Рецензија: СДСМ и ДУИ „на линија“
Написот заслужува рецензија, бидејќи е пласиран во рубриката ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА, а всушност не содржи ниту една информација, туку само шпекулација дека најголемата опозициона партија и ДУИ, како партија на Албнците која партиципира во власта, имаат некаква тајна врска, односно дека „се на линија“, а доказ е отсуството на изјави во врска со актуелни дневно-политички теми.
Текстот е интониран на таков начин да сугерира постоење некаква заткулисна, валкана врска помеѓу СДСМ и ДУИ, претставувајќи ги речиси како учесници во некаква завера против јавноста и намерно занемарувајќи го фактот дека политички партии имаат слобода да го изразуваат или да не го изразуваат својот став за некои општествени прашања, дека не е неприфатливо две партии од различна провениенција да имаат исти ставови или, пак, да комуницираат меѓусебно, иако за ниту еден од овие „гревови“ авторот воопшто не понудил доказ дека се вистина!
Линк до оригиналниот напис: СДСМ и ДУИ „на линија“
Датум и време на објавување:27.12.2013, 12:17
Датум на рецензирање: 5.01.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Текстот во целост се темели на шпекулации. Нема ниту еден елемент кој може да укаже на евентуална релевантност на изнесените тврдења.
Извори на информации: Авторот на написот се повикува на пишувањата на shqip.republika.mk без да наведе дека, всушност, станува збор за истиот сајт на кој е објавен и рецензираниов текст само на албански јазик. Текстот на албански, на кој авторот се повикува, е идентичен со оној на македонски јазик и е објавен само 13 минути пред македонската верзија!
Содржајност: Не може да се воочи дека е сторен напор шпекулацијата, дека ДУИ и СДСМ соработуваат заткулисно, издигната на ниво на тврдење, на било каков начин да се провери или поткрепи со изјава или конкретен податок.
Пристрасност: Преку пласирање на непроверени и непоткрепени информации, кои и двете партии, СДСМ и ДУИ, ги дискредитираат, пред сѐ, пред нивното членство (првите дека „шуруваат“ со партија на Албанците за сметка на националните интереси, а вторите дека му работат зад грб на партнерот со кој седат во Владата) овој напис претставува чисто спинување на вистината за дневно-политички потреби.
Коментирање: Коментирањето ја сочинува целата содржина на написот зашто тој и не пренесува информација, туку образложува изнесени шпекулации.
Оригиналност/Плагијат: Интересен за анализа од аспект на автентичноста – идентичен напис без навeден автор, кој на македонски и на албански јазик се појавува речиси симултано и на албанската и на македонската верзија на иститот сајт, при што македонската верзија се повикува на албанската како на извор на пласираните шпекулации.
Квалитет на насловот: Насловот е во духот на шпекулативниот тон на самиот напис и сугерира дека двете партии работат зад грб – некому: коалициониот партнер, сопственото членство или, пак, целата македонска јавност!
Заклучок: Впечаток е дека текстот е направен без ниту минимален напор да се пружат релевантни докази за тврдењата содржани во него. Едноставно, пласирана е шпекулација која на своевиден начин ги дискредитира и едната и другата партија – актери во приказната, а поените би требало да одат на контото на спротивната страна – политичкиот противник, односно „изневерениот“ коалиционен партнер. Се работи за прилично површно сработен продукт на политичка спин-кујна, кој има малку допирни точки со новинарски напис.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар