Рецензија: Руската црква во посета на Македонија
Нема многу да се задржиме на рецензијата на оваа медиумска содржина со оглед на фактот дека е веќе видена постапката на трансформирање на лошата вест во добра, која, според утврдените техники на спинот, е позната како „перење“ („Копилето наречено „Спин“).
Во техниките на пропагандата, пак, овој начин на дефокусирање на главната поента на информацијата се нарекува „фрејмување“, врамување, односно ставање на содржината во посакувана рамка. Рамка која треба да ја скрие содржината или да ја релативизира.
Оттаму, медиумската содржина што ја рецензираме е целосна манипулација. Манипулацијата оди дотаму што се вели дека информации за оваа посета има на веб-страницата на московската патријаршија, но нема линк.
Зашто, да има линк, ќе се потврди нашата констатација и квалификација за овој новинарски текст.
Линк до оригиналниот напис: Руската црква во посета на Македонија
Датум и време на објавување: 21.12.2014, 16:30
Датум на рецензирање: 22.12.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Дефокусирањето и „фрејмувањето“, односно врамувањето, почнува уште од насловот, кој сака посетата на првиот дипломат на Руската православна црква да ја прикаже како стандардна, па дури и официјална посета, што воопшто не е точно.
Ако некој претендира да ги следи црковните прашања, треба само да собере два и два за да разбере дека митрополитот Иларион (Алфеев), кој е своевиден министер за надворешни работи на Руската православна црква, не доаѓа случајно, не доаѓа во протоколарна посета и воопшто не доаѓа во посета на Македонија. Тој доаѓа по средбата на претставницте на ПОА со рускиот патријарх во Белград и по писмото на Архиепископот на ПОА од скопскиот затвор, како прв политички затвореник, според Хелсинсшкиот комитет за човекови права.
Оттаму, сосема погрешно е второто врамување во поднасловот на текстот кој вели:
„Признавање на автокефалниот статус на Македонската православна црква-ОА во православниот свет била главна тема на средбата меѓу руската црковна делегација и претставниците од нашата црква, која се одржала вчера во Скопје.“
Доколку бил поставен линк до текстот од кој се црпи оваа информација, прво што ќе се види е дека не се споменува никаква тема на разговор од средбата на рускиот владика со претседателот Иванов, со премиерот Груевски, и, како второ, има една сосема поинаква формулација од онаа што се врамува, од средбата со г. Стефан од МПЦ-ОА („Состоялись встречи председателя ОВЦС Московского Патриархата с Президентом и Премьер-министром Республики Македония“)
Таа формулација гласи:
„Темой бесед стало урегулирование канонического статуса этой церковной структуры, находящейся вне общения с мировым Православием.“ (рус.)
„Тема на разговорот беше регулирање на канонскиот статус на оваа црковна структура која се наоѓа надвор од заедницата на Православниот свет.“ (превод)
Никаде МПЦ-ОА не е апострофирана како автокефална. Има разлика кога деталите се во прашање.
Уште еден битен момент оддава намера за врамување. Редоследот на средбите најавени во објавената информација во медиумот. Полуреченицата дека рускиот црковен дипломат се сретнал и со архиепископот на ПОА, освен што содржи политички некоректни и застарени именувања за г. Јован (Вранишковски), сака да наметне небитност на оваа средба.
Токму линковите на кои се повикува информацијата, зборуваат нешто друго. За средбата на митрополитот Иларион (Алфеев) со архиепископот Јован има одделна информација, објавена како прва за разлика од онаа за средбите со Иванов, Груевски и со Стефан („Митрополит Волоколамский Иларион встретился с архиепископом Иоанном (Вранишковским)“), што зборува дека оваа средба е со поголем приоритет од другите.
Оваа рецензија сакаме да ја завршиме со нешто што, барем досега, пропуштија да го нагласат новинарите хроничари и познавачи на црковните прашања: оваа средба има пресудно значење за иднината на МПЦ во поглед на нејзиниот статус во православниот свет и медиумите треба конструктивно да ја прифатат.
Досегашната практика покажала дека митрополитот Илраион, чија извршна титула е претседател на одделот за надворешни црковни врски на Московскиот патријархат, не троши време на протоколарни посети. Неговата задача е да носи сериозни пораки за тешки одлуки. Не е тешко да се претпостави каква порака донел од Москва. Тоа го потврди и одлуката на МПЦ еден ден по објавувањето на медиумската содржина што ја рецензираме.
Рековме дека нема многу да се задржиме на оваа рецензија, ама…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар