Рецензија: Рекордни 950 бебиња во „Аџибадем – Систина“
Текст кој се одделил од информативната нота уште во поднасловот, па наместо за темата –раѓање на бебињата во болницата, се претворил во реклама за условите во родилиштето, која, ако тоа било целта, мора да признаеме дека е задоволена. Но, тоа е сторено на штета на информативните содржини и на статистиката која била неопходна за да се заокружи целосната содржајност во информацијата.
Новинарот, во насловот и во текстот, оперира со бројка од 950 раѓања во 2013 година, потенцирајќи ги како „рекордни“, но од вака пласираната информација читателот не може да добие јасна слика како е измерен рекордот? Со кои бројки е спореден? Колкав е капацитетот на родилиштето и дали раѓањето на помалку од три деца дневно во посочената година е минимумот што го нуди установата? Очекувано би било новинарот да го поткрепи „рекордот“ со податоци за раѓања во истата болница од изминатите години, па консументот сам да заклучи дали оваа бројка е рекордна и во кој процент, споредено со другите податоци. Не е сеедно дали во истата болница во 2012 на пример, имало 200 или 700 раѓања или можеби 900.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородени деца во Македонија во третото тримесечје од 2013 година (јули, август, септември), изнесува 6.285. Статистичарите пресметале дека оваа бројка била намалена за 3,2% споредено со истиот период во 2012 година. Во цела 2012 година, пак, во Република Македонија биле родени 23.752 деца (извор Државен завод за статистика). Ако е очекувано дека и во 2013 година имало околу 24 илјади раѓања, од кои најголем дел се од Скопје, посочениот „рекорд“ со ништо не може да се оправда, вака како што е пласиран. Затоа, новинарот, покрај маркетиншкиот пристап, можел да се потруди и да понуди дополнителни податоци, кои ќе го подобреле квалитетот на текстот и ќе се изгубела нишката на скриеното рекламирање што се воочува, а кое се коси со професионалните етички стандарди. Во западно европските земји, во Германија посебно, формите на скриено рекламирање строго се забранети и се казнуваат.
Линк до оригиналниот напис: Рекордни 950 бебиња во „Аџибадем – Систина“
Датум и време на објавување: 13.01.2014
Датум на рецензирање: 15.10.2014
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Од понудените информации преку изјавите на соговорниците, се заклучува дека текстот е вистинит, но неговата содржина не е прилагодена кон информирање на граѓаните, туку рекламирање на болницата, за што постојат други форми на ваков вид на претставување во медиумите.
Извори на информации: Текстот се повикува на лекари во болницата, кои се веродостоен, официјален извор.
Содржајност: Недостасува дополнителна содржина за која се говори во воведот, што ќе ни ја претстави пошироко информацијата и ќе понуди дополнителни податоци, кои ќе го оправдаат насловот и целиот текст во целина.
Пристрасност: Се забележува маркетиншка пристрасност за која оставаме читателите сами да оценат дали таа произлегува од капиталната поврзаност на медиумот и медицинската установа за која се пишува.
Оригиналност/Плагијат: Оригинален, со повеќе маркетиншки отколку информативен пристап.
Квалитет на насловот: Насловот е еден од деловите кој сензационалистички му ја наметнува информацијата на читателот, но за која понатаму не обезбедува доволно убедливи аргументи.
Фотографија: Илустрирана со фотографија од бебиња, соодветна на контекстот за кој се пишува.
Заклучок: Некогаш треба само малку дополнителен напор за да се пласира целосна информација која нема да биде предмет на коментари од овој тип – како скриено рекламирање и нагласување на податоци за кои не се нуди дополнителна фактографија. Постојат и други форми на ваков вид претставување, кој би бил многу посоодветен ако достигнувањата за кои се говори во текстот се добиени од самите мајки, па искуството на персоналот и техничкиот дострел би го пренеле самите корисници на услуги, а не да го добиеме директно од давателот на услугата. Тоа се вика реклама! А, за рекламата, на страниците на медиумот има друг, соодветно означен простор.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар