Рецензија: СДСМ е кум на училиштето „Конгреси Манастири“
„Чаирското основно училиште „Конгреси Манастири“ (Shkolla Fillore Kongresi I Manastirit Shkup), го добило своето име уште во 2006 година, за време на владеењето на СДСМ и тоа со одлука на тогашната влада во која вицепремиер беше Радмила Шекеринска, велат документите до кои дојде Нетпрес. Именувањето на училиштето било направено со Допис од тогашното министерство за образование, во март 2006 година, документ потпишан од тогашниот државен секретар во МОН, Зоран Поповски“.
Токму во периодот кога лидерите на двете најголеми коалициони партии во Владата – СДСМ и ДУИ се најдоа на терен заедно и поминаа еден час во пријатна атмосфера, печатот отвори дебата за тоа зошто кога албанското име на училиштето е транскрибирано на македонска кирилица не било и преведено во – Битолски конгрес. И место актуелната политика да го „испегла“ веднаш јазичкиот конфликт, очевидно настанат во нечија „вжештена глава“, некој се обидува низ овој текст (потоа пренесен од многу портали, телевизии, радија и весници) да стави точка на непријатноста со веќе изџваканата формула „Бранко е виновен за сѐ“. Притоа, ставени се како „докази“ фотокопии од неколку документи во кои никаде не стои она што се тврди во текстот – дека Владата навистина станала „кум“ на училиштето.
Линк до оригиналниот напис:СДСМ е кум на училиштето „Конгреси Манастири“
Датум и време на објавување: 22.11.2013 – 13:59:13
Датум на рецензирање: 25.11.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Согласно на Законот за основно образование (Сл.весник 103/08), Владата на РМ основа само училишта кои се државни (чл.16), а тие се оние во кои учат деца со посебни потреби. Тоа не е случај со „Битолски конгрес“! Како што се гледа од преписката, надлежна за основното образование е општината (тука Чаир), која само го информирала Министерството за образование дека од постојното училиште „Лирија“ прави две основни училишта. Министерството ја дава информацијата во Владата која „само ја разгледува и дава позитивно мислење“, не дава значи ништо што значи одлука, што дури и не е релеватно во контекст на „кумството“ (во прашање е, секако, елаборатот за економска оправданост, веќе одобрен од Министерството, односно се утврдува дека нема дополнителни трошоци од постојните).
Ова никако не значи „кумство,“ а таков документ нема ни можност да го носи ниту Владата, ниту МОН, туку – согласно на член 19 од Законот, „името и седиштето се утврдува со актот на основање,“ а во случајот, по Законот и по актите кои се врзани за барање на мислење, тоа се градоначалникот на Чаир и Советот на Општината, кои и го запишуваат училиштето во регистрационите книги! Во целиот тој правен сообраќај Општина-МОН никаде не е ниту спомнато името на училиштето од никого, туку се говори за издвоен дел од постојното училиште (или се говори за објект „бараки Лирија“).
Извори на информации: Во текстот навидум се понудени фотокопии како илустрации на тврдењето и таму, во тие „хартии“ никаде не се споменува името на училиштето. Тоа не е сторено и со изводот од регистрацијата, каде токму недостасуваат тие сегменти во копијата (!) а, секако, не е цитиран ниту еден член од Законот за основно образование. Впрочем, можело да се побара мислење од основачот (Општина Чаир) за да се види кога и каде се јавил „кумот“, ама ова не е сторено! И тоа е само еден, иако најзначаен испуштен извор за медиумот.
Содржајност: Со отсуство на директни извори и со криење на состојбата и правните квалификации (имаме дописи, информации, известувања, а никаде нема одлука, на пример) не е ни можна содржајност во написот, туку имаме дузина редови кои се просто чисто наведување на невистина.
Пристрасност: ристрасноста се гледа во фактот кога се тврди Владата била кум, а за такво нешто нема никаков доказ во понудените документи, но, затоа, пак, се нуди селектиран список на членови на тогашната Влада каде најпрвин го нема премиерот Бучковски (!), но на прво место се спомнува Шеќеринска (во некои медиуми, кои ја пренесоа веста на дури таа е „кумата“!), иако таа е само еден од неколкуте тогашни потпретседатели на Владата. Од друга страна, не се спомнати другите потпретседатели, тогашниот министер за образование, ниту тогашниот државен секретар во ова министерство.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален, потпишан е од агенцијата како нивна вест, а преземена е од многу други медиуми.
Квалитет на насловот: Насловот е, се разбира, спин, бидејќи, го наоѓа кумот „далеку од олтарот“.
Фотографија: Место фотографија, понудени се копии од документите како илустрација, ама добро се подместени – битно било да се фатат само архивските броеви на преписите, но не и суштината, иако целосно помрачување на тие документи не било можно, па се гледа, на пример, дека регистрацијата е направена во време кога СДСМ не беше на власт! Ова и не е толку битно, ама покажува дека некогаш и кога се обидуваш нешто да прикриеш не е добро да се служиш со фотографии, односно со илустрации.
Говор на омраза: Секако дека текстот се обидува да стигматизира неколку актуелни политичари кои не и се допаѓаат на власта, односно кои и се чинат опасни или промешува некои кои не се битни за владеачките партии, а и воопшто, но кои нудат сосема други, „црни асоцијации“ за да се прикрие присуството на најодговорните лица денес во власта (првите луѓе на ДПМНЕ и ДУИ) за отворањето на училиштето, односно вистината дека тие се веќе осма година на врвот на државата и се најодговорни за состојбите, биле тие дребни или навистина сериозни.
Заклучок: Ова е навистина комплетно фабрикувана невистина за еден настан, кој дури и не го заслужува тој „пиедестал“, се разбира. Но, тоа место му го дава печатот кој најчесто стои зад сите владини чекори. А, кога тие чекори навлегуваат и го нагризуваат имиџот, што за себе сака да го даде ДПМНЕ, тогаш, според правилата на политичката пропаганда, се префрла вината врз конкурентот во демократската борба.
Впрочем, кога јавноста поставува прашање: ако СДСМ е „кумот“, ДПМНЕ нека го „преименува“ училиштето по јазичките стандарди. Тогаш овие медиуми велат: тоа може да го стори само Општина Чаир.
Некогаш е одговорна Владата, а кога треба тоа е Општината (што и вистина е). Да не говориме за просветната инспекција и другите форми преку кои власта може и треба да дејствува кога ќе се појави спорниот момент а тоа е – сега!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар