Рецензија: Расипникот од Центар чест гостин и „Кај Перо“

 

Ова е продолжение на текст кој има намера да оцрни личност, да дискредитира,  во овој случај вработен инспектор во Општина Центар, преку личен Фејсбук профил. Притоа, не се внимавало ниту на датум кога е фотографијата и статусот поставен, ниту за која цел и со која причина е ставен нечиј статус, туку веднаш се зема здраво за готово и се пласира во јавност. Фотографии поставени од пред неколку години се искористуваат во моменталната борба против инспекторот, а текстот во ниту еден момент, во ниту еден збор не содржи нови аргументи и факти. Ова четиво, кое во никој случај не може да се нарече новинарски производ, ги има прекршено сите, до еден, новинарски стандарди и правила, а се коси и со повеќето членови од Кодексот на новинари. Покрај тоа, прекршува и повеќе правни акти како што се Законот за заштита на личните податоци.

CentarЛинк до оригиналниот напис: Расипникот од Центар чест гостин и „Кај Перо“

Датум и време на објавување: 16.10.2014, 13:10

Датум на рецензирање: 17.10.2014

Рецензент:  Владо Ѓорчев

 

ПРЕПОРАКИ

Дирекцијата за заштита на личните податоци по донесување на измените на Законот за заштита на личните податоци донесе препораки во кои сѐ содржани основните начела за заштита на личните податоци при нивно медиумско објавување. Во нив се препорачува:

– Правична обработка на личните податоци, односно обработка во согласност со закон или по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци.

– Проценка на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци и поставување на баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност;

– Анонимизирање на ликови, регистарски таблички и други лични податоци на граѓаните;

– Задолжително анонимизирање на ликови и други лични податоци на малолетни лица;

– Објавување на иницијали наместо име и презиме на лицата кои се жртви на несреќи или лица против кои се води судска или управна постапка.

Во новинарската лекција Фејсбукот не е простор за новинарско самопослужување се вели дека:

Доколку личните податоци се однесуваат на јавни личности кои не се јавни „par excellence”, не се релевантни за да се пренесе одередна вест и не се од јавен интерес, тогаш истите не треба да бидат објавени. Љубопитноста на јавноста не може да биде означена како јавен интерес. Заштитата на личните податоци на “обичниот граѓанин” и јавните личности е многу различна.

Во однос на тоа дали може да се користат Фотографии од Фејсбук профил во лекцијата е наведено дека медиумите и новинарите мора да знаат дека не смеат да ги злоупотребуваат фотографиите од приватни Фејсбук профили, независно дали лицето дозволило нив да ги гледаат сите (отворен профил) или има прилагодување на профилот, опцијата за приватност која ја дозволуваат социјалните мрежи.

Член 2 од Законот за заштита на личните податоци утврдува дека:

– личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет“.

Мора да се знае и дека заштитата на личните податоци, која е регулирана со Законот за заштита на личните податоци и нивната злоупотреба, освен според овој закон, се казнува и според Кривичниот законик.

 

НЕВИСТИНИ

Во овој текст никако не може да се утврди дека тоа што е напишано е вистина.

Во него се вели:

Инспекторот Дејан Тодоровски ГЗЕ, кој ја потрошил сумата, по објавувањето на случајот продолжи арогантно да се фали со неговото боемство објавувајќи на својот фб профил фотографии со скапи пури, седенки по кафеани и додатни коментари.

Така Тодоровски во еден од коментарите се фали дека снемал мaстило, и дека Дебар маало каде се сместени повеќето од скопските кафеани не било шала. Очигледно луѓето на Жерновски не чувствуваат морален товар тоа што ги трошат парите на граѓаните на овој начин.

Злоупотребата оди дотаму што и зајадливите статуси и коментари од посочениот инспектор на неговиот личен Фејсбук се користат против него. Инаку, зошто би било спорно некој да седи во кафеана. Дали треба да праша некого, или да се пријави? И како се дојде до зклучокот дека го потрошил мастилото за да стави печат на сметки од ресторани?

Ниту во овој, ниту во претходниот текст нема факт или аргумент дека таа сметка, која наводно е потпишана од инспекторот и прикажана, е платена со општински пари.

Понатаму текстот коментира:

Во јавноста засега се појави само една сметка, но кажувањата кој дојдоа до нас отвораат основ на сомнеж дека постојано Жерновски и луѓето на СДСМ се на службени ручеци и забави по рестораните и кафеаните во Дебар Мало во Скопје и не е исклучено дека најголемиот дел се наплатуваат со потписи на вработените кои се прокнижуваат за наплата во општината.

Коментирањето во текст е дозволено и може да се користи само кога тоа е колумна, коментар или новинарска анализа или ако е јасно означено од каде почнува и завршува коментарот. Овој текст не е ништо од тоа, а сепак си дозволува коментирање. Притоа, заборава дека новинарството се занимава со факти, а не со „рекла-казала“ муабети. И кога ќе се каже дека „отвораат основ на сомнеж“ во прв момент наликува како на поднесок на тужба до суд, а не на нешто што сака да се прикаже како новинарски производ.

Текстот и понатаму се занимава со шпекулации и непотврдени работи. За тоа нема ниту еден доказ. Досега многупати е кажано дека ова не се новинарски производи, туку текстови кои ја деградираат и ја умртвуваат новинарската професија. Но, трендот продолжува, за жал.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција