Рецензија: СДСМ наместо за победа, се подготвува за пораз

28-098-0099877-crop-resize

„Веста е таков облик на новинарско изразување со кој, во најкуси црти – откако ќе се одговори на прашањата: кој, каде, кога, што, како или зошто, и евентуално, од кого потекнуваат податоците и што ќе биде натаму – јавноста се известува за еден или повеќе факти: за некаков настан, за извесна општествена или природна појава, за некоја личност, при што тоа соопштение мора да биде ново, актуелно, вистинито, важно или занимливо…“Душан Славковиќ.

 

 

„Коментарот е јавно изразено или напишано мислење за внатрешниот склоп, предисторијата и последиците од еден актуелен настан или појава. Додека веста и извештајот зборуваат за настанот, појавата, човекот, дотогаш коментаторот, како најтипичен аналитички жанр, се прави по повд настанот, појавата, човекот“Душан Славковиќ.

Од ова гледаме дека во новинарската теорија има голема, ептен голема разлика меѓу веста и коментарот. Но, овде кај нас новинарската практика, барем во последно време, покажува дека сѐ е можно, па дури и мешање „баби и жаби“. Така е и со овој текст.

2Линк до оригиналниот напис: СДСМ наместо за победа, се подготвува за пораз

 Датум и време на објавување:  23.03.2014, 16:31

Датум на рецензирање:  24.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ДАЛИ Е ВЕСТ, ДАЛИ Е ИЗВЕШТАЈ? – НЕ, КОМЕНТАР Е!!! 

Од каде попрво да се почне во детектирањето на проблемите? Еве од тоа дека станува збор за класично подметнување – наместо вест имаме коментар. Најголемиот дел од текстот, всушност, е нечиј осврт, а тоа не е јасно наведено.

„Извршниот одбор на СДСМ донесе алиби одлука  за престојните избори, СДСМ одбра пратеничките листи кои партијата ја подготвуваат за пораз а не за победа…“

 

„И со ваквата одлука на раководството себеси да се амнестира од евентуален пораз и да не се стави на листите на пратеници значи дека раководството на СДСМ на овие избори не гледа како можност да дојде на власт туку подготовка за опстојување и задржување на позициите во рамките на партијата“.

И повторно ќе досадуваме, бидејќи очигледно некој не разбира:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“член 13 од Кодескот на новинарите на Македонија.

Ајде да преминеме на изворите за ваквите остри заклучоци во овој т.н. коментар. Ги нема. Ако не верувате забележете и самите.

„Од друга страна, АНАЛИТИЧАРИТЕ коментираат дека ваквата одлука е производ и на фактот што и на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска им е доволно јасно дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ уживаат апсолутна поддршка од граѓаните“.

 

„…се најприсутните КОМЕНТАРИ после одржаната седница на највисокиот орган на социјалдемократите“.

 

„Од друга страна тоа на извесен начин значи и изневерување на сопственото членство кое се турка во првите борбени линии а на безбедно опркужување се сместува самото раководство, коментираат ЕКСПЕРИТЕ“.

Аман, дајте веќе еднаш кридибилни извори и назначени соговорници кои ги потврдуваат ваквите заклучоци. Не ми е јасно како се гради цел „случај“ без адекватни и, пред сѐ, кредибилни извори на информации. Овде нема нешто што „сензационално“ се открива за да се заштитат некакви извори или, пак, да се подведат под категоријата анонимни.

 

АНАЛИЗА ДА, АМА НЕ И ВАЛКАНИЦИ

Од содржински аспект, во ред е да се анализира новата пратеничка понуда на опозицијата, ама тоа да се направи во согласност со професионалните стандарди, а не преку „трачерски“, „петпарачки“ пристап со јасни омаловажувачки елементи.

„Додека Рената Десковска важела за човек од крилото на црвената буржоазија на СДСМ“;

 

„Петар Шилегов важи за адвокат на богаташите на СДСМ и близок до Црвенковски“.

„Црвена буржоазија“ – ова одамна не сум го чул, ама не верувам дека тој што го напишал воопшто и го разбира значењето на овој термин. 23 години демократија и сѐ уште зборуваме за „црвена буржоазија“!!!

Едноставно, нема бегање од стихијата од пристрасност застапена во написот. Се немало ама баш никаква кочница или барем ограда при пишувањето на текстот, кој повеќе наликува на четиво од нечиј „центар“, отколку на материјал создаден во нормална редакција за што зборува и неговиот близнак објавен на „братскиот“  портал.

„….после  ваквата одлука на СДСМ се гледа извесна победа на ВМРО-ДПМНЕ на престојните избори од над 63 пратеници во парламентот“.

Инаку, желбата на владејачката партија, не навлегуваме дали е тоа реално, се токму 63 пратеници. Чудна коинциденција меѓу таа желба и ова материјалче, нели?

 

КОЈ НАМЕРНО ВЛЕГУВА ВО БИТКА ЗА КАТАСТРОФАЛНО ДА ЗАГУБИ?

За да кажете дека некој влегува во битка за да ја изгуби треба да имате многу добри сознанија, факти, докази и одличен новинарски преглед врз целата ситуација за тоа да го поткрепите. Такво нешто овој текст не нуди, бидејќи како контрааргумент може да се постави тезата дека ако опозицијата е толку уверена дека ќе „тропне“ на претстојните избори, тогаш зошто не решила да ги бојкотира. Затоа, сметам насловната конструкција е нецелосна и несоодветна и не ја одразува целосната слика на актуелното политичко милје – како меѓупартиско, така и внатрепартиско. Имаме формулација која зрачи со сензационализам, но и очигледно партиски мотивирана тендециозност.

Уште финално не биле потврдени кандидатските листи за пратеници на опозицискиот конгрес кога овој текст веќе бил напишан и објавен. Навистина, ангажирано новинарство или „партиска маша“? Јас би рекол дека е ова второво. Власта „формално“ ѝ дала еден ден здив на опозицијата, а, всушност, судејќи според напишаното, „неформално“ преку своите „медиумски испостави“ веднаш удрила по „ликот и делото“ на потенцијалните пратеници од другиот табор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција