Рецензија: Рада не му дава на Бранко да се врати!

www_vecer_com_mk_default_asp_ItemID9F714E665306B54E89B70C0916627D2F-crop-resize

Станува збор за тенденциозен текст најавен на ударно место на насловната страница на весникот. Овој напис со провокативен наслов: „Рада не му дава на Бранко да се врати!“, излегува со тврдење дека експретседателот на државата и поранешен лидер на социјалдемократите, Бранко Црвенковски, е најпосакуваната личност за кандидат за шеф на државата, со неприкосновено прво место на предлог-листите на општинските организации на СДСМ. Но, наводно, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска на секаков можен начин го попречувала неговото кандидирање!

FireShot Screen Capture #198 - 'Рада не му дава на Бранко да се врати!' - www_vecer_com_mk_default_asp_ItemID=9F714E665306B54E89B70C0916627D2FЛинк до оригиналниот напис: Рада не му дава на Бранко да се врати!

Датум и време на објавување: 20.02.2014

Датум на рецензирање: 20.02.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Написот е мешавина од непоткрепени  информации и од факти чија вистинитост може да се провери. Главната теза пласирана во текстот не се потпира на факти, туку на шпекулации. Впрочем и неименуваниот автор на текстот користи формулација „се шпекулира“.

Материјалот не нуди релевантни показатели за да се потврди веродостојноста на наводите:

…речиси на сите предлог-листи на прво место, со најмногу номинации, е екслидерот и поранешен претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, но дека заменик-претседателката Радмила Шеќеринска по општинските организации со сите сили се обидува да го спречи кандидирањето на Црвенковски. 

Ниту, пак, има  некакви докази за тврдењето:

…масовната номинација на речиси сите општински организации на Црвенковски му предизвикува сериозни проблеми на актуелното раководство на партијата. Во најголем број случаи образложението на општинските организации за номинацијата на Црвенковски била дека тој е единствениот кандидат кој би можел сериозно да му парира на кандидатот на владејачката партија 

Изјавите, пак, на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи (дадени на две прес-конференции) се точно пренесени:

Одлуката за кандидатот за претседател на државата во ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесат делегатите на нашата конвенција, којашто е закажана за 1 март. Подготвени сме во секој случај и во секое време за настап на кои било избори, без разлика дали се претседателски, локални или парламентарни. Во моментов ВМРО-ДПМНЕ не расправала и нема одлука за предвремени парламентарни избори и таквата би зависела од дејствувањето и позицијата на сите политички чинители во Република Македонија, без разлика дали се дел од владејачката коалиција или се дел од опозицијата.(Милошоски)

Ако нема консензуален претседател, тогаш ДУИ активно нема да учество на изборите, но ќе ја промовираме идејата пред граѓаните зошто во иднина ни треба консензуален претседател. (Османи)

Извори на информации: Главната информација во текстот се потпира на анонимни извори, додека во вториот дел од написот се користат официјални извори.

Содржајност: Иако во написот има информации за активностите и на власта и на опозицијата за претстојните претседателски избори, сепак, тој не е целосен. Гледано од содржински аспект, делува како „пресечен“ со нож.

Додека  во првиот дел без прецизно да се наведе изворот и без аргументација се излегува со конкретно тврдење:

…речиси на сите предлог-листи на прво место, со најмногу номинации, е екслидерот и поранешен претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, но дека заменик-претседателката Радмила Шеќеринска по општинските организации со сите сили се обидува да го спречи кандидирањето на Црвенковски…,

а поименично се посочуваат и другите потенцијални кандидати:

Втор по бројот на номинации е неговиот близок соработник Стево Пендаровски, а веднаш зад него е и Ванчо Узунов, потпретседател во СДСМ. На листите со предлог за претседателски кандидат се и Радмила Шеќеринска, Илинка Митрева, Петар Гошев и Денко Малевски…

вториот дел на текстот се потпира на официјални извори, но, на читателите им нуди позната техничка информација од ВМРО-ДПМНЕ:

Одлуката за кандидатот за претседател на државата во ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесат делегатите на нашата конвенција, којашто е закажана за 1 март….

како и познатиот став на ДУИ:

Ако нема консензуален претседател, тогаш ДУИ активно нема да учество на изборите, но ќе ја промовираме идејата пред граѓаните зошто во иднина ни треба консензуален претседател.

Забележливо е дека нема никакви шпекулации во врска со можните претсетдателски кандидати од редовите на владејачката партија. Неименуваниот автор тука „оди на сигурно“, се држи до официјалната партиска информација.

Па, за разлика од ваквиот внимателен пристап кога е во прашање  владејачката партија , во текстот не се гледа дека е направен обид  да се добие официјален став и од опозицијата.

Пристрасност: Начинот на кој е напишан и пласиран овој материјал покажува наклонетост кон партијата на власт. Впечаток е дека намерата е да се креира мислење оти опозицијата не може да најде кандидат, кој на изборите би се  носел со „величината“ на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ:

Партиски извори  од СДСМ велат масовната номинација на речиси сите општински организации на Црвенковски му предизвикува сериозни проблеми на актуелното раководство на партијата. Во најголем број случаи образложението на општинските организации за номинацијата на Црвенковски била дека тој е единствениот кандидат кој би можел сериозно да му парира на кандидатот на владејачката партија

И, наспроти неофицијалните, непотврдени  информации за „маките“ на најголемата опозициска партија, се соопштува дециден официјален став од власта за целосна подготвеност за избори.

Коментирање: Написот содржи коментарорски елементи кои се протнати како сознанија добиени од партиски извори:

…Радмила Шеќеринска по општинските организации со сите сили се обидува да го спречи кандидирањето на Црвенковски

 

…масовната номинација на речиси сите општински организации на Црвенковски му предизвикува сериозни проблеми на актуелното раководство на партијата

 

… образложението на општинските организации за номинацијата на Црвенковски била дека тој е единствениот кандидат кој би можел сериозно да му парира на кандидатот на владејачката партија

Во коментаторски стил се напишани и наднасловот, насловот и поднасловот на текстот.

Оригиналност/Плагијат: Написот е без авторски потпис, па може да се заклучи дека се работи за редакциски материјал.

Квалитет на насловот: Насловот: „Рада не му дава на Бранко да се врати!“  е тенденциозен и на прв поглед го привлекува вниманието на читателите. Во комбинација со наднасловот:

Партијата бара Црвенковски да биде кандидат на СДСМ за претседател на Македонија – Руководеќи кадар тоне во очај

ја сервираат на тацна главната теза од текстот. Во вториот дел од наднасловот се забележува доза на ликување, а веројатно, намерно е употребен и србизмот „руководеќи“ .

Фотографија: Текстот е илустриран со фотографија на Црвенковски, на која е тој е поднасмеан, со цигара во устата и со мангупски поглед.

Заклучок: Материјалот што го рецензираме, само навидум дава информација за тоа до каде е постапката за номинирање претседателски кандидати во двете најголеми партии во македонскиот блок. Но, всушност, фокусот го става на некакви заткулисни  игри во опозицискиот двор. Притоа, се забележува загриженост за „сопките“, кои, наводно, ги става новото раководство на евентуалната кандидатура на Црвенковски, што делува прилично симптоматично, со оглед на тоа што токму овој дневен весник, заедно со уште неколку други медиуми во изминатиот период  нагласено го критикуваа секој потег на  Црвенковски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција