Рецензија: Пулените на СДСМ по професија новинари, по хоби политичари

2a2-0000_000011-crop-resize

Интересна тема за обработка. Публиката секогаш е расположена за четива кои се обидуваат да ја разјаснат поврзаноста меѓу новинарството и политиката, но и линиите кои ги раздвојуваат. Дали постојната комуникација меѓу новинарот и политичарот со текот на време, од професионална веќе почнува да добива и лична димензија? Дали упатеноста едни на други, по извесен период, го „поматува“ фокусот на новинарот? Дали меѓусебниот однос, кој треба да се базира на „потребите на крајниот корисник,“ а тоа е јавноста, преминува во личен бенефит: политичарот в џеб да има новинар, а новинарот „моќен мецена,“ кој ќе му го чува грбот? Тоа се прашања кои долг период се дел, не само од новинарската, туку и од политичката теорија. Но, проблемот е што во овој текст не добиваме искрени одговори на дилемите, туку очигледно и тендециозно „бележење“ на лица и мешање на нивниот претходен новинарски ангажман и сегашната, која не може да се скрие или, пак, оспори, политичка или партиска функција. И тоа не сите спомнати лица имаат партиска или политичка функција. Некои се едноставно вработени во опозициската партија, но не се и нејзини функционери.

2aЛинк до оригиналниот напис: Пулените на СДСМ по професија новинари, по хоби политичари

Датум и време на објавување: 21.11.2013  17:10

Датум на рецензирање: 24.11.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Вистинитост има, но таа за жал е извртена. Точно е дека наброените лица сега имаат политички и партиски ангажман. Проблематично е што сега на нивниот минат новинарски труд, на дел од нив долг и со децении, му се дава партиски предзнак. Впечатокот кој сака да се пренесе е дека тоа што тие луѓе сега се поврзани со опозицијата, значи дека овие лица и пред, на пример, 15 години биле дел од СДСМ-милјето. Тешки зборови за толку лесно да се докажат низ 30-тина редови текст. Понатаму, наидуваме на селективен пристап. Кога се зборува за една од набројаните личности се наведува дека таа, кога била дел од одредена телевизиска екипа, во

„една таква емисија таа жестоко ги критикуваше владините политики, а ги промовираше опозициските идеали“.

А, тие со подобра меморија се сеќаваат дека истиот екс-новинар, сега политичар, во истата телевизија и емисија, но неколку години порано, пак, ги фалеше и величаше земјоделските политики на оваа влада, поткрепено со „неизбежен“ гостин од првите ешалони на власта. Тоа, очигледно, е заборавено да се стави во текстот, бидејќи некому не би му одговарало.

Извори на информации: Не се јасно прецизирани и наведени. Се користат формулации за да се потсети читателот што и како конкретните новинари порано работеле, но на начин на кој е неизбежен впечатокот на „која страна се тера водата“.

Содржајност: Ја нема колку што треба. Се пласираат информации, кои во најголем дел се познати од многу порано. На крајот на краиштата, споменатите лица, порано новинари, не го кријат својот сегашен ангажман. Па, некои од нив секојдневно ги гледаме на телевизиските преноси на седниците на Собранието на РМ. Оттука, при читањето се чувствува атмосфера на „текст напишан, не зашто требало, туку зашто така било кажано“.

Пристрасност: Се забележуваат бројни елементи на пристрасност, која е дополнително засилена и со селективноста во пренесувањето на ситуацијата.

Коментирање: Присутни се обиди за коментаторство, кои се проследени и со агресивни констатации дека именуваните истовремено се и новинари и политичари. Обвинението кое намерно се „наметнува“ е дека ним им била подрага партиската определба, отколку информирањето на јавноста. А дали ваквиот тип на „информирање“ е вистинско информирање?

Оригиналност/Плагијат: По обичај, текст со проблематична содржина и повод за негово пишување останува без наведен автор. Тоа ја отежнува работата во детектирањето за што станува збор: оригинал или плагијат?

Квалитет на насловот: Тенденциозен и оцрнувачки. Насловот не крие што текстот ќе понуди.

Фотографија: Употребени се две фотографии на кои се четворицата поранешни новинари за кои станува збор. Комбинирани со насловот, тие се пример за тоа како некој може медиумски да биде „обележан“.

Заклучок: Џеј Карни и Алистер Кембел – првиот актуелен прес-секретар на Белата куќа, вториот поранешен директор за комуникации во канцеларијата на британскиот премиер. Двајцата се пример за тоа како новинари решиле да ја заменат старата со нова, политичка професија. Ништо ново, а и порано сме имале такви ситуации во земјава. Да, секако дека и во САД и во Британија имало и ќе има дебати за тоа како Карни и Кембел ја извршувале функцијата „луѓе на претседателот или премиерот задолжени за медиуми“. Тоа и треба да биде така. Но, притоа не се мешал нивниот поранешен новинарски стаж или, пак, под знак прашалник била ставена нивната професионалност додека биле активни во медиумите. Токму тоа се прави во овој текст, кој не само што констатира, што е неоспорно, дека некои новинари ја смениле работата, туку врз основа на тоа сознание, се инпутира дека тие биле непрофесионални и ја „туркале“ опозицијата и додека биле „медиумски работници“. Како што веќе нотиравме, тоа е силно тврдење без соодветни аргументи за некој некому буквално „да му се поплука на минатата новинарска кариера“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција