Рецензија: СДСМ ќе одржи прес против Обама поради снегот?

 

24sneg-amerika-09876-098-crop-resize

 

Ха, ха, ха… Тоа би било оцената за вистинитоста во овој материјал, секако, во наводници новинарски. Имаме пример на ептен намерно мешање „баби и жаби“, ама по најлош можен рецепт – без каква било поврзница, без никаква спојка, туку-така од небо во ист кош се ставени „невремето во САД, Македонија, односите меѓу власта и опозицијата и дилемата дали СДСМ ќе одржи прес-конференција против Обама“?

2Линк до оригиналниот напис: СДСМ ќе одржи прес против Обама поради снегот?

Датум и време на објавување: 27.01.2015 13:57

Датум на рецензирање: 29.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

МЕШАЊЕ БАБИ И ЖАБИ ПО НАЈЛОШ РЕЦЕПТ

Навистина, треба „многу ум“ за да се разбере текстот за кој некому му требало малку расудување и новинарски сенс за да го скрои. Невидено!!! Сторијата тргнува од тоа дека има страшно невреме во САД, што е факт, дека има проблеми и попречувања во сообраќајот, што е факт, и потоа доаѓа, пак ќе повторам, од нигде никаде, СДСМ и обвинувањата кои оваа партија ги изнесе на сметка на власта поради лошото менаџирање на последиците од временската непогода минатиот месец. Па, чекајте, ако сакаме да бидеме објективни и правични, треба да потсетиме дека самиот министер за транспорт и врски го критикуваше ЈП „Македонија пат“ дека навремено не реагирало на снегот и на студот поради кои имаше блокирани патишта во земјава и патници кои со саати завеани седеа во своите автомобили. Значи, ако Владата ги кара надлежните институции, тоа е во ред, а ако опозицијата ја кара Владата, која, сепак. ја има клучната одговорност, не чини. Малку далеку од објективниот пристап што треба да го краси секое легитимно новинарско дело, нели?

Но, тука не завршува сѐ. Се прави некаква аналогија меѓу овдешната и опозицијата во Америка, што во најмала рака е исклучително тешко прашање поради огромните разлики во уредувањето на двете земји. САД се федерација, со широки овластувања на секоја од 50-те сојузни држави, кои, пак, имаат екстремно висок степен на децентрализација. Овие факти, секако, се многу поинакви од Македонија и од нејзиното фактичко централизирирано устројство, во кое според досегашната практика, за жал, сè се решава од тесен круг на луѓе во Скопје. Оттука, кога се зборува за опозицијата во САД и за нејзиното дејствување, треба да се има предвид дека тоа е, сепак, поинаква материја од опозициското дејствување во земјава. Секако, не треба да се заборави дека на тамошната јавност, која има висок степен на свесност за одговорноста на власта, не ѝ треба „опозицијата“ да ѝ каже дека надлежните служби не се снашле, или пак прекумерно реагирале на снежните навеви. Затоа, споредбите меѓу двете земји, особено во делот на „критики за справување со невремето“, се детски.

На крај, пак, доаѓа, би си дозволил да кажам, ептен „блесавиот“ дел кој мора да се цитира за да се увиди неговата „новинарско-аналитичка тежина“:

„… се поставува дилемата дали сега Атанаско Тунески, Шилегов или можеби самиот Заев ќе одржи прес-конференција против Обама за несправување со невремето или ќе лоцира одговорност поради обилните врнежи на снег во САД…“

Ќе имав разбирање ако ова било некаков вид козерија, па, ајде сега, низ хумористични очила да ја гледаме реалноста, но овој материјал воопшто немал таква цел. Се сакало, низ апсолутно несоодветен пример, да се влечат паралели меѓу САД и Македонија, да се критикува опозицијата зашто ја критикувала власта и на крај сето тоа да финишира со „обланда“ која требало да биде смешна.

Хм, за жал, финишот не е смешен, туку целото „дело“, кое е целосна копија, е трагично.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција