Рецензија: СДММ го измисли екстерното тестирање за студентите

FireShot-Screen-Capture-078-eksterno-0987-09800-crop-resize-002-final

 

Веќе насловот на написот што го рецензираме зборува за тоа кои се вистинските мотиви за пишувањето на ова новинарско четиво, а тоа е обид на студенското движење наречено „Студентски пленум“, кое застана зад протестите против екстерното тестирање во високото образование, да му се залепи политичка етикета и да се девалвираат ставовите и легитимното право на оваа групација на граѓани јавно да го искажат своето мислење за едно општествено важно прашање кое нив конкретно, и нивните соученици, ги тангира. За да нема никакви дилеми во вистинските намери зад написов, првата негова реченица гласи:

„Младината на СДСМ е главниот организатор на протестите за наводното екстерно тестирање.“

Сепак, за ваквото тврдење потоа не се дава никаква солидна аргументација освен неколку фејсбук-статуси и фотографии на две лица-симпатизери или активисти на Социјалдемократскиот сојуз, покажувајќи со тоа дека помеѓу три и пол илјадната група студенти, кои демонтрираа против намерите на Владата да воведе екстерно тестирање и на факултетите во Република Македонија, се нашле дури (!) двајца припадници на подмладокот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, не како организатори, туку како обични учесници во протестот. Ваквите докази тешко дека некого ќе убедат во тврдењето од насловот и од воведот на текстот, но затоа се повеќе од илустративни за политичкиот спин кој, без многу обланди, им се сервира на читателите.

Текстот е, инаку, поделен на два малку грубо споени делови: првиот, со кој се прави обид за дискредитација на студентското движење преку негово поврзување со опозицијата и вториот, во кој се спори со терминологијата – екстерно и државен испит – при што измените предложени од Владата, наводно, само опозицијата ги нарекувала екстерно тестирање, додека премиерот Никола Груевски појаснил дека државата подготвува државен испит за да се зголеми квалитетот во високото образование. Меѓутоа, и покрај упорните настојувања на претставниците на Владата, пред сè, премиерот Никола Груевски и министерот за образование, Абдилаќим Адеми, нагласено да инсистираат дека од почеток се залагаат за концептот на државен испит, а дека опозицијата и студентите се тие кои ја дезинформираат јавноста дека се најавува воведување на екстерно тестирање, кусиот преглед на објавите од постар датум покажуваат дека во медиумите поимот екстерно тестирање нашироко е користен во контекст на изјавите на владините функционери и тоа токму во медиумите кои ги афирмираат политиките на Владата.

Рецензија: СДММ го измисли екстерното тестирање за студентитеЛинк до оригиналниот напис: СДММ го измисли екстерното тестирање за студентите

Датум и време на објавување: 24.11.2014 13:20

Датум на рецензирање: 1.12.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Во написот се тргнува од едно базично тврдење кое се пласира како факт – дека водачи и „главни повикувачи на студентите да излезат на протести“ се симпатизери и членови на СДММ. Сепак, во овој текст доказ за таквото тврдење не е даден. Ниту на интернет не може да се најде потврда за ваквото тврдење, а симптоматично е што доказ за ова не нуди ниту текстот што го рецензираме, ниту, пак, бројни други написи кои речиси синхронизирано осамнаа во одредени медиуми кои фаворизираат ставови блиски до оние на владејачката коалиција, а ја обработуваат истата тема на идентичен или сличен начин – барајќи ја поврзаноста помеѓу опозицијата, „соросоидите“ и студентските протести. Според тоа, не можеме да избегнеме од впечатокот дека таков „факт“, всушност, е невистинит и неверодостоен.

Како извори на информацијата, а воедно и како докази, се презентираат скриншот-фптпграфии од статуси на „Фејсбук“ на еден од активистите на „Студентски пленум“ – Бојан Матовски, кој пред две години споделил на својот ѕид информација за протестот против поскапување на струјата АМАН, на Алек Гочев, како што се тврди, активист на СДММ, заедно со фотографија од снимката на „Нова ТВ“ на која тој е дел од групата студенти кои се движат по улица и на Гордан Шутаров од општинската конференција на СДММ на Карпош, кој, исто така, е сликан помеѓу илјадниците студенти. Иако овие докази потврдуваат дека последниве две личности, несомнено политички активни во подмладокот на опозиционата партија навистина биле на протестите, никаде не се гледа дека тие таму биле во својство на организатори, туку само како демонстранти, како што не е исклучено дека имало и други лица, симпатизери и на други политички опции, но тоа не придонело за партиска обоеност на студентскиот протест. Што се однесува, пак, до Матовски, кој отворено истапува во јавноста во името на „Студентски пленум“, „истрагата“ спроведена за потребите на написот што го рецензираме, доведе само до едно споделување на постер за АМАН од пред две години. Затоа оваа аргументација воопшто не „држи вода“, а овие извори не можат да се прифатат како релевантни.

Не е потребна голема елаборација на ставот дека написот е крајно несеопфатен и веројатно прикрива информации, кога и со голо око се гледа дека се пласирани само селектирани содржини, кои се обидуваат да ја „покријат“ тезата во насловот. Другата, апострофираната страна, воопшто ја нема во текстот.

Написот е граничен случај на политички спин и политички памфлет, бидејќи извртувањето на вистината не е направено особено суптилно за да биде уверливо за пошироката читателска публика.

Има можност овој текст да не потекнува оригинално од медиумот во кој е објавен, бидејќи тој детаљ не е толку важен колку фактот дека тезата што ја пласира потоа наголемо се обработува, надградува и развлекува во барем пет-шест други медиуми кои афирмираат владини политики.

Обидот за дискредитација на целото студентско движење преку негово поврзување со опозициска партија, конкретно со Социјалдемократскиот сојуз, преку издвојување на два лика од неколкуилјадната поворка на студенти кои демонстрираа за свои права, е повеќе од јасен и овој текст може да се гледа во контекст на поширока кампања насочена кон истата цел, што е евидентна во дел од македонските медиуми. Но, и вака изолиран, овој текст има, сам по себе, доволно нефер и непрофесионален пристап кон темата.

Ако е ова пример на истражувачко новинарство, тогаш примерот е неуспешен. Истрагата не доведе до целта, не е докажано тврдењето во насловот, не се запазени новинарските стандарди, но, затоа, пак, е направен сериозен обид за девалвација на легитимните обиди на еден значаен дел од студентската популација да го артикулира својот политички став надвор од партиските рамки, јавно и гласно, на што како граѓани имаат право. Останува неодговорено прашањето за која цел некој медиум би се пресметувал со студентите со вака штуро и неаргументирано четиво.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција