Рецензија: САД го ослободи Роберт Николовски осомничен за убиство
Нецелосна и несеопфатна вест на која и недостасуваат најмалку три елементи – точното место каде се случува настанот, времето на случувањето и изворот. Со оглед на тоашто местото на настанот погрешно наведено, читателите на оваа вест, всушност, се дезинформирани, а поради несеопфатноста и збунети.
Линк до оригиналниот напис: http://lokalno.mk/sad-go-oslobodi-robert-nikolovski-osomnichen-za-ubistvo/
Датум и време на објавување: 01.10.2013
Датум на рецензирање: 02.10.2013
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Веста има факти, но дел од нив се неточни. Точно е дека некој бил ослободен од обвинение за убиство. Но, притоа недостасува точното место на настанот – промашена е државата. Наместо Нов Јужен Велс во Австралија, уште во насловот е напишано дека станува збор за Соединетите Американски Држави и дека станува збор за државата Јужен Велс, која, пак, се наоѓа во Англија.
Извори на информации: Во текстот нема наведено извори. Оттука сметаме дека тие се анонимни, а бидејќи станува збор за несеопфатна вест во која не е објаснет ниту основниот контекст, не може да се одреди ниту релевантоста или евентуалната едностраност на изворот или изворите.
Содржајност: Бидејќи е несеопфатна и нема наведено извори, во веста можеби и се прикриваат информации.
Пристрасност: Не може да се утврди дали има спин. Точно е наведен фактот дека некое лице било ослободено од обвинение за нарачано убиство на друго лице. Ниту еден друг детал не е наведен, така што не може да се оцени ниту дали има наклонетост и ако има од каква природа е наклонетоста.
Оригиналност/Плагијат: Во потрагата по оригиналната вест и споредбата извршена потоа, може да се дојде до логичен заклучок дека станува збор за делумна копија на оригиналната вест, која нема наведено извор и која не потпишана, ниту, пак, е наведен линк од каде е преземена. Оригиналот е проширена вест – извештај со цитирани извори и е потпишана.
Квалитет на насловот: Насловот на оваа вест е главниот елемент кој ги дезинформира читателите. Промашен е цел континент како место на случување. Насловот, покрај тоа, не е креативен, но е јасен.
Фотографија: Повторно во споредба со оригиналот и други вести за истиот настан може да се заклучи дека фотографијата е соодветна и дека информира. Нема авторство на фотографијата, која е објавена и на други портали.
Заклучок: Ова е вест во која не биле запазени новинарските стандарди, поради што на крајот имаме производ кој е нецелосен и несеопфатен и што е најважно ги дезинформира читателите.
Во веста недостасуваат следниве елементи: кога се случил настанот , кој кажува, т.е. кој е изворот и каде се случил настанот. Третиот елемент формално го има, но е целосно погрешен со што читателот се дезинформира, но и се збунува. Еве и зошто. Во насловот како место на случување се наведени Соединетите Американски Држави:
„САД го ослободи Роберт Николовски осомничен за убиство.“
Во главата на веста пак е наведен Јужен Велс:
„Обвинителството во Јужен Велс го ослободи Македонецот, Роберт Николовски, кој беше осомничен.“
Вистинското место на случување на настанот е Нов Јужен Велс. Станува збор за три различни локации во светот, кои се прилично оддалечени една од друга, а на кои единствена допирна точка им е англискиот јазик. Поради сето ова веста дезинформира и збунува.
Има уште еден елемент кој при ваков тип на вести не е задолжителен, но е пожелен. Тоа е поширокиот контекст или барем основен бекграунд. Другите вести за истиот настан, како на пример оваа презентирана овде, го содржи овој елемент, поради што на читателите им е јасно во општи црти што е тоа што се случувало со субјектите наведени во веста – кој и зошто бил обвинет и зошто е ослободен од обвинение.
Оттука, без оглед што станува збор за настан оддалечен илјадници километри од нас, без оглед што ликовите ни се малку или нималку познати, без оглед што е настан од рубриката која популарно ја нарекуваат „Црна хроника“, упатно би било новинарите да се потрудат да направат јасна и сеопфатна вест која нема да се задржува само формално на основните новинарски прашања.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар