Рецензија: Продолжува агонијата во СДСМ

SDSM-agonija-crop-resize

Овој текст претставува едно од продолженијата на хајката против СДСМ и нејзиното раководство, а кои како мотив го имаат судскиот процес против Зоран Заев. Притоа, главниот напад е насочен кон лидерот на СДСМ, наметнувајќи тези дека тој е скаран со сите околу него. Текстот нуди анонимни „партиски извори“, кои не се знае ниту од каде се, ниту зошто се. Понатаму, тој се „зајакнува“ со познавачите за на крајот епохално да заклучи дека СДСМ сам себе се убил.

SDSM agonijaЛинк до оригиналниот напис: Продолжува агонијата во СДСМ

Датум и време на објавување: 06.09.12:28

Датум на рецензирање: 08.09.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ГОЛЕМИ ПРОПУСТИ

Овој текст не нуди никакви аргументи и сериозни информации. Располага со партиски извори кои тврдат дека во СДСМ секој е против секого. Прв на удар во текстот е адвокатот на Зоран Заев за кого се тврди:

Според истите извори, прстот на адвокатскиот тим за големите пропусти во целиот процес  бил вперен кон Мирослав Вујиќ, а Вујиќ наводно се правдал со тоа дека тој делувал по барање на неговиот клиент, кој ги изнел информациите за снимката и за сведокот.

Сепак, се наметнува дилемата ако Заев не е задоволен од Вујиќ, зошто не го смени? И, секако, зошто Вујиќ и понатаму, во повисоките инстанци и обжалување на пресудата сѐ уште му е адвокат на Заев? Или, на крајот на краиштата, зошто ако не е задоволен Заев од неговиот адвокат тоа јавно не го признае?

Друго прашање е зашто ја нема втората страна во текстот. Нема изјава ниту од Заев, ниту од Вујиќ. Значи, на текстот треба да му се верува на чесен збор или на „жими мајка“.

Во текстот вината на Вујиќ се бара и поради исказот на Газда Нини.

Но, одбраната се темелела на сосема други моменти. Адвокатот на Заев уште во мај годинава изјави:

Податоците кои беа изнесени од страна на Заев се податоци кои се од снимки, објавени и во медиумите. Освен тоа, имаме уплати и исплати од 900. 000 евра, кои се исплатени преку жиро-сметка од банка до банка, за да се изврши процесот на докапитализација на Македонска банка.

Ова значи дека одбраната на Заев не се темелела само на исказот на Газда Нини, туку имала и други моменти како клучни докази. Ако е така, а се потврдува со оваа изјава, зошто некој би се налутил кога однапред, уште пред неколку месеци, била позната стратегијата на одбраната.

 

ПОД ТЕПИХ

Понатаму во текстот се тврди дека:

Според познавачите, причина за ова секако е аматерскиот обид на водење на политичка хајка за која се покажа дека е незаснована на вредни докази и аргументи. По ваквата судска разврска и по катастрофалниот настап на Заев кој пред судот ретерираше од првичните тврдења, агонијата во најголемата опозициска партија продолжува преку барање на виновникот за судскиот дебакл.

Погрешна е тезата дека Заев ретерирал од своите првични тврдења. Тој, напротив, тврдеше дека снимката му ја дал Ден Дончев и дека немал никаква намера да им наштети на честа и на угледот на премиерот, туку дека постапувал според законите како граѓанин, но и како претседател на најголемата опозициска партија, која реагирала за нешто што сметала дека нешто е незаконски и неетички:

„Мојата мотивација е граѓанската одговорност и по долго советување и согледување на фактите, но и свесен дека тие информации можат да претставуваат навреда и клевета, одлучив да ги обелоденам сознанијата до кои дојдов“, рече Заев, од кого Груевски за изнесена клевета бара отштета од 500.000 евра.

Какво е тоа ретерирање ако некој упорно тврди дека снимката е веродостојна, посочува кој му ја дал и притоа тврди дека не смеел да ја стави „под тепих“ затоа што се работи за закон и етика.

Насловот е коментаторски, дава квалификации и е далеку од вистината. За некој да е во агонија треба да има и последици од евентуалната „агонија“, а досега барем такво нешто не сме виделе.

Ова е уште еден текст од низата со кои треба да се растури раководното јадро на опозициската партија. Притоа, без факти и аргументи се измислуваат приказни за кои никако не може да се каже дека се вистинити. Истовремено се мешаат и „баби и жаби“ само за да се дојде до целта и да се внесе раздор во партијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција