил одговор во што е комплексноста на проблемот.

И уредникот требало да забележи дека предложениот наслов апсолутно не е применлив за текстот кои следи и да го смени. Понекогаш за тоа е потребно да се смени само еден збор. Можеби во овој случај се одело на благ сензационализм што во крајна мера не испаднало добро ни за медиумот ни за авторот, бидејќи довело до ситуација во која насловот содржи нешто што во текстот воопшто не е објаснето или подобро кажано го нема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција