Рецензија: Протест на кумановските стечајци во Скопје

FireShot-Screen-Capture-196-ALFA-TV-www_alfa_mk_News_aspx_id71564_UwPYCfldVe9-crop-resize

Точна, прецизна и објективна информација е стандард кој секој медиум треба да го испорача до публиката.  Во  материјалот што го рецензираме, за жал, впечаток е дека затаиле професионалните новинарски принципи при информирањето на јавноста. И тоа, почнувајќи од насловот со кој е озаглавен прилогот: „Протест на кумановските стечајци во Скопје“ , бидејќи на протестот, како што јавија медиумите, имало стечајни работници од осум градови. Со вака формулираниот наслов и со селективното прикажување на информацииите во текстот, се добива еден новинарски производ кој не ја отсликува реалноста.

FireShot Screen Capture #196 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_id=71564#_UwPYCfldVe9Линк до оригиналниот напис: Протест на кумановските стечајци во Скопје

Датум и време на објавување: 18.02.2014, 18:54

Датум на рецензирање: 19.02.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Прилогот има проблеми со вистинитоста. Во првата реченица,  која истовремено е и поднаслов  се вели:

„100-на Стечајни работници, најмногу од Куманово и од Крива Паланка, денеска протестираа во Скопје…“

Но, според проценката на Министерството за внатрешни работи на протестот имало околу 600 стечајци. Така што, се остава простор за сомнеж дека намерата на медиумот е да го минимизира настанот.

Дел од наводите во прилогот се точни, како на пример: 

Протестот започна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и преку Собранието продолжи кон Владата. Во текот на протестот, кој го предводеше неформалната лидерка на кумановските стечајци, Лилјана Георгиевска, која владејачките партии ја поврзуваат со опозицискaта СДСМ, како и активисти од левичарските здружанија Ленка и Солидарност, дојде до инцидент и пробивање на полицискиот кордон пред Владата.

Меѓутоа, дел од материјалот  е интониран  на начин што го релативизира приведувањето на двајцата претставници на стечајците:

Георгиевска и неколкумина активисти кои насилно го пробија кордонот, околу 10 минути беа привремено задржани во полициско возило, а по смирувањето на тензиите меѓу протестантите, беа веднаш ослободени.

Никаде во прилогот не се спомнува дека стечајните работниците биле ослободени „по интервенција на Хелсиншкиот комитет“.  Како и тоа дека некои од демонстрантите пред медиумите се пожалија дека биле „грубо нападнати“ од полицијата и дека некои од нив имаат полесни телесни повреди“. 

Во прилогот  е точно пренесено соопштението од ССМ, но недостига изјавата на извршниот директор на Хелсиншкиот комитет,  Уранија Пировска, која побара одговор:

„Зошто полицајците кои ги привеле во комбе демонстрантите одбиле да се легитимираат, иако според закон се должни да го сторат тоа.  Хелсиншкиот комитет ќе покрене постапка и ќе ги документира повредите на луѓето кои протестираа затоа што се онеправдани, затоа што оваа Влада не им дозволува минимум стандарди за живот“

која влијае на вистинитоста на материјалот.

Извори на информации: Медиумот има репортер на местото на настанот, кој, сепак, ги пренесува импресиите од протестот со доза на субјективизам. Како извор на информации е посочено и соопштението од ССМ.

Содржајност: Извештајот за протестот на стечајците не е комплетен. Покрај информациите кои недостасуваат, а ги споменавме погоре во рецензијата, во него не е прецизно и јасно кажан ставот на стечајците во кој се објаснуваат причините за нивното незадоволство:

„Поради тоа што новиот Закон за обештетување не ги опфаќа оние кои ја изгубиле работата во претпријатија заведени во стечај пред 2000-та година. Со ова законско решение ќе се офајдат само околу 300 стечајци, иако Владата вели дека ќе бидат 3.000. Ако се сака решение на проблемот, треба да се опфатат стечајните работници кои имаат стаж најмалку 15 години и се на возраст од 50 години за жени и 53 години за мажи“

Тоа се коси со членот 1 од Кодексот на новинарите

„ Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци….“

Пристрасност: Со пласирањето неточни податоци за бројноста на демонстрантите и со прикривањето на информации од протестот, кои значително влијаат на целата слика за настанот, се покажува наклонетост кон владејачката партија.

Оригиналност/Плагијат: Зад материјалот стои потпис со име и презиме на авторката.

Квалитет на насловот: Иако насловот е неинвентивен и има техничка природа, тој манипулира, бидејќи соопштува дека протестирале само „ кумановските стечајци “.

Фотографија: Прилогот е илустриран со инсерти од протестот на стечајците.

Заклучок: Наместо телевизијата  да излезе со еден балансиран објективен извештај кој ќе ја долови вистинската атмосфера и пораките од протестот, на гледачите им пренесува  искривена слика за настанот. Констатацијата, на крајот од прилогот:

„Протестот доаѓа на само една недела по носењето на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна државна сопственост. Со него се опфатени околу 3.000 стечајци кои ќе добиваат месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година, плус здравствено осигурување. Носењето на Законот беше поздравено од Синдикатите и стечајците, кои во него видоа шанса за достоен живот до нивното пензионирање.“

ја заокружува манипулативната порака до јавноста и дава поинаков контекст на протестот.

Онака како што е пласиран овој материјал , покажува  дека медиумот немал намера да се занимава со вистината и да го пренесе клучното барање на стечајците. Односно, дека тие се незадоволни  поради тоа што „новиот Закон го решава проблемот на само неколку стотини стечајци, а најголемиот дел повторно остануваат на улица“.

Ваквиот пристап е во спротивност со назнаките во новинарскиот Кодекс , каде уште во преамбулата е прецизирано:

Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција