Рецензија: Рилковски бега од одговорност за дилемите при двојни избори

dnevnik_mk__ItemID87A60DCFEA254448B85CBAE17DD25144-crop-resize

Во текстот најавен на насловната страница на весникот се препознава силна тенденциозност уште со формулацијата на насловот: „Рилковски бега од одговорност за дилемите при двојни избори“ . Станува збор за еден необјкетивен и некоректен материјал во кој наменски се толкува изјавата на претседателот на ДИК. Во самиот старт медиумот излегува со тврдење:

Претседателот на Д ржавната изборна комисија Никола Рилковски вчера се огради од решавање на дилемите што може да произлезат за тоа дали на 12 и на 13 април кога е молк за претседателските избори ќе може да се спроведува кампањата за предвремените парламентарни избори.

и преку класичен спин ја пласира тезата:

„Рилковски ја амнестира ДИK од изборите“

Иако, Рилковски како што пренесоа медиумите, вклучуавјќи ја и Македонската информативна агенција , повика  „да се постигне политички  компромис и да се разрешат дилемите за спорните прашања пред самораспуштањето на парламентот“.

FireShot Screen Capture #212 - 'Рилковски бега од одговорност за дилемите при двојни избори' - dnevnik_mk__ItemID=87A60DCFEA254448B85CBAE17DD25144Линк до оригиналниот напис: Рилковски бега од одговорност за дилемите при двојни иабори

Датум и време на објавување: 3.03.2014, 18:27

Датум на рецензирање: 4.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

„ФЛУИДНА“ ВИСТИНИТОСТ

Јавно дадената изјава на претседателот на ДИК произволно се толкува и се користи за манипулација. Имено, материјалот се потпира на фрагмент од изјавата на Рилковски:

Во овие не цели два дена може да се интервенира во Изборниот законик и апелирам до Министерството за правда или Владата да посочат како да се надминат разликите, сѐ по овие рокови би значело дека решението треба да се бара во политички компромис. Би сакал дилемите што ќе се јават при двојните рокови кога за едни избори е молк, а за други е кампања да се постигне политички компромис со кој ќе се најде решение за сите отворени прашања. ДИK само го спроведува Изборниот законик, не може да толкува и да носи ставови, туку само да го спроведува Законот, се огради првиот човек на ДИК

Тој е точно пренесен,  меѓутоа, употребена е формулацијата : „се огради првиот човек на ДИК“, која има сосема различен призвук  од : „изјави“, „вели“, „кажа“, „рече“ и и дава поинаков тон на изјавата.

За одбележување е тоа што Рилковски понатаму  во изјавата (како  што пренесоа другите медиуми), вели:

Таа (ДИК)  по однос на тие нејаснотии не заседавала за да изгради став, зашто сѐ уште не добила официјален документ за самораспуштање на Парламентот и за распишување предвремени парламентарни избори. Од тие причини ДИК и не контактирала со Владата и со Министерството за правда. 

Додека во текстот што го рецензираме е наведено:

Притоа, Рилковски рече дека не смета дека е потребно да се свика седница на највисокото изборно тело за да се надминат овие проблеми бидејќи, како што рече, сѐ уште никој официјално не ги известил дека ќе има предвремени избори.

Што, исто така,  дава поинаков контест на содржината на написот.

И наспроти констатацијата искажана во главата на текстот, која делува како претседателот на ДИК  да се извлекува од одговорност:

Рилковски иако уште пред еден месец најави дека ДИK ќе ги надмине ваквите проблеми ако дојде до двојни избори на 27 април, вчера како личен став на прес-конференција повика судирот на роковите на двата вида кампања да го решат партиите преку постигнување политички договор. Тој даде оправдување дека ДИK само го спроведува Изборниот законик и дека сѐ уште нема официјално соопштение дека ќе има предвремени парламентарни избори на вториот круг од претседателските избори на 27 април.

Рилковски во почетокот на февруари во едно интервју, кое го пренесоа повеќе медиуми, укажа на дилемите кои ќе се јават „поради преклопувањето на термините кај евентуалните двојни избори“ .

…доколку се случи предвремени парламентарни избори да отпочнат во вториот круг на претседателските избори, тогаш пред нас се јавува еден сериозен проблем, во делот кадешто ќе се испомешаат датумите на едната кампања, на другата кампања, молкот. Тука ние се трудиме секојдневно да се подготвиме ако евентуално имаме предвремени парламентарни избори, да бараме решение, во секој случај ако биде така ние пред нас имаме голем предизвик и сега засега проблем

Не, за капацитетот не станува збор. Државната изборна комисија има и капацитет и искуство, меѓутоа ако ова се случи мислам дека за првпат ќе се случи едно такво поклопување на термините, така што не е во прашање за капацитетот на ДИК, туку во прашање е изнајдувањето на модуси како да ја пребродиме таа ситуација. (Рилковски 9.02.2014) 

Од друга страна, нема причини да се сомневаме дека изјавата на министерот за првда, Блерим Беџети:

Не гледаме дека е потребно Министерството за правда да интервенира во Изборниот законик. ДИK има права и обврски да ги уреди тие прашања. Решението се очекува од нив

е точно пренесена. Само што, неговата изјава и мислењето од неименувани правници од ВМРО-ДПМНЕ:

Мора да се има на ум дека носител на кампањата во претседателските избори се самите кандидати и тоа преку граѓански потписи или, пак, преку потписи на пратеници. Kај парламентарните избори тоа во 99 отсто се партиите

потоа наменски се користаат како поткрепа на заклучокот на крајот од текстот:

Тоа практично би значело дека кога е молк за претседателските избори, би можело да тече ограничена кампања за предвремените избори, бидејќи таа би ја воделе партиите ама само за новиот парламентарен состав.

Веројатно, токму затоа намерно е издвоена во рамка изјавата на професорот Осман Кадриу, кој е дециден  дека „споменатите дилеми може да се разрешат само со измени на Изборниот законик.“

Решение за ваквиот проблем може да бидат само измени во Изборниот законик, па нека се и само за овие избори зашто само така изборната постапка ќе биде во целост регуларна. Не навлегувам во тоа дали измените би биле за поместување на почетокот на кампањата за парламентарните избори, важно е Изборниот законик да понуди решение . (Осман Кадриу)

Како извори на информации се посочени изјавите на претседателот на ДИК, на министерот за првада Блерим Беџети, како и на професорот Осман Кадриу. Текстот се повикува и на анонимни извори „правници од владејачката партија“.

 

КОМЕНТАТОРСКИ ЕЛЕМЕНТИ УШТЕ НА ПОЧЕТОК

Овој материјал има содржина. Прес-конференцијата на Рилковски е тематски обработена, презентирани се  повеќе изјави (официјални, неофицијални), а има и едно едно експертско мислење. Написот нуди и една корисна информација (дадена во посебна рамка) насловена: „два избирачки списока за 27 април“ . Но, проблемот е во тоа  што текстот е тенденциозно скорен. Иако, навидум ги има опфатено двете страни , сепак, во него е видлива јасна интенција да се нападне Рилковски.

Според манирот на кој е обработен, конципиран  и пласиран написот, особено насловот, може да се препознае  наклонетост кон владејачјата партија.

Во текстот се забележуваат низа  коментаторски елементи и тоа  уште во самиот почеток:

Претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилковски вчера се огради од решавање на дилемите…

 

Тој даде оправдување дека ДИK само го спроведува Изборниот законик …

 

Најновиот став на првиот човек на ДИK речиси е истоветен со тоа што еден ден претходно го соопштија од неговата матична партија СДСМ

 

Додека Рилковски ја амнестира ДИK од изборите…

 

…се огради вчера првиот човек на ДИK.

А во коментаторски стил е и заклучокот на текстот:

Тоа практично би значело дека кога е молк за претседателските избори, би можело да тече ограничена кампања за предвремените избори 

Материјалот е потпишан со име и презиме на авторките. Насловот привлекува внимание. Тврдењето пласирано во насловот  има за цел да ја наведе публиката на погрешно мислење и да го претстави Рилковски во лошо светло. Текстот е илустриран со архивска фотографија на Рилковски.

Весникот излегува со претенциозен  напис, кој оди на линија на диксредитација на претседателот на ДИК  и кој сака да ги убеди читателите  во главната поента на насловот: „Рилковски бега од одговорност за дилемите при двојни избори“ .  Онака како што е пласиран, овој новинарски производ покажува дека затаиле професионалните новинарски стандарди при информирањето на јавноста. Медиумот немал намера да се занимава со вистината и коректно да го пренесе апелот на претседателот на ДИК за „политички договор  околу  дикутабилните прашања од  Изборниот законик“. Ваквиот пристап е во спротивност со назнаките во новинарскиот Кодекс, каде уште во преамбулата е прецизирано:

„Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција