Рецензија: СДСМ избра претседател на партиската младина и слави со српска песна
Уште од самиот наслов „СДСМ избра претседател на партиската младина и слави со српска песна“, е видливо дека намерата не била да информира кој е новиот лидер на младите социјалдемократи, туку да се потсмева, иронизира. Впрочем, самата содржина на веста од само неколку реда тоа и го потврдува.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ избра претседател на партиската младина и слави со српска песна
Датум и време на објавување: 27.10.2013 – 19:04:44
Датум на рецензирање: 28.10.2013
Рецензент: Оливера Војновска
Вистинитост: Стефан Богоев е избран за претседател на младината на СДСМ, и веста во тој дел е вистинита. Понатаму таа се заснова на анонимни кажувања чија веродостојност не може да се утврди.
„Интересно е што по изборот на новиот претседател на партиската младина, големо славје се случило во дворот …“
Извори на информации: Не се спомнуваат конкретни извори кои присуствувале на изборот на новиот лидер на подмладокот на најголемата опозициска партија. Во материјалот се прераскажани само нечии видувања, импресии и впечатоци од настанот.
Содржајност: Написот не нуди целосна информација за читателот, туку е резултат на една субјективна перцепција. Последната реченица од оваа кратка вест:
„Славењето било проследено со пеење на песната „Рачунајте на нас““
треба да го оправда насловот и да им сугерира на читателите дека социјалдемократите не слават со македонски, туку со српски песни. Што пак, треба да алудира на тоа дека не се баш патриотски настроени.
Пристрасност: Со самата конструкција на веста, вклучително забележливите елементи на иронизирање,
„видлива била и големата радост на присутните небаре победиле на избори“,
се остава впечаток на политичка наклонетост, без воопшто да се сака да постигне објективност и баланс.
Коментирање: Спротивно на амандманот 13 од новинарскиот Кодекс тука се мешаат фактите и мислењата, веста и коментарот.
Оригиналност/Плагијат: Наведено е дека се работи за редакциски текст.
Квалитет на насловот: Насловот привлекува внимание, со ставањето акцент на „слави со српска песна“ претендира да биде и провокативен.
Фотографија: Веста е илустрирана со фотографија од седиштето на СДСМ, но таа не ја покажува атмосферата на славење пред централата на социјалдемократите опишана во написот.
Говор на омраза: Нагласувањето дека социјалдемократите преферираат српска музика, може да се протолкува и како тенденција за дискриминирање преку обид за создавање на стереотип за цела партија.
Заклучок: Делови од написот содржат конструкции, кои редакцијата се обидува да и ги сервира на јавноста како вистина, иако се забележува дека се работи за паушални толкувања. Материјалот содржи елементи на една вест, но стилот и начинот на кој таа е стокмена укажува на тенденциозност.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар