Рецензија: Прочитајте и споделете: Ова се чудо-едноставни лекови за рак

MKnews_mk-mkd-news_co-009870012-098-crop-resize

Според психолозите, во природата на секој човек е да ги побара и алтернативните решенија за своите здравствени проблеми. Посебно кога официјалната медицина веќе ги исцрпела сите можни методи. Ваквиот начин на лекување, неговото пропагирање, подготовка и промет на помошни лековити средства, препаратите, билни и сите други смеси и мешавини се регулирани со строги законски прописи.

Сѐ што е вон нив се смета за надрилекарство, може да му наштети на пациентот и се казнува според член 209 од Кривичниот законик на Република Mакедoнија:

Член 209 од КЗ на РМ

Тој, што без пропишана стручна подготовка се занимава со лекување или со давање медицинска помош и совети, ќе се казни со затвор до една година и со парична казна.

Рецензираме новински напис, кој препорачува и рекламира протоколи за лекување и на најтешките болести за кои соврмената медицина не пронашла лек, без притоа да се повика на клинички испитувања, на она што го препорачува или барем да напомене дека ова се само претпоставки, или расправи во стручни списанија. Со еден збор, содржината на текстот, вака како што е претставена заедно со рекламата, може да се оквалификува како лекување со надрилекарство.

FireShot Pro Screen Capture #106 - 'Прочитајте и споделете_ Ова се чудо – едноставни лекови за рак I MKnews_mk' - mkd-news_coЛинк до оригиналниот напис:  Прочитајте и споделете: Ова се чудо-едноставни лекови за рак 

Датум и време на објавување: 02.02.2014

Датум на рецензирање: 05.02.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: „Рецептите“ кои медиумот ги нуди се познати и се „вртат“ на разни сајтови од каде информацијата вероватно е и преземена. Но, дали овие препарати навистина помагаат во лекувањето и на најтешките болести може само клинички да се потврди, како што, всушност, се прави и за сите други лекови и помошни лековити средства. Вака пласираната информација отвора сомнеж дали тоа што е објавено е вистина.

Извори на информации: Нема извор на информации, а според нашето истражувања целата содржина е преземена од www.babinLek.mk.

Содржајност: Информацијата нема никаква содржина, рецептите и лековитите билки и препарати се наредени енциклопедиски без коментар или дополнителна информација дали нивното лековито дејство некаде е клинички проверено. Медиумот ги препорачува како чудотворни без дистанца и предупредување дека можат да предизвикаат и контраефекти или нивната употреба и преработка во домашни услви да биде спротивна со закон и казнива. Текстот јавно препорачува употреба на дрога која е забранета : „Маслото од канабис ги убива канцерогените клетки. Точка!“Следејќи ја ваквата препорака, на некое друго место, еден наш актер заврши во затвор.

Пристрасност: Содржината е пристрасна, бидејќи медиумот ја нуди како „протоколи кои можат да направат чудо во лечењето на канцерогени заболувања“.

Оригиналност/Плагијат: Целиот прилог е плагијат. Иднетични содржини за наведените препарати и билки можат да се најдат на друг сајт.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационален и ги доведува во заблуда читателите  дека постојат лекови и за најтешката болест, а во текстот тоа со ништо не го докажува.

Фотографија: Приложените фотографии се преземени од гореспоменатиот портал и наредени како во прирачник за лекување со билки.

Заклучок: Се работи за несериозен текст кој може да предизвика сериозни негативни последици кај многу пациенти. Медиумот таксативно тврди дека одредни препарати лекуваат и најтешки заболувања, со што ги доведува во заблуда читателите и на болните им дава лажна надеж за оздравување.

Всушност, сите „лекови“ кои се набројани во текстот можат да се сврстат во категорија помошни лековити средства. Нивното рекламирање, примена и пуштање во промет се строго регулирани со закон.

Медиумот тврди дека тие имаат одредено дејство на многу болести, меѓу кои и на најтешките, а тоа со ношто не го докажува. Нема извор или валидна потврда од клинички испитувања, сѐ е сведено на надрилекарски рекла-кажала. Ефикасноста на ваквите методи на лекување и соопштување на резултатите се објавува единствено на стручните научни собири и во стручни медицински списанија. Медиумот не се повикал ни на еден ваков извор.

Заклучокот на написот е контрадикторен:

„Постојат  многу природни лекови за ефективна борба со ракот, а најважно е од сѐ е организмот да е здрав“.

Според логиката, ако организмот има рак, тој не е здрав.

Не се испочитувани член 1 и член 4 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Член 1.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива факти.

 

Член 4.

Новинарот ќе го назначи изворот на информации…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција